Дедо Мраз, донеси ни работници?!

Недостигот од квалификувана работна сила стана хроничен проблем од кој страда државата. Ако порано не можеше да се најде работник само за одредено занимање, сега буквално недостигаат работници речиси во секоја дејност. Зачудувачки е и тоа што не може да се најде работник и покрај понудените релативно високи плати за македонски услови. И додека стопанството и економијата кубурат и мака мачат да најдат квалитетен и квалификуван кадар, од друга страна во органите на државната управа и администрацијата се соочуваат со друг проблем, на превработеност и нефункционалност

Како и поголемиот број градови во Македонија, така и Битола веќе подолго време „боледува“ од болеста што се заканува да стане хронична, а чии најизразени симптоми се како да се најдат добри квалификувани и пред сѐ вредни работници. Додека локалните самоуправи, јавните претпријатија, државните компании, установите… мака мачат како да ги згрижат своите невработени партиски војници, кои секојдневно „дежураат“ пред партиските седишта, чекајќи ги своите партиски шефови да ги вдомат во државните јасли, приватните компании мака мачат како да најдат квалитетни и квалификувани работници. Посликовито ќе претставиме и низ еден практичен пример и предновогодишна случка.
Еден од сопствениците на една софтверска странска компанија, кој, како што вели, откако го обиколил светот, одлучил својата странска компанија, од областа на телекомуникациите, да ја отвори во Битола и својот бизнис да го „пресели “ во својот роден град, се соочил со неочекувано тежок проблем. Човекот не може да најде работници.
– Ми пречи тоа што откако дојдов од Германија, со месеци барам да вработам млади и квалификувани луѓе за плата од над 50.000 денари, но сепак не можам да најдам, а за тоа време гледам и слушам како во државните компании, јавната администрација, установите за многу пониски плати ред се чека за вработување – раскажува нашиот соговорник.
Вакви или слични приказни во последно време ќе слушнете не само во Битола туку и во најголемиот број градови во државата. Едноставно нема стручен кадар за стопанството и веројатно најголема новогодишна желба на бизнисмените е што побрзо да најдат добри и вредни работници. Наспроти ваквата приказна на сопственикот на странската приватна компанија, кој мака мачи како да најде добри и квалитетни работници, во државниот сектор сме сведоци на сосема други случки. На отворените денови, кои повремено ги организира локалната самоуправа на Битола, покрај за некои проблеми од областа на градбата, најголемиот број граѓани, кои во редици чекаат за прием кај градоначалникот Коњановски, доаѓаат исклучиво со барање за вработување. Сите тие бараат да бидат вработени во локалната самоуправа, или во некое од јавните претпријатија. Општинските власти објаснуваат дека тие ги разбираат луѓето, имаат разбирање и за нивните маки и проблеми, но луѓето никако не можат да разберат дека локалната администрација и јавните претпријатија, и покрај пензионирањето на голем број вработени, имаат превработеност и не можат сите невработени да бидат вработени јавниот сектор.

И додека партиите, како на државата, така и на локалната власт, мака мачат да ги вработат своите невработени партиски членови, приватните компании мака мачат како да најдат добри и квалификувани работници. Затоа во Битола веќе на големо се зборува дека во градот под Пелистер нема работа само за тие што не сакаат да работат. За секој што сака да работи има работа, и тоа отповеќе.
Со проблемот со недостиг од работници неодамна се соочи и една од најголемите странски компании во Битола и Македонија, „Кромберг и Шуберт“. Токму поради недостиг од квалификувани работници не само во Битола туку и во Пелагонискиот Регион, фабриката за околу 1.500 работници наместо во ИЗ „Жабени“ ја пресели во Илинден, Скопско.
Оваа компанија речиси секојдневно бара работници, а со организирање отворени денови настојува да ги придобие луѓето што бараат работа да се вработат во оваа германска компанија, која моментно вработува над 5.500 работници и каде што платите се релативно доста високи, а покрај добрите лични доходи и други стимулации, работниците имаат и други поволности, како обезбедена општествена исхрана и бесплатен автобуски превоз.
Недостигот од работна сила во Битола се чувствува речиси во сите области. Во градот под Пелистер има недостиг од градежни работници, па во најголем дел на зградите што се градат во Битола се ангажирани работници од Струга, Охрид, Велешта…Градежниците се среќаваат со недостиг од бравари, лимари, водоводџии, паркетари, бојаџии, армирачи…

Со проблемот со недостиг од добри работници се среќаваат и угостителите, кафулињата, хотелите, па дури и банките. Во последно време и такси-компаниите страдаат од недостиг од таксисти. Поради недостиг од работници многу автомијачници или ги затворија мијачниците или ги издаваат. Проблемот со недостиг од лекари пак е посебна приказна. Поради немање квалификуван медицински персонал, особено лекари специјалисти, битолчани стравуваат дека може да се случи Клиничката болница во Битола да стане општа болница. Сега веќе и лекарите во Битола се загрижени кој ќе ги лекува доколку се разболат, а некои матични лекари ги затворија своите матични амбуланти затоа што не можат да ги задржат лекарите и сестрите, кои откако ќе си ги средат своите документи, заминуваат за Германија.
Проблемот со недостиг од работници не ги заобиколи ни битолските медиуми.
Така, од околу 130 новинари и медиумски работници, колку што работеа во битолските медиуми, сега, иако затворија дури три телевизии, две локални радија и два весника, во Битола не може да се најде новинар или графички техничар.„Најмладиот“ новинар што остана да работи во новинарството има над 40 години. Од сите 130 медиумски работници што останаа без работа, ниеден не се врати во новинарството, туку речиси сите се вдомија во други дејности.
Оние работници што не можат да најдат државна работа, а кои не сакаат да работаат кај приватници во Битола, својата среќа најчесто ја бараат со заминување во некоја од странските земји, пред сѐ Германија, Данска, Шведска, и прекуокеанските земји САД, Австралија, Канада.
Проблемот со недостиг од квалификувани работници во голема мера влијае на општата клима на бизнисот и придонесува многу компании поради недостиг од работна сила да ги затворат своите бизниси.
Оттаму, на овој проблем со недостиг од работна сила мора да му се пријде многу посериозно и посистематски.

Но за да се случи тоа, најпрво треба партиите да се откажат од тоа да бидат агенции за вработување и постојано да им ветуваат на своите партиски приврзаници дека ќе ги вработат.Таквата филозофија досега многу скапо ја чинеше Македонија, исто како и немањето државна и образовна стратегија како и на кој начин да се пополни и надомести дефицитот во одредени дејности и занимања.
Државата е таа што со разни стимулативни мерки и поволности може да го зајакне приватниот сектор и на тој начин да ги одврати невработените да бидат заинтересирани исклучиво за вработување во државниот и јавниот сектор.
Додека приватниците мака мачат како да најдат работници и можат да доживеат колапс поради недостиг од работници, државните компании и институции може да доживеат колапс поради превработеност.Во тоа мора активно да се вклучи и образованието, кое треба да се врати на периодот кога во Македонија имаше средно насочено образование, кое сега некои странски ментори го нарекуваат дуално образование.
Наедно и преквалификацијата не треба и натаму да биде табу-тема, зашто има многу позитивни примери каде што луѓе токму со преквалификација и изучување разни „занаети“ сега не можат глава да кренат од работа и заработуваат високи плати.