Како Мехта би го диригирал Малер во Софија?

  • Ова е хипотетичко прашање во кое ја бараме смислата на Договорот за пријателство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Во тие односи, сепак, има понекој малер, за жал, за жал. Има повеќе бесмисла отколку смислена духовност и волја за соработка. Таков студен ветар дува од нашиот исток

Зошто Зубин Мехта? Не само затоа што е голем туку затоа што нѐ познава нас народите на Балканот, народите од Истокот на Европа и нѐ цени. Не само затоа што е Евреин туку затоа што музиката за него е и хумана мисија, уривање бариери и рушење етношовинистчки ѕидови. Па, зарем не е тоа смислата на уметноста? Ќе речете – па кому му е потребна сега врвната уметност, кој ќе се заморува со еден диригент. па макар бил и врвен. Но потребна и е диригентска палка, насока што ја даваат маестрални диригенти, кои се читаат телепатски со виртуозите на инструментите. Чиста хемија, влез во свет на идеални односи, на допири без допир.
Маестро Мехта го дефинира диригирањето како чин на комуникација, стекнато искуство и духовна посветеност.
– Се стремам сите оркестри со кои диригирам да имаат препознатлив централноевропски звук – истакнал некогаш тој. Па и ќе нагласи, а всушност и ќе испрати моќна порака: „Никогаш не може да се потцени моќта на музиката. Музиката е таа што ги зближува луѓето и ги преминува границите“. Но ќе рече Мехта, музиката и ги обединува луѓето. Дали? Можеби немам одговор на ова прашање, но како факт ќе изнесам дека Зубин Мехта во Скопје има три историски концертни настапи, и тоа во 1967 година, првото гостување со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во легендарната Универзална сала (добро е што ќе ја обновиме), во 2007 година беше второто гостување во „Метрополис арената“, каде што го предводеше концертот на Израелската филхармонија, и во 2023 година се случи неговиот последен триумфален гала-концерт во новата сала на Македонската филхармонија, со изведби на Бетовен и Берлиоз, настан што тој го опиша како културно обединување на целиот регион. Неговите последни три минути, кои можат да се најдат на јутјуб-каналот, се од изведба на Малеровата симфонија бр. 2 „Воскресение“. И тука треба да бараме голема симболика и значење во она што е поентата на оваа колумна.
Пред десетина години, си лета времето, во Софија бев на новинарска задача да правам интервју со Бојко Борисов, тогашен градоначалник на бугарската престолнина. Го претставив како иден премиер, што се покажа како точно. Тој е еден робустен во физичка смисла на зборот човек, спортист, каратист и аматер во тенисот, љубител на кучиња. Но ме навреди и мене и многу Македонци кога кажа дека односите меѓу Македонија и Бугарија не треба да се бидат заложници на некои пет-шест илјади пијаници во Пиринска Македонија. Но и такви луѓе стануваат премиери. Тоа е негов став, а дали и колку го делат тоа мислење и други во Бугарија? Се плашам и да размислувам.

Како и да е, по интервјуто се упатив во Македонскиот културен центар и чекајќи на семафор ми се доближи еден фино облечен, би рекол стокмен, господин и почна да ме прашува каде одам, кој сум и така натаму, ќе си речете неврзан разговор од нога. Му велам јас сум Христо, новинар… Ми одговара: И јас сум Христо. Христо Христов, диригент… подоцна ќе дознам дека е внук на Гоце Делчев. Нашата фејсбук-комуникација се прекина затоа што некои работи отидоа предалеку. Но Христо стана популарен и кај нас, па дури и диригираше концерт по повод годишнина од убиството на Гоце Делчев, и тоа ни повеќе ни помалку туку со Македонската филхармонија, таму каде што диригирал и Мехта. Светот комуницира со идеја, како сврзани садови и едноставно не се бега од таа енергија. Деновиве Христо Христов е повторно актуелен во македонските медиуми, а почитуваниот Илија Димовски му напиша отворено писмо на Фејсбук и му подаде братска рака за соработка меѓу двата народа – бугарскиот и македонскиот. Тоа што сега од Софија ни порачуваат дека ќе нѐ викаат „северномакедонци“ е реална слика на атмосферата што владее во однос на Македонците и станува сѐ појасно дека таа гранична линија меѓу двете држави станува кањон. Како е тоа можно кога токму на денот на чевствувањето на Гоце во неговото вечно почивалиште во црквата „Св. Спас“ во Скопје премиерите Заев и Борисов потпишаа Договор за пријателство и соработка?!
Одговорот е едноставен, но сега ќе ја кажам перцепцијата на голем дел од Бугарите кон нас Македонците. Тоа во неодамнешно интервју го кажува и Христов, врвен диригент со навистина разгрането семејно стебло, кое е за почит. Според него, Гоце бил Бугарин, политичките тензии меѓу Софија и Скопје главно се предизвикани од тоа што „не се излекувани старите југословенски патологии“. Веројатно и затоа познатиот диригент ја користи фразата „скопски историчари со лекарска грешка“.
– Изградија погрешни теоретски образложенија за постоењето на сопствена држава и не сакаат да се разделат со старите и компромитирани кадри. Таму и онака се два пајтона луѓе – нема ни толку – истакнува Христо Христов во интервјуто.
Ако ова го кажува Христов, кој раководи со организација што го носи името на македонскиот апостол на македонското ослободително движење и македонска држава, тогаш какви се шансите за приближување меѓу двата народа? Е сега тука треба да се прашаме и дали секоја круша под крушка паѓа, затоа што, нели во големите семејства има и големи кавги, тешки клетви и различни гледања на тоа чија нива каде и кому му припаѓа. Еве еден пример: Велика Лика Чопова била исто така внука на Гоце Делчев од најстарата сестра на Гоце, Руша Делчева. Лика била стамена жена со големо животно искуство. Горда на својот вујко, Гоце Делчев, поголемиот дел од животот го поминала во Скопје, Македонија, со убедување дека нејзините коски треба да почиваат покрај најсветите, коските на Делчев. Преку целиот живот се изјаснувала како Македонка, а во една пригода истакнала: „Гоце Делчев ѝ припаѓа единствено на Македонија“.

