Одмаздата на лошите ученици

Домаќини сме на ОБСЕ, па сите се чувствуваме како безмалку светот да престана да се врти, очекувајќи што ќе му порачаме. А ако за миг се оддалечиме од строго политичките одлуки, се завртиме контра политикантските игри, кои се веќе преочигледни, и се свртиме кон оние што имаат и економски импликации, тогаш малку ќе ни биде само една колумна

Историјата е учителка на животот, така било отсекогаш, па дури уште старите Латини решиле ова тврдење да го овековечат, така што латинската поговорка oстанува дo денешен ден да се повторува и да се помни. Потсетуваат на неа умните луѓе, не за да покажат колку се умни, туку да нѐ потсетат, да ни кажат дека не треба да мислиме дека од нас почнува историјата, дека не е лошо некогаш да се погледне наназад, за да се најде некој исправен чекор или постапка што ќе ни треба за случувањата во иднината.
Преку глава ни е на сите од многубројните примери на погрешни одлуки, постапки, од кои некои се и со сериозна тежина, а за кои бевме сведоци во изминатиов период и покрај укажувањата на луѓето со постудени глави дека не е направен најдобриот избор. Сведоци сме на политички одлуки од историско значење, кои беа донесувани „преку колено“, со невидена леснотија и уште поголема брзина, како некој да нѐ бркаше што побргу да ги донесеме. Последиците од нив уште долго ќе ги чувствуваме и покрај драстичната поделба во државата, при што еден дел од граѓаните ја гледа „чашата полупразна“, а другиот дел „полуполна“, ајде да се обидам да бидам политички коректен.
Очигледно, ме зафати актуелнава атмосфера. Домаќини сме на ОБСЕ, па сите се чувствуваме како безмалку светот да престана да се врти, очекувајќи што ќе му порачаме.
А ако за миг се оддалечиме од строго политичките одлуки и се свртиме кон оние што имаат и економски импликации, тогаш малку ќе ни биде само една колумна. Постарите колеги се сеќавам со години зборуваа дека сме „ја утнале“ со многу стратегиски и капитални проекти на Македонија (од типот на ФЕНИ, оти ќе ги затруел грозјето и виното во Кавадаречко)… се редеа разни силни приказни и за многу други големи проекти, за да дојдеме денес повторно да зборуваме дека „предвидените автопатишта не се економски исплатливи според фреквенцијата што се одвива во тие правци“, а да не зборуваме за „пренадуените цени за нивна изградба“ или, пак, „за хидроцентралата ’Чебрен‘, на која дури и ѝ додаваат некакви реверзибилни приказни, за веројатно да се оправда превисоката цена“, за која со аргументи протестираат сите експерти од таа област. Другата страна засега не извади релевантни аргументи што би ги спротивставила на таквите забелешки на енергетските експерти.

Очигледно времињата се менуваат, ама луѓето никако. Власта, оваа како и сите пред неа, си тера по свое, независно колку е тивка или гласна реакцијата на јавноста. Па можно ли е повторно иста епизода?!
И не станува овде збор за обид за вперување политички прст кон власта. Тоа е работа на опозицијата и таа веројатно си знае што и како да работи. Овде би сакал да го истакнам јавниот интерес, граѓанскиот аспект. И затоа, би се задржал само на овие два актуелни примера:
Несомнено е дека нам ни требаат автопатишта, бидејќи срамота е веќе да возиме по овие наши сообраќајници, кои се брука за сите надлежни што треба да се грижат за нив, па по вертикала за сите носители на власта. Но ако веќе пред наши очи сите го имаме лошиот пример со автопатот Кичево – Охрид, ако ништо друго барем од тој агол требаше многу, многу посериозно да се пристапи кон планирањето на новите автопатишта, а не вака, и покрај сѐ, до денешен ден да не постои ниедна релевантна информација за она што треба да се направи и тоа да биде третирано како најголема државна тајна. Значи, да се гради, но да се види најнапред која е исплатливоста и дури тогаш да се прават планови, па на крајот да се потпише договорот. Вака, државата е ставена пред свршен чин, патот некогаш веројатно ќе се гради, а дотогаш парите кон изведувачот на работите се исплаќаат во редовни ануитети, иако досега ни камен не е поместен од идната траса.

Од не помал финансиски маштаб е и „Чебрен“, браната што се најавува дека ќе ја препороди државата на енергетски план, иако уште од првиот ден се редат контрааргументи за исправноста на таквиот потег. Ако ги исфрлиме политичките аргументи, кои интересно, овој пат и не се толку гласни, треба да се слушнат гласовите на струката. Се јавија енергетичари, градежници, еколози, експерти од разни струки, кои велат дека објектот е предимензиониран, дека во опасност е водата како национално богатство, која ќе премине в раце на странци, речиси секој ден излегува по некое ново непријатно сознание што се поврзува со ефектите од она што се планира.
Разбирливо е дека одлуките ги носат луѓето што сме ги избрале за тоа. Одговорноста е во нивни раце и тоа им дава право да носат одлуки како што наумиле. Но, веројатно, не е лошо одвреме-навреме да се потсетат на поговорката од почетокот на колумнава. Ако ништо друго, барем да се учиме на туѓите грешки, за да не правиме свои. Да бидеме добри ученици, а не лоши повторувачи.