Факел во едната рака, масло за потпалка во другата

Најавата за вториот циклус притисоци и закани од Грција што ќе ја потпалат Македонија, овој пат во содејство со бугарската официјална политика, која во меѓувреме ја презеде палката за блокирање со уцени на македонските евроинтеграции, сепак би требало да има отрезнувачки ефект во самата Европска Унија дека нејзините членки ја злоупотребуваат за реализација на сопствените националистички амбиции, соживувајќи се со улогата на контролори „надзорници“ на туѓите судбини – конкретно на Македонија и на Македонците

Разоткриена е „мистеријата“ на спектакуларно и долгонајавуваните дисциплински мерки на грчкиот премиер Мицотакис против Македонија! „Неизвесноста“ со огненото тајно грчко оружје, поради (според Мицотакис) „лошото поведение“ на највисоките претставници на новоизбраната македонска власт – претседателката Силјановска-Давкова и премиерот Мицкоски, кои сепак својата земја во неофицијална говорна комуникација ја нарекуваат едноставно – Македонија, беше распрсната со промовирање на една веќе позната и многу години применувана грчка стратегија – „надзорник“ на македонските евроинтеграции.

По завршувањето на самитот на НАТО, во Вашингтон, каде што заканите на Мицотакис дека македонскиот премиер ќе доживее „непријатно искуство“ доколку и само помисли на Македонија очигледно не го постигнаа посакуваниот ефект од страна на Грција, официјална Атина најавува враќање на познатата практика од пред Преспанскиот договор – блокирање на секој чекор од преговарачкиот процес со ЕУ, дури и блокада за пристап до ЕУ-фондовите. Ако Европската Унија го прифатеше ерга омнес грчкиот поглед на светот, веројатно уште ќе беше застаната во 1991-1992 година, кога Грција за првпат примени економско ембарго спрема Македонија. Триесетина години подоцна, по цела низа болни жртви за македонскиот национален интерес, во име на заедничка иднина како европско семејство, Македонија повторно се соочува со закани од Грција, овој пат спакувани како притисок на „европски надзорник“, за севкупна употреба – од економско исцрпување до погазување на универзалните човекови права за самоименување и национална идентификација. За апсурдноста на најавената реприза на грчкото ембарго спрема Македонија да биде поцинична, овој пат Грција се повикува на наводно прекршување од македонска страна на билатерален договор, кој самата не го почитува. И додека Мицотакис бара повторно и повторно некакви нови декларации од македонските власти дека Македонците во сите ситуации, дури и на сон, ќе го изговараат наметнатото име на својата држава со географската одредница, тој самиот јавно ја нарекува „Скопје“ и отворено кажува дека грчкиот парламент нема да ги ратификува меморандумите од Преспанскиот договор, за да му служат за нови уцени спрема Македонија во нејзиниот евроинтегративен процес.

Најавата за вториот циклус притисоци и закани од Грција врз Македонија, овој пат во содејство со бугарската официјална политика, која во меѓувреме ја презеде палката за блокирање со уцени на македонските евроинтеграции, сепак би требало да има отрезнувачки ефект во самата Европска Унија дека нејзините членки ја злоупотребуваат за реализација на сопствените националистички амбиции, соживувајќи се со улогата на контролори „надзорници“ на туѓите судбини – конкретно на Македонија и на Македонците.

Но притисоците врз волјата на македонските граѓани, изразена на последните претседателски и парламентари избори, од позиција на „надзорници“ на македонскиот идентитет и сувереност, не се „привилегија“ само на соседите, деновиве се потврдува преку повеќе обиди за инсценирање внатрешни меѓуетнички „недоразбирања“. Почнувајќи од медиумската тензија за наводна намерна повреда на тримесечно бебе од здравствен работник, поради различна етничка припадност, па до најавите за протести од албанската коалиција во опозиција (предводена од ДУИ), поради наводно немање „етнички легитимитет) на актуелната влада, се чини дека во Македонија континуирано се работи на создавање општествен амбиент на закани и уцени, со цел да се создаде перцепција за загрозеност на македонските перспективи за евроинтеграција.

Дури и своевидната дебата меѓу дипломатските претставници во Македонија и премиерот на македонската влада, околу начинот на враќање на довербата во судството, како инвестиција во владеењето на правото (најважен критериум во евроинтегративниот процес), која доби тон на дилема дали е мешање во внатрешните работи на земјава или само „дипломатска помош сугестија“, на некој начин влезе во тој општествено-амбиентален контекст на притисок за прифаќање на нестандардните услови за евроинтеграциите.

Веќе точно две години (од 19 јули 2022), македонските евроинтеграции се со неодреден статус – наводно започнати, но без услови за отворање на поглавјата, поради неприфаќањето на македонската јавност и на сегашната партија на власт (тогаш опозиција) да ја прифати невообичаената и нестандардна преговарачка рамка со услов за нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав. Со таквиот услов, Бугарија практично се наметнува како прв „надзорник“ на македонските евроинтеграции, а сега ѝ се придружува и Грција. Со сите уцени, притисоци и контроверзни услови, се чини дека за да се стигне со македонски регистарски таблички до преговори со Брисел, патниците во автомобилот треба да се „борат“ со надзорните камери и лежечките полицајци на патот, поставени од Софија и Атина.

Притоа, не е сосема извесно дека грчката и бугарската законска регулатива се целосно усогласени со бриселската, иако овие земји се членки на ЕУ. Во такви околности, со суптилни и несуптилни притисоци, македонската влада треба да презема мудри и трпеливи потези, но никогаш да не заборави за што ѝ беше дадена довербата од речиси 600.000 граѓани на Македонија!