Пандоро, отвори ја кутијата!

Високиот степен на криминал и корупција е резултат на невладеењето на правото. Министерот за правда, наместо да докажува колку Албанци има во државата, требаше да почне сериозни реформи во правосудството, за да не се случуваат театри и со Судскиот совет, со непотизмот во Академијата за судии и обвинители, со чудните избори во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во подреденото Јавно обвинителство, кое постапува само кога ќе му биде даден „ишарет“ одозгора, со нарачаните процеси и пресуди, со континуираното мешање на политиката во судството…
Тоа се вистинските проблеми за министерот, а не дали имало графа за етничка припадност во изводите

Сè позачестените јавни прозивки и укори од страна на американскиот Стејт департмент, како и од дипломатските претставници во земјава, го натераа заспаното судство да почне да работи нешто или барем да остава впечаток во јавноста дека конечно правдата во Македонија ќе го здогледа светлото на денот.
Почнаа да се вадат од фиока случаите од пред 10 години, да се носат пресуди во кои се бара враќање на украденото и се врши конфискација на имотот, Уставниот суд конечно се реши да се изјаснува во иницијативите и претставките во некој разумен рок, наместо како досега „да ги заборава“ по неколку години по фиоките и да чека некој одозгора да му намигне дали да се изјаснува по нешто или, пак, едноставно да се прогласи за ненадлежен. Сето ова последниве неколку дена кај обичните лаици остави привид дека работите се придвижија, дека мрдна нешто, иако оние што добро ги познаваат работите, воопшто не се убедени во тоа и знаат дека станува збор за обична фарса со која им ги замачкуваат очите, како на странците, така и на македонските граѓани.

И додека некои од македонските граѓани барем ден-два живееја со илузијата дека странците ќе го размрдаат длабоко политизираното правосудство, порака на отрезнување стигна од министерот за правда Кренар Лога, дека не треба да се отвора Пандорината кутија, оти ќе се виделе сите незаконитости правени досега.
Токму министерот чија главна функција е да се грижи за владеењето на правото и на правната држава демонстрираше како не треба да се работи. Наместо Македонија што повеќе да го усогласува домашното законодавство со ЕУ, министерот почна обратен процес, да ги менува законите со упатства, што е спротивно на европските препораки и практики.

Првиот човек во ресорот правда, поведен од желбата што повеќе да го крене партискиот рејтинг исклучиво меѓу албанското малцинство во земјава, донесе упатство со кое во новите изводи на родените ќе се впишува и етничката припадност. Тоа го нема во ниту една европска земја, бидејќи станува збор за интимно чувство на секој граѓанин и тоа не треба да биде истакнувано јавно. Етничката припадност е запишана таму каде што треба, во матичните книги и таму треба да остане.

Но министерот Лога, можеби заслепен од „визиите“ на неговиот поранешен колега во албанската влада Спартак Нѓела, кој „виде“ трета албанска држава во Македонија со милион Албанци во неа, почна со изводите да прави јасна дистинкција кои се Албанци, за да види уште колку фалат за да станат милион.
Како и да е, малку чудно за овдешната јавност, но Уставниот суд конечно се изјасни во некој разумен временски рок и донесе привремена забрана за новите обрасци, забрана што ќе трае некаде до Нова година. Мудро, нема што, уставните судии донесоа привремена мерка оти се свесни дека мора да остават простор за партиско пазарење пред изборите, така што партиите веројатно и за ова барање за етничката припадност во изводите, како и она за „20 отсто“ во Уставот, ќе најдат некое решение што ќе се протурка на мала врата за да се обезбеди стабилна коалиција во пресрет и на претседателските и на парламентарните избори. И партиите задоволни и Уставниот суд чист. Се разбира, политичката „љубов“ не е безусловна, проблемот е што во таа „врска“ само еден дава и на крајот тој ќе си остане со прстот во уста.

Дури и таа привремена одлука на Уставниот суд го извади од такт министерот за правда, кој веднаш најави дека ќе донесе ново упатство и дека никој нема да го спречи, оти во спротивно, замислете, ќе се отворела Пандорината кутија и ќе се видело какви сè неправилности и незаконски дејства се случувале во земјава претходно.

