Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Од англиската Премиер-лига во трка за трофеите сезонава тргнаа девет клуба, а во полуфиналињата се четири, има претставник меѓу четирите најдобри во сите три купа и еден сигурен финалист

Англија има полуфиналисти во секој од трите европски фудбалски купа сезонава и ќе има еден сигурен финалист, откако се комплетираа четвртфиналињата во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и во Конференциската лига (КЛ). Вкупно шест земји ќе бидат застапени во трите полуфиналиња.
Од англиската Премиер-лига во трка за трофеите сезонава тргнаа девет клуба, а во полуфиналињата се четири, и тоа Арсенал во Лигата на шампионите, Нотингем форест и Астон вила во Лига Европа и Кристал палас во Конференциската лига, со тоа што Англија во Лига Европа ќе има финалист, откако некогашните европски прваци Нотингем форест и Астон вила ќе играат меѓу себе во полуфиналето.
Со по два клуба ќе бидат застапени три земји, и тоа Франција (Пари сен Жермен во ЛШ и Стразбур во КЛ), Германија (Баерн во ЛШ и Фрајбург во ЛЕ) и Шпанија (Атлетико во ЛШ и Рајо Валјекано во КЛ). По еден претставник ќе имаат Португалија (Брага во Лига Европа) и Украина (Шахтер во Конференциската лига).
Според полуфиналистите во Лига Европа, чиј победник ќе обезбеди место во Лигата на шампионите за идната сезона, Португалија, Германија и Англија можат да имаат дополнително место во најсилниот европски куп.

Според табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА), пак, Англија веќе обезбеди дополнително место во ЛШ за идната сезона, а за второто такво место во трка се Шпанија, Германија, Португалија… За таа табела се сметаат сите резултати на клубовите во сите три европски купа, и тоа победите, ремијата, пласманите на табелата во лигашката фаза, пласманите во секоја нокаут-рунда…
Англиската Премиер-лига може да има 10 клуба идната сезона во сите три европски клупски натпреварувања, а точниот број ќе зависи од тоа кој ќе освои трофеи и од нивните пласмани во домашното фудбалско првенство, пишува „Би-би-си“.
Англија во претходните пет сезони имаше по два победника на ЛШ и на КЛ и еден во ЛЕ, а вкупно девет финалисти во трите купа во тие пет сезони. Сезонава Англија имаше девет клуба во трите континентални натпреварувања. За идната сезона во ЛШ Англија има пет сигурни места (четири од првенството, едно преку табелата на УЕФА), со опција за уште едно преку Лига Европа (Англија сезонава веќе имаше шест тима во ЛШ, рекорд за една земја). Од земјите со најмалку четири сигурни места во Лигата на шампионите, Шпанија и Германија имаат шанси за еден дополнителен претставник преку табелата на Европската фудбалска унија (за петтопласираниот тим во домашното првенство), а Германија и за уште еден клуб, преку Лига Европа. Н.М.


ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ПОЛУФИНАЛИЊА
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

ПСЖ – Баерн 28 април
Атлетико – Арсенал 29 април
реваншите се на 5 и на 6 мај

ЛИГА ЕВРОПА
Брага – Фрајбург 30 април
Нотингем ф. – Астон вила 30 април
реваншите се на 7 мај
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Шахтер – Кристал п. 30 април
Рајо Валјекано – Стразбур 30 април
реваншите се на 7 мај