Македонија ГТ-турбо

Убав сончев и перфектен изборен ден одржа Македонија во средата, на кој граѓаните покажаа исклучително висок демократски капацитет, но што е уште поважно, докажаа дека со своето однесување и свест веќе одамна се дел од Европа и развиениот демократски свет.
Кандидатите и партиите што ги поддржале секако ќе ги користат резултатите како ветер во едра во пресрет на вториот круг на претседателските и парламентарните избори, но вистински победник на овие избори е исклучиво народот и тоа е она што секого треба да го интересира и да го прави задоволен.
Тоа го признаа сите, а го призна и меѓународната заедница, која отворено порача дека со слободните и фер избори што ги одржавме, ги поставивме темелите на една силна демократија, која во иднина само дополнително ќе се надградува.
Ако Македонија до вчера, симболично да се изразам, беше автомобил со расипан мотор што со години беше паркиран на некој зафрлен паркинг од кој во далечината се гледаше автопатот што води кон Брисел, граѓаните се тие што решија повторно да го стартуваат својот автомобил „Македонија“, да го вратат на вистинскиот пат и дестинацијата кон која уште во 1991 година се упати, но поради многуте дефекти остана паркиран настрана.
Народот го кажа своето, покажа капацитет и сега задача на политичарите е да почнат институционално да ги материјализираат насоките дадени од граѓаните. Тоа значи дека во политиката повеќе нема место за политиканти и случајно заталкани личности, туку за вистински луѓе, кои се чесни, одговорни, мудри и патриотски настроени, патриотски во смисла да ја сакаат својата држава така што ќе ја направат убаво место за живеење за сите нејзини граѓани, без никакви исклучоци. Во кратки црти, граѓаните сакаат лидер кому во фокусот секогаш први ќе му бидат оние што му го дале мандатот, а не некои партиски шефови. Тие од него очекуваат да биде тој тас на вагата, народен коректор на секоја ненародна политика.
Зголемениот одзив е само уште една силна потврда на желбата на народот тој да го делегира човекот што ќе ја предводи државата, преку највисокиот демократски инструментариум изразен на непосредни избори, а не во Собранието, каде што партиските лидери ќе се договараат кого да стават за претседател и кои ќе можат да го сменат кога сакаат. Едноставно, некој како намерно да се обидува да ги ограничи граѓанските изборни права, па сака граѓанската улога да ја сведе исклучиво на гласање на партиските послушници само на парламентарните избори и со 200-300 илјади добиени партиски гласови, да освојуваат власт, да предводат држава, да избираат претседател и пред никого да не одговараат. Тоа не е демократија и затоа во средата македонските граѓани демонстрираа класична лекција по висока демократија, лекција за сите политичари, и од власта и од опозицијата, особено за оние што заговараат промена на изборниот модел за избор на претседател на државата, добро да видат колкава е моќта на народот. И да знаат, многу е поголема од тоа што го видоа.

Граѓаните биле и секогаш ќе бидат коректор на секоја власт што ќе застрани, така што ниту една власт, актуелна, идна, или каква било друга, да не се надева повеќе дека ќе го има комодитетот да повторува некакви грешки од минатото, да практикува некакви погрешни политики и слично. Нема веќе место за оправдувања од типот, грешевме, ги научивме грешките, ја сфативме пораката од граѓаните и повеќе нема да се повтори. Сите ги повторија повеќепати грешките и затоа граѓаните нема повеќе никого да толерираат.
Несомнено Македонија како држава во средата го положи највисокиот демократски испит, кога највисокиот инструментариум на демократијата профункционира на начин како што ѝ доликува на една земја што претендира за кусо време да стане дел од Европската Унија и мора да настапува така, агресивно да го бара членството, но уште поагресивно да ги спроведува реформите дома.
Долго беше автомобилот паркиран на паркингот, сега е стартуван и време е да почнеме да уфрламе во повисоки брзини ако сакаме побрзо да стигнеме таму каде што сме тргнале.
Македонија мора да биде задоволна секогаш кога нејзините граѓани докажуваат внатре, но и пред светот, дека во оваа земја има плодно тло за силна демократија и дека како општество сме созреани да ги практикуваме демократските принципи низ различни работи, било да се работи за избори, за референдумско изјаснување или за какви било други манифестации на практикување на демократијата.
Ако високиот демократски капацитет беше демонстриран на изборите, тоа значи дека е дојдено времето во Македонија да се воспостават систем и ред, односно да се практикува систем што е близок до највисоките демократии, кој подразбира вистински луѓе на вистински места според нивните компетенции, а не според некакви етнички квоти и балансери. Кога системот ќе биде поставен врз здрави основи, тогаш процентот на криминалот ќе се намали, ќе се намали и процентот на корупција, на крадење, на местенки, ќе се намали процентот на безбедносни проблеми, ќе се врати довербата во правосудството, во здравството, во образованието и тогаш ќе изникнат и ќе дојдат до израз и тие економски, интелектуални и секакви други капацитети, кои значат вистински развој на државата. Тој момент е важен за сите граѓани, бидејќи иселувањето е закана за сите.

Демократските капацитети што ги покажаа граѓаните значат задолжителна обврска за претендентите што сакаат да ја водат државата, за нула толеранција за корупцијата и криминалот, нула толеранција за нефункционален судски систем, нула толеранција за лошо здравство или образование, за лоши економски политики и слично. Кога еднаш автомобилот ќе тргне, нема веќе паркирање, граѓаните не сакаат да чмаат со години по некакви периферни и темни паркиралишта. Тие почнуваат да ја сфаќаат својата улога како директни креатори на иднината на сопствената држава, како мотор на автомобилот „Македонија“, дополнително сфаќајќи дека изборите се нивната шанса и дека со поголем одзив расте и степенот на пренесување на легитимитетот преку непосредна демократија, а со тоа, автоматски расте и легитимитетот на оној што на овој начин ја добил довербата на граѓаните. Тоа е тој систем на поврзаност како кај возилата, граѓаните го даваат импулсот за старт, а потоа запчениците (политичарите) треба да почнат да ги зголемуваат брзините за да може автомобилот побрзо да се движи напред, да добие „ГТ-ознака“ како брзите спортски модели. Така и нашата Македонија на брза лента да тргне кон ЕУ.
Пораката што граѓаните ја испратија на овие избори не беше некого да казнат или некого да наградат, туку да кажат дека сите мора да тргнеме напред, потпирајќи се врз нашиот мотор, нашите сили, а не да чекаме некој друг да ни го турка возилото. Овој народ, со својот демократски капацитет, покажа дека имаме внатрешни сили да си ја средиме државата без никакви камшикари, но за да се случи такво нешто, политичарите треба да го слушаат пулсот на народот бидејќи тој најдобро знае што е добро за државата во која живее. Затоа и народот секогаш треба да се прашува, а не поединци самите да носат одлуки за целата држава и да говорат дека некој морало да носи тешки одлуки. Тешките одлуки не значат и исправни одлуки, па затоа никој да не се дрзнува да одлучува во име на сите други без да ги праша.
Нема ништо тешко кога се сака, а народот кажа дека сака, сака нова, демократска, светла иднина за својата држава, која ќе јури напред кон прогресот, наместо да стои во место и да ја демонтира кој ќе стигне. Не попусто нашиот народ рекол, кола што стои скапува. Па затоа, ајде конечно да ја придвижиме напред нашата Македонија!