Учебната година почнува, што ќе научиме за животот?

  • Секој прв училиштен ден е, всушност, нова можност да се постави едно големо прашање: Што, навистина, сакаме нашите деца да научат?
  • Училиштето не е само место каде што детето треба да стане образовано.
    Тоа треба да биде место каде што детето станува – човек. Затоа што дипломата е важна. Но карактерот е поважен. Знаењето е моќ. А начинот на кој човек ја користи таа моќ кажува кој е тој
  • На почетокот на секоја учебна година треба да си повториме нешто што премногу лесно го забораваме: Не учиме само за оценката. Учиме за животот!
  • Со овој септември почнува уште една шанса да разбереме дека образованието не е цел сама по себе. Образованието е пат до подобар човек и подобро општество. Да не го заборавиме тоа! Среќен почеток на учебната година

Повторно се отворија училишните врати. Замириса на нови тетратки, заѕвонија првите училишни ѕвона, се наполнија ходниците со детски гласови, со возбуда, со трема и со илјадници мали очекувања. За некои, првпат.

За други, веќе познат амбиент. Но секој прв училиштен ден е, всушност, нова можност да се постави едно големо прашање: Што, навистина, сакаме нашите деца да научат?

Да, сакаме да читаат и пишуваат. Да знаат математика, јазици, природни науки, историја и технологија. Сакаме да имаат знаење, затоа што знаењето отвора врати и му дава на човекот слобода да избира.

Но ако од училиштето излезат со одлични оценки, а без почит кон другиот, ние сме потфрлиле. Ако научат да решаваат равенки, но не знаат да решат човечки конфликт – сме ги научиле само на половина од она што им треба. Ако научат да победуваат, но не и да му подадат рака на оној што губи, сме создале амбиција без човечност. Ако знаат да зборуваат, но не знаат да слушаат, сме создале глас, но не и личност.
Училиштето не е само место каде што детето треба да стане образовано. Тоа треба да биде место каде што детето станува – човек. Затоа што дипломата е важна.

Но карактерот е поважен. Знаењето е моќ. А начинот на кој човек ја користи таа моќ кажува кој е тој. И затоа на почетокот на секоја учебна година треба да си повториме нешто што премногу лесно го забораваме: Не учиме само за оценката. Учиме за животот! Учиме дека различноста не е закана. Учиме дека туѓиот успех не е наша загуба. Учиме дека да кажеш „извини“ не е слабост. Дека да признаеш „не знам“ понекогаш е најчесниот почеток на знаењето. Дека да му помогнеш на послабиот не значи дека си послаб. Дека вистинската храброст не е да го натераш другиот да се исплаши од тебе, туку да бидеш доволно силен да не повредиш. Учиме дека зборовите можат да лекуваат, но можат и да рануваат. Дека исмевањето не е шега ако некого го боли. Дека молкот пред неправдата понекогаш значи дека си застанал на страната на неправдата. И дека најважниот човек во училницата не е оној што секогаш знае сè, туку и оној што знае да праша, да се посомнева, да размисли и да го каже своето мислење без да го понижи туѓото.

На децата не им треба свет во кој сите мислат исто. Им треба свет во кој можат различно да мислат, а сепак да се почитуваат. Им треба образование што нема да ги учи само како да стигнат до врвот туку и како да не го газат оној што останал зад нив.
Затоа што животот не е тест со заокружување на еден точен одговор. Животот е низа одлуки. Ќе има денови кога ќе победат и денови кога ќе изгубат. Ќе има неправди. Ќе има разочарувања. Ќе има луѓе што ќе ги повредат и луѓе што ќе им помогнат. Ќе има моменти кога никој нема да им каже што е правилно. Тогаш нема да им помогне само она што го научиле напамет. Ќе им помогне она што го изградиле во себе. Затоа, нека оваа учебна година не биде само година на оценки.

Нека биде година на љубопитност. На пријателства. На почит. На храброст. На грешки од кои се учи. На прашања што немаат веднаш одговор. На деца што ќе научат дека успехот не се мери само со тоа колку високо ќе се искачат туку и со тоа колку луѓе ќе подигнат со себе. И нека најголемата лекција што ќе ја понесат од училиштето не биде формула, дефиниција или датум. Нека биде едноставна, но тешка за живеење: Биди добар човек!

Затоа што на крајот, кога ќе исчезнат оценките, дипломите и титулите, останува само човекот. Останува како си се однесувал кон другите. Како си зборувал со оние од кои немаш никаква корист. Дали си помогнал кога можел? Дали си застанал кога било полесно да се свртиш на другата страна? Дали си знаел да бидеш пријател? И токму затоа, сега не почнува само нова учебна година.

Со овој септември почнува уште една шанса да разбереме дека образованието не е цел сама по себе. Образованието е пат до подобар човек и подобро општество. Ако го заборавиме тоа, можеме да произведеме многу учени луѓе. Но не мора да произведеме и многу мудри луѓе. Затоа, среќен почеток на учебната година.

И уште нешто… Деца, учете вредно. Прашувајте храбро. Мислете слободно. Сонувајте големо. И, пред сè – бидете добри едни кон други. Зашто најважната лекција од училиштето не е онаа што ќе ја напишете во тетратката. Туку онаа што еден ден ќе ја напишете со својот живот!