Факелот на Симон од Македонија

И додека песните и звуците на „Македонисимо“ ги будеа дамарите во најскриените места на нашата душа, во воздухот како да лебдеше прашањето зошто ваквите дела не се дел од образовниот процес на македонските деца уште од прво одделение. За да ги учиме како Македонија се сака и почитува од најрана возраст

По пет години од светската, се случи македонската премиера на делото „Македонисимо“, транскрипции на македонска традиционална музика од композиторот Панде Шахов, во чија реализација значајно место има нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески.
На платото пред МОБ, минатата среда, се расплетоа седумте плетенки во изведба на квинтетот „Македонисимо“, создадени во чест на македонскиот народ, како што стои во посветата.
Но што точно значи овој збор, ни објасни најуспешниот македонски пијанист на сите времиња, кој овој пат не само што нѐ увери во својата виртуозност туку со своето пеење, свирење на хармоника и приказни што ни ги раскажа нѐ доближи до нас самите, до корените и наследството што сите го носиме во гените.
„Македонисимо“ е нешто многу македонско, како што вели Трпчески. И навистина сите го почувствувавме тоа нешто што го носиме во крвта, во неправилните ритми на чукањето на нашето срце, во старите македонски песни што сѐ уште се пеат секаде каде е жив македонскиот збор. Истиот оној што го има и во стиховите на браќата Миладиновци, на Гане Тодоровски, во драмите на Горан Стефановски, во романите на Петре М. Андреевски. Македонисимо се и записите за Македонија во старите архиви, во песните пронајдени од етнологот Васил Хаџиманов, во македонските ора, кое од кое поубаво, кои ги разигрувале македонските села. Македонисимо е македонскиот бит, душата на нашиот напатен народ, нашата срцевина во коските… На сето тоа нѐ потсети Симон Трпчески со врвните музичари на сцената под ведрото ѕвездено небо, тука, покрај Вардар, кој со векови го носи македонското бреме.
За целосниот вонременски звук придонесоа Хидан Мамудов (кларинет, саксофон, кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки). Тие заедно со пијаното на Симон Трпчески создаде уникатен звук, спој на неверојатни ритми и многу музички правци, од етно, до класика и џез, но сѐ беше некако складно и споено во една целина. За тоа, секако, најзаслужен е композиторот Панде Шахоф, кој исто така присуствуваше на концертот.
Во белешките за „Македонисимо“, композиторот Шахов вели дека „идејата за овој албум доаѓа од Симон Трпчески, неговата страст за народната традиција беше вистинска движечка сила во текот на развојот на проектот“.
И по претпремиерата во родното село на таткото на Симон, Збажди, во близината на Струга, на 3.000 метри надморска височина, сместено во пазувите на областа Малесија, на планината Караорман, во предвечерието на големиот христијански празник Голема Богородица, звуците на македонската народна музика, која, бевме сведоци, е рамо до рамо со светската класика, одекнаа и на платото пред МОБ во Скопје. Публиката, која дојде во голем број да биде дел од овој уникатен настан, ја сочинуваа припадници на повеќе генерации, од родители со деца, млади и средовечни луѓе, но и дедовци и бабички, со сјај во очите. Тие велат дека одамна не добиле ваков подарок, кој долго, долго ќе го паметат.
Таа вечер на размена на енергии, сите бевме дел од мисијата на маестро Симон Трпчески и на неговите пријатели музичари, кои со својата музика упатија силна порака.

„Македонисимо“ и сите негови седум плетенки, исплетени од 23 ора, лично избрани од Симон Трпчески за овој проект, заедно со неколку народни песни, во соработка со институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и ансамблот за народни песни и игри „Танец“ се она што нѐ поврзува, нѐ соединува и исполнува како освестени национални битија, како чесни и горди Македонци.
Па, иако звучи нелогично и апсурдно, особено во овој 21 век, сите што присуствуваа на оваа премиера се чувствуваа гордо секогаш кога Симон ќе кажеше Македонија, Македонци, македонско! И во себе како да почувствувавме трепет на сомнеж: па зарем ќе ни забранат да бидеме она што сме, можно ли е тоа, натаму ли одиме?
Во мојата глава на овој проект работев долго време. Неописливата моќ на ритамот на нашата музика е дел од моето секојдневие и носи со себе многу спомени, почнувајќи од моето детство со моите родители, брат ми, сестра ми, баба ми и дедо ми. Семејните собири беа полни со радост и среќа и денес им ја пренесувам оваа безвременска традиција на моите деца – вели Симон Трпчески.
За време на неколкучасовниот концерт, се потсетивме на звуците на старите радија, на кои првпат сме чуле некои од ората и песните што беа дел од „Македонисимо“. Се вративме во времето кога сме се обидувале да ги имитираме чекорите на постарите и да заиграме македонско оро, да запееме некоја македонска песна. И сите тие чувства како да нѐ поврзаа сите нас што бевме во публиката во едно големо невидливо оро, кое светна таа магична вечер како ѕвезда, како факел што го запали Симон од Македонија.
И додека песните и звуците на „Македонисимо“ ги будеа дамарите во најскриените места на нашата душа, во воздухот како да лебдеше прашањето зошто ваквите дела не се дел од образовниот процес на македонските деца уште од прво одделение. И наместо учениците катадневно да се збунуваат со некакви надворешни барања и уцени за промени во наставните содржини, со цел газење и фалсификување на историјата и омаловажување на татковината, на нејзиното културно наследство и историја, да ги учиме како Македонија се сака и почитува од најрана возраст. Впрочем како што се прави во поголемиот дел од светот.
Но и децата знаат да ја препознаат вистината и да разберат што е црно, а што е бело. Така, еден ученик во осмо одделение од Кичево деновиве во својата тетратка, пишувајќи домашна задача на тема „Мојата татковина“ напиша песна: „Мојата земја име нема, Грција ѝ го зема/ Мојата земја јазик нема, Бугарија ѝ го зема./Викаат дека била северна/ а потопла земја нема./За мене е таа Македонија/поубава држава нема./ Северџан ме тераат да бидам/ сите политичари наши/ Но јас сум Македонец/ Викам гласно и тоа не ме плаши“.
И навистина доста веќе во име на ова или она нѐ плашат со разни закани. Ние сме тука свои на своето, со корени длабоки и силни, со минато на кое треба да се гордееме и да го вткајуваме постојано во нашето секојдневие.

А маестро Симон Трпчески, заедно со своите добри пријатели и врвни музичари, веќе пет години го свири делото „Македонисимо“ низ светот. По премиерата во Германија, во 2017 година, на фестивалот „Лудвигсбургер Шлосфестшпиле“, проектот патуваше во Словенија, Србија, Црна Гора, Романија, Швајцарија, В. Британија, Франција, Холандија, но и во Канада и Јужна Кореја, а наскоро ќе се одржат концерти во Австрија, САД, Австралија и Нов Зеланд, но ќе има и турнеја низ Македонија. Симон беше пресреќен дека е дома, меѓу своите, и дека може да ја сподели убавината на делото со своите Македонци.
Простете, многу зборувам оваа вечер, но убаво ми е на душата. А овој историски концерт немаше да се одржи без вистинските поддржувачи на уметноста и на Македонија, а секако и на целата публика што нѐ удостои и опсипа со љубов – изјави Трпчески непосредно по емотивниот настап.
Симон кај сите нас ја разбуди желбата да тргнеме по неговиот духовен пат, патот до онаа вистинската, исконска Македонија, која никој не може да ни ја земе!