Брисел ги зголемува инвестициите во воено-индустрискиот комплекс

Европските земји работат на два големи заеднички одбранбени проекти да развијат поморски брод од втор ред и млазен ловец од шестата генерација

Европските членки на НАТО имаат БДП што е речиси исто толку голем како оној на САД, но тоа не се претвора во споредлива воена тежина. Голема причина е што 29-те европски членки на Алијансата честопати ги расфрлаат своите одбранбени набавки на ривалски програми што ја трошат нивната ефикасност.

Европската Унија (ЕУ) е свесна за проблемот со години, но индустриските ривалства и различните воени приоритети го отежнуваат координирањето на напорите за заедничко производство на оружје. Иако тоа можеби не беше многу важно во удобниот свет по Студената војна со ниски трошоци за одбрана и далечни закани, сепак војната во Украина ја промени состојбата. Иако претходно имало заеднички одбранбени проекти, како борбениот авион „еурофајтер“ развиен во 1990-тите од Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Шпанија, сега има напори заеднички да се постигне повеќе.

Координираниот годишен преглед на ЕУ за одбраната во ноември забележа дека одбранбената соработка заедно со зголеменото трошење е единствениот начин да се обезбеди Европа да има способни и подготвени вооружени сили што ќе можат да одговорат на секоја криза. Два од најистакнатите заеднички проекти се Европска патролна корвета (ЕПК), кој има за цел да развие брод за европските морнарици, и Систем за идна воздушно војување (ФЦАС), француско-германски предводен обид за изградба на борбен авион од следната генерација.

Европска патролна корвета

Европската патролна корвета има цел да избегне непотребно дуплирање од страна на европските морнарици, кои се потпираат на различни бродови со различни системи. Идејата беше конечно да се замисли брод што може да биде прифатен од мноштво морнарици, смета Давиде Кучино, кој е потпретседател и шеф за европски односи во европската бродоградителска фирма „Финкантиери“. Тој додаде дека проектот предвидува флексибилен, „модуларен“ дизајн што исто така може да биде опремен со нови системи без потреба од дизајнирање нова платформа.

Претпријатието е предводено од „Финкантиери“ заедно со француската „Навал груп“ и нивното заедничко вложување „Навирис“, како и шпанската „Навантија“. Тимскиот напор ги вклучува морнариците на Италија, Франција, Шпанија и Грција, плус со помал придонес од Данска и Норвешка.

Различни морнарици имаат различни мисии, па затоа им требаат бродови за да бидат различно опремени. Тоа важи и за членовите на ЕПК, бидејќи Италија и Грција бараат борбени бродови што ќе ги користат во Средоземно Море, додека Франција и Шпанија гледаат на бродови за патролирање на поголема оддалеченост.

Минатата година, на поширок тим од 40 компании во 12 земји му беа доделени 60 милиони евра од Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ) за развој на Европската патролна корвета – договор што се очекува да го потпишат. Тие ќе поднесат барање за да добијат дополнителни 154,5 милиони евра од ЕДФ за изградба на прототип наесен. Ова е првпат бродоградилиштата да работат на програма финансирана и од Комисијата и од националните министерства за одбрана, „а тоа значи дека има многу координативни пречки“, смета Кучино.

Претходните поморски проекти, без учество на ЕУ, се покажаа како предизвик. Фрегатите ФРЕММ, развиени од „Финкантиери“ и „Навал груп“, се во употреба во Италија и Франција, како и во Мароко и Египет, со бродови по нарачка од Индонезија и од САД. Но, француските и италијанските барања за бродовите беа толку различни што двете морнарици на крајот изградија „многу различни бродови“, рече Елио Калкањо, истражувач за одбранбената програма на Институтот за надворешни работи. Друга француско-италијанска соработка на разурнувачот од класата „Хоризонт“ навистина даде речиси идентични бродови, но имаше некои национални тензии за време на неговиот развој. Според Калкањо, Велика Британија, која беше вклучена на почетокот, се откажа за да се посвети на изградба на свои бродови.

Систем за идно воздушно војување

Системот за идно воздушно војување е најголемиот одбранбен проект во Европа. Во него се работи на развој на млазен ловец што ќе го замени „еурофајтер тајфун“, кој го користат Германија и други европски земји, како и францускиот „рафал“ и американските „ф/а-18 хорнет“, кои ги користи Шпанија. Проектот беше потпишан во 2017 година, со голема помпа од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, кои го опишаа партнерството како „длабока револуција“ во европската одбранбена соработка. Шпанија му се приклучи на партнерството во 2019 година.

Но, таа помпа не го спречи судирот меѓу француската „Дасо“ и разгранокот за одбрана и вселена на германски „Ербас“ околу тоа кој води во проектот и споделува технологија. Работите станаа толку лоши што „Дасо“, кој води во развојот на прототип, наводно се заканил дека ќе излезе од проектот.
– Ставањето крај на проектот би било целосно против сите заложби и изјави за зајакнување на европската одбранбена соработка – рече Пјер Харош, предавач по меѓународна безбедност на лондонскиот универзитет „Кралицата Мери“.
– Борбениот авион треба да биде ставен во функција до 2040 година, но постои „вистински ризик“ проектот да се одложи толку долго што може да заврши со неуспех во својата мисија да обезбеди замена за сегашната генерација ловци – рече Харош.

Алесандро Мароне, друг истражувач во Институтот за меѓународни односи, рече дека воздухопловните сили не можат да си дозволат да имаат празнина во своите арсенали. Тој укажа на паралелната глобална борбена воздушна програма на Велика Британија, Италија и Јапонија за развој на повеќенаменски невидлив ловец од шестата генерација и рече дека кој и да биде прв претставен ќе „може да ужива во предноста“.