Нема ништо револуционерно во лигавите стихови од „Flowers“ на Мајли Сајрус, како што, на пример, имаше кога Мадона го објави албумот „Еротика“, со кој помогна да се демистифицира сексот во поп-културата и ја скандализира пуританска Америка, соблазнувајќи ги пристојните граѓани на својата татковина. Ако веќе правиме некаква паралела со примери од музичката мејнстрим поп-сцена, актуелниов пример нема ама баш никакво културолошко значење
Можам сама да си купам цвеќе, можам сама да си го напишам името во песок…уу, ууу бејби… Се фаќам како си ја потпевнувам по дома песнава на Мајли, непосредно по пазарењето долу во супермаркетот, каде што веројатно одеше во заднина на радио. Песнава вреска буквално од секое ќоше, невиден хит, подоцна читам, особено кај жените. Ја нарекуваат дури химна на женската самостојност и сила?! Ја препорачуваат и разни „коучови“ за самогрижа и женска самосвест, велат ја издигнувала свеста за грижата за себе. Дури имала и терапевтско дејство. Се чудам како ич не ми текна на ова, додека како здодевна мува ми зуеше во глава, инаетливо заглавена во моите професионално деформирани, неселективни уши, приемливи за сѐ и сешто.
Решавам наместо да пеам, со мојов лош слух и уште полоши гласовни можности, да седнам и да подистражам малку, којзнае, можеби ќе има материјалче за мојата редовна колумна, која оди двапати месечно, доволно динамичен распоред за да се каже нешто паметно, особено ако работиш од дома и социјалниот живот ти е сведен на нула, а еднакво пропорционално со тоа и инспирацијата. Сепак, ова тон време да си зборуваш со себе со часови (како што пее Мајли во „Flowers“) си има и добра страна, како на пример да се позанимаваш со некои популарни феномени, кои во нормални околности не би ти паднале во око.
Еве до што ме доведе моето мало истражување. Некои „длабоко освестени“ (жени) по светските и домашни портали и социјални мрежи велат дека песната на Мајли Сајрус отворала длабоко филозофски прашања, како тие за индивидуалноста наспроти заедништвото и откажувањето од првото во име на второто итн., па се редат коментари од типот: песната е мало потсетување за тоа дека љубовта кон себе е најважна, вчера си купив мимози… И некаде при крајот на еден пост на оваа тема коментар на моја пријателка и поранешна колешка (која, патем, носи име на едно цвеќе) што конечно ја фаќа поентата: „Ако се чекаше на Мајли да нѐ потсети, мав ни е работата!“
Нема ништо револуционерно ниту во видеото во кое навежбаната Мајли самозадоволно танцува на жешкиот калифорниски рид. Напротив. Уште еден стереотип за женската сила, која секако не се крие во припениот секси златен фустан на Сен Лорен. Уште помалку во машкиот костум што го носи на крајот од видеото, а чија симболика само го потврдува закоравениот стереотип дека „мажите се силни, а жените кревки“. Оттука, „Цвеќињата“ на Мајли Сајрус не излегуваат од патријархалната матрица во која често (несвесно) запаѓаат и оние што против неа се бунтуваат
Е, сега вака. Лесно певливите стихови на „Flowers“ се очаен крик на изневерена и напуштена жена (таквите се во мода, особено откако по разводот Адел го објави својот албум „30“), тие се сѐ освен химна или ода на женската сила, чие најголемо достигнување не е да танцуваш сама со себе, ниту сама да си купиш цвеќе (особено не ако потоа го ставиш во ваза на убаво уредена трпеза, со внимателно приготвен ручек, во беспрекорно исчистен стан, по часови поминати во кујна). Женските самосвест и интегритет најмалку зависат од статусот, ако ги поседувате, тие постојат независно од тоа дали имате партнер или не, или дали партнерот ве изневерил со 14 жени и ве напуштил за конечно да сфатите дека треба да имате „љубов кон себеси“. Оттука, нема ништо револуционерно во овие лигави стихови, како што, на пример, имаше кога Мадона го објави албумот „Еротика“, со кој помогна да се демистифицира сексот во поп-културата и ја скандализира пуританска Америка, соблазнувајќи ги пристојните граѓани на својата татковина. Ако веќе правиме некаква паралела со примери од музичката мејнстрим поп-сцена, актуелниов пример нема ама баш никакво културолошко значење.
Нема ништо револуционерно ниту во видеото во кое навежбаната Мајли самозадоволно танцува на жешкиот калифорниски рид. Напротив. Уште еден стереотип за женската сила, која секако не се крие во припениот секси златен фустан на Сен Лорен. Уште помалку во машкиот костум што го носи на крајот од видеото, а чија симболика само го потврдува закоравениот стереотип дека „мажите се силни, а жените кревки“.
Песната на Мајли со ништо не го заслужува епитетот „химна на женската сила“ (можеби нејзината интенција и воопшто не била таква), но секако е феномен тоа што илјадници жени препознаа такво значење во овие стихови, феномен што единствено можам да го објаснам со тоа дека сѐ уште сме заглавени во традицијата, која на жените им нуди само две главни слики, онаа на слатката тапа Снежана и лошата луда Кралица. И ништо друго помеѓу. Како сѐ уште да се прпелкаме, со некои исклучоци, во стариот поредок… Оттука, „Цвеќињата“ на Мајли Сајрус не излегуваат од патријархалната матрица во која често (несвесно) запаѓаат и оние што против неа се бунтуваат.