Каков апсурд. Највисокиот во хиерархијата во делот на владеењето на правото јавно повикува да се затвораат очите пред невладеењето на правото. Премиерот на секоја нормална влада, по ваква скандалозна изјава на својот министер, истиот ден ќе го сменеше без око да му трепне. За жал, во Македонија секоја влада е еден вид партиска испостава, каде што премиерот обично е таму проформа, чисто колку да фигурира, а сите конци ги влечат некои ликови од заднина. Министрите се само партиски амбасадори, па затоа за нивната (не)работа им одговараат на своите партиски лидери и тераат партиска наместо владина програма. Затоа во оваа земја поимот „одговорност“ е мисловна именка, оти сите се оперирани од одговорност и затоа државата ни е на ова дереџе на кое е.

Високиот степен на криминал и корупција е резултат на невладеењето на правото. Министерот за правда, наместо да брои колку Албанци има во државата, требаше да почне сериозни реформи во правосудството, за да не се случуваат театри и со Судскиот совет, со непотизмот во Академијата за судии и обвинители, со чудните избори во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во подреденото Јавно обвинителство, кое постапува само кога ќе му биде даден „ишарет“ одозгора, со нарачаните процеси и пресуди, со континуираното мешање на политиката во судството…

Тоа се вистинските проблеми за министерот, а не дали имало графа за етничка припадност во изводите. И апелира уште да не се отворала Пандорината кутија… Па, нека се отвори, побогу, оти од вакво невладеење на правото веќе на граѓаните им е прекуглава. Нека ја отвори Пандора конечно кутијата, оти полошо од ова не може да биде. И истражувањата покажуваат дека целото македонско општество веќе е на работ на психичка издржливост, луѓето се очајни, нервозни, прекуглава им е дојдено од сите овие лажни политики и политичари што со години продаваат само ветер и магла. Нека излезат на виделина сите незаконитости што се правеле досега, нека излезат сите „болести“, бидејќи сето она што се правело досега мора да се обелодени, да се расчисти, да излезе на површина, за да може „македонските институции да се судрат со предизвиците, да стекнат имунитет и конечно да почнат да заздравуваат и да влезат во кондиција за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, без разлика дали станува збор за крупни или ситни риби“.

Скринингот за некој месец ќе заврши, па дилемата дали ќе се случат уставните измени или не до тој рок е навистина ирелевантна, со оглед на какво ниво е државата во делот на владеењето на правото. Работата отиде дотаму што и министерот за правда најдиректно ги стимулира овие негативни процеси. Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека по уставните измени нема да има нови условувања од Бугарија кон Македонија бидејќи човекот многу добро знае дека идната блокада ќе дојде од Холандија, од Данска, од Австрија, во првиот момент кога ќе го отвориме кластерот во кој ќе се разгледува владеењето на правото. Со кој образ министерот Лога ќе седи во Брисел и ќе раскажува бајки дека земјава ги прави потребните реформи во правосудството, кога тој не ги почитува законите, ги заобиколува и уште повикува да не се почитуваат. Што треба да помислат граѓаните гледајќи од неговиот пример? Ако Слупчане, Студеничани и Арачиново не плаќаат струја и најдрско ги уништуваат мрежата и трафостаниците, треба ли и другите населени места да го прават тоа? Тоа е пораката на Лога? Јас не го почитувам законот, и вие правете го тоа?

Тоа нема да се случи. Во Македонија живеат разумни луѓе, кои знаат кои се нивните обврски и дисциплинирано си ги исполнуваат. За возврат бараат законот и редот да се почитуваат и да важат еднакво за сите. Проблемот е што оние што треба да им обезбедат нормални и пристојни услови за живот, владеење на правната држава, не го прават тоа, туку со своето однесување само стимулираат корупција, криминал, невладеење на правото и целосно ја демонтираат државата по сите нејзини основи. Пандора веќе ја отвори кутијата и враќање назад нема.