Ако се точни пресметките, досега Арсовска успеала да смени 36 директори на јавни градски претпријатија или институции што се под директна надлежност на градските власти. Јавноста е збунета, не ѝ е јасно што се случува. Како толку лесно се менува цело едно раководство, речиси на секои три месеци? Тоа се сериозни турбуленции, тектонски поместувања во континуитетот на работењето. Не од персонален или од партиски аспект, туку од програмски… Дали им се дава шанса да создадат и реализираат некаква програма со која ќе влезат во потесен круг, па врз база на неа и ќе бидат избрани? Или разрешени, доколку не ја реализираат? Затоа што одговорноста кон граѓаните е пред сѐ и над сѐ! Но имаат ли тие време да се стават во функција на граѓаните, во полн капацитет?
Јавните градски претпријатија во Скопје никако да се стабилизираат. Овде пред сѐ мислиме во поглед на менаџментот, бидејќи како никогаш досега директори се менуваат доста често. И мојата поента воопшто не се именувањата и разрешувањата како персонални или партиски или вонпартиски решенија, туку принципот дека краткото време на вршењето на нивната функција не дозволува реализирање на програмата што е предвидено да се реализира во делокругот на работењето на јавното претпријатие. А сето тоа би требало да е во функција на граѓаните на Скопје, нели?
Имено, последен во низата е огласот што Град Скопје го објави за назначување директор на МКЦ, институција за чие раководство пред неколку месеци се водеше жестока дебата во јавноста. Колку да потсетам, летово, пред неколку месеци, откако беше сменет првиот директор на оваа институција, градоначалничката Данела Арсовска назначи друг в.д. директор, дипломиран детектив. За тоа назначување антикорупционерите донесоа одлука за поведување кривична постапка оти беше констатирано дека таа го прекршила законот со тоа што именувала за раководно лице што не било вработено во јавната установа, спротивно на чл. 31 од Законот за култура.
Според пишувањата на некои колеги новинари, досега Арсовска успеала да смени 36 директори на јавни градски претпријатија или институции што се под директна надлежност на градските власти.
Претходно беа сменети директори на Зоолошката градина, на ЈП „Комунална хигиена“, на „Водовод и канализација“, и тоа двапати, колку што ме служи сеќавањето, третиот сѐ уште е на директорското место. До кога, ќе видиме. Всушност, сменети беа директорите на сите градски претпријатија.
Нестабилноста со овие лесни и чести промени на менаџмент доаѓа сама по себе. Да не звучам пристрасно, меѓутоа, никој не може за само неколку месеци работа да донесе видливи резултати. Секому му е потребно време за да може да остави некаква трага дека нешто сработел.
Па, се прашувам, како воопшто се избираат тие директори да директоруваат со цело едно претпријатие од кое зависат целиот град и неговите 600 илјади жители? Врз која база тие стануваат први луѓе, дали се избираат врз база на некоја програма, идеи, реализирани остварувања во конкретната област?
Секаде во светот за овие позиции се пуштаат огласи, се бараат стручни и кадарни лица, но кај нас очигледно дека е малку поинаку.
И поради тоа се случува она што се случува. Ако имале некаква програма (која веројатно се одобрува од повисока инстанца), зошто не им се даде шанса да ја реализираат? Тука баш одговара поговорката „сложни браќа куќа градат“. Ако имаат добро воспоставена соработка со Советот и со градоначалничката, не верувам дека нема да има резултати.
Ете, градоначалничката е речиси две години на местото, па сѐ уште ја нема докрај реализирано програмата, а истата таа беше обемна и амбициозна… И таа, како и секој директор, има мандат во кој треба да го исполни она што е дел од програмата на градоначалникот, но и личната програма со која ќе се унапреди работењето во корист на граѓаните.
Јавноста е збунета, не ѝ е јасно што се случува. Како толку лесно се менува цело едно раководство, речиси на секои три месеци? Тоа се сериозни турбуленции, тектонски поместувања во континуитетот на работењето. Не од персонален или од партиски аспект, туку од програмски… Дали им се дава шанса да создадат и реализираат некаква програма со која ќе влезат во потесен круг. па врз база на неа и ќе бидат избрани? Или разрешени, доколку не ја реализираат? Затоа што одговорноста кон граѓаните е пред сѐ и над сѐ! Но имаат ли тие време да се стават во функција на граѓаните, во полн капацитет?
Градските претпријатија постојат за да ги задоволат и извршат потребите на граѓаните, но со овој начин на обезглавување, првенствено потребите на скопјани лебдат незадоволени, а со тоа расте и незадоволството кај нив.
Да се разбереме, ние не сме Белгија, која успешно функционираше цела година дури и без централна влада.
Таму секој си ја знае работата, системот си функционира бидејќи е усогласен, владее и правото, а и практиката, е востановени, институциите непрекинато работеа и целото општество совршено функционираше. Тие институции што ги задоволуваат потребите на граѓаните функционираат беспрекорно.
Ние не можеме да се скрасиме со стабилен менаџмент. Впрочем, стабилноста па и никогаш не ни била јака страна. Ниту на централно, ниту на локално ниво…