Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека граѓаните на Бугарија на денешните парламентарни избори ќе изберат влада со јасна проевропска ориентација и фокус на добрососедските односи.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски нагласи дека идниот бугарски премиер треба да биде насочен кон европските вредности, наместо кон билатерални прашања.
– Очекувам новата влада да биде вистински промотор на копенхагеншките критериуми и на темелните европски вредности дефинирани од Конрад Аденауер, Роберт Шуман и Алчиде де Гаспери, а не да се фокусира на прашања од минатото – изјави Мицкоски.
Тој изрази и разочараност од нискиот одѕив на македонските Бугари на изборите.
– Само околу 250 лица покажале интерес да учествуваат, што е далеку под очекувањата, особено ако се имаат предвид проценките што ги изнесува Румен Радев за нивниот број – рече премиерот.
Во меѓувреме, гласањето во Бугарија започна во 7 часот и ќе трае до 20 часот, со можност за продолжување до 21 часот доколку има редици.
Во изборната трка учествуваат 24 партии и коалиции, со вкупно 4.786 кандидати за 240 пратенички места. Од нив, 1.440 се жени, а 3.343 мажи.


