Е, тука веќе не помагаат ни заеднички историски комисии, ни преговори и договори, туку, како што и самиот Христов вели, треба лидери. Но како, кога Софија гледа кон Македонија како да е на Монт Еверест, а ние во некое јамиче чекајќи софиските врвни историци да ни ја напишат историјата. Како пилиштарци со отворени клунови, кои чекаат нивната мајка да ги нахрани. Софија да биде диригентот, а Скопје да свири по такт и диктат. Ама така не оди и не може да оди. Сите овие години откако се потпиша договорот со Бугарија, а особено откако се договори неуставниот втор протокол, работите не одат во добра насока и само создаваат негативна енергија. Денес сме во фаза кога Бугарија отворено ни објавува дипломатска војна враќајќи нѐ во времето на грчката стратегија во периодот на фиромизација на Македонија и ставање вета. За жал, тој договор ѝ дава на Софија некаква позиција, а можеби и право да се однесува како многу постар и посилен брат кон нас и да ни диктира како треба да се однесуваме ние. И тоа веројатно ќе функционираше доколку на власт останеше екипата на Зоран Заев. Тие се покажаа и како пазарџии, но и интересџии по националните прашања. Сега зачкрипи, не оди. Можеби ќе се изгради тој фамозен тунел на Коридорот 8, но кој во иднина ќе ја вози бугарската локомотива кон Македонија е неизвесно, но и за нас можеби неприфатливо?
Каде е излезот од овој стогодишен (и подолг) ќор-сокак? Мора да се постават меѓусебните односи на поинакво рамниште, при што „постариот брат“ ќе мора да ја прифати реалноста дека Македонија е субјект, и тоа рамноправен, и да престане да ја ретушира историјата, каква што е „спасувањето на Евреите“, проект на софискиот мегафон БНТ (кои Евреи ги спаси цар Борис е веќе историски разјаснето) и тоа нам да ни го наметнува како услов за почнување преговори.
Како рамноправни субјекти што сакаат соработка, не само политикантство и реторика на Студената војна, зашто Југославија одамна ја нема, но затоа Македонија е факт, треба да собере храброст и да се извини за нејзината фаза како окупатор во Македонија. Што би било кога македонската страна официјално би побарала, а може и треба, односно за тоа преку нонпејпер би ги известила европските држави, Бугарија да си го смени својот национален празник 3 март, кој е поврзан со „голема Бугарија“ затоа што е директна закана за македонскиот суверенитет, но и за некои други соседни држави? Дека Гоце е македонски апостол и да не се плаши од тоа, затоа што историјата покажала дека било нормално и морално исправно токму Македонец да ги зачува коските негови и да го чува од заборав. Не случајно првиот независен македонски дневен весник „Република“ во 1991 година во својата глава од левата страна го имаше портретот на Александар Македонски, а од десната на Гоце Делчев. Тоа е порака што сме ние Македонците и кои се нашите идеолошки светци.
Дека како што има Бугари во Македонија има и Македонци во Бугарија. Кое е нивното индивидуално чувство нема да расправаме, но треба да се грижиме да бидат применети Европската конвенција за човекови права и Пактот на ООН.
Македонија може елегантно да го поништи протоколот број 2 како незаконски и неуставен и тоа мора да го направи.

Или Софија и понатаму ќе става розови очила и ќе нѐ смета за пајтонџии или мераклии за сливова. Колку непристојно, да не речам и простачки, како што голем дел од бугарските војници се оквалификувани во Извештајот на Карнегиевата комисија за Балканските војни…
Можеме да ја редиме до сто и една, но поентата е дека Бугарија и Македонија мора да преговараат, да соработуваат, да тргуваат, па и да се караат на рамноправна основа. Ете, Бугарија има оружје што се вика вето, па и да врши притисоци, но која е крајната цел?
…Го слушам концертот со кој маестрално диригира Зубин Мехта, Симфонија Бр. 2, Густав Малер, „Воскресение“. Го чекаме тој момент, Софија (ако е навистина божица на мудроста, не знам, зашто јас верувам во Господ) да воскресне и да повлече потези што ќе бидат од големо значење за Македонија и за регионот. Во спротивно, таа ќе остане во ќошето на европската историја, зашто одамна поминаа 18 и 19 век, веќе сме и длабоко во 21 век. Имаме своја држава и пишуваме сопствена историја и имаме право и на сопствени грешки, но не даваме да ни се мешаат во домашниот есап. Тоа е тоа.

Христо Ивановски