Ракометарите на Вардар 1961 по рекорден 18-ти пат го освоија Купот на Македонија, откако во драматично финале во Струмица славеа над Охрид со 24-23.
Во салата Парк, Вардар подобро го отвори натпреварот и поведе со 8-4 на средината од првото полувреме, но дебитантот Охрид се врати во игра и на пауза замина со минимална негатива од 12-13.
Во вториот дел, Охрид продолжи со добрата игра и во 42. минута стигна до предност од 20-17, најавувајќи сензација, но ракометарите на Вардар одговорија со серија од 5-1 и повторно го презедоа водството (22-21), па натпреварот влезе во неизвесна завршница. Охрид го имаше последниот напад со играч повеќе и шанса за изедначување и обезбедување на пенал пресметка, но не успеа да реализира, па трофејот замина во рацете на „црвено-црните“.
За најкорисен играч (МВП) на завршниот турнир беше прогласен ракометарот на Вардар, Јака Малус кој исто така беше и најдобар стрелец на турнирот. Признанието најдобар голман му припадна на чуварот на мрежата на Охрид, Кристијан Пилиповиќ.
Претходно ракометарките на Ѓорче Петров стигнаа до 19 Куп титула, откако славеа во женското финале од Купот на Македонија победувајќи ја екипата на Спартак со резултат 33-30.


































