Антивирус

Кога сме уште кај изговорите дека поради блокираните закони не се направиле реформи, нека проверат само колку развојни стратегии, колку проекти подготвени од експерти и разни други стручни групи останале со години во разни фиоки, некои и фрлени, само затоа што секоја партија кога ќе дојде на власт мисли дека таа знае најдобро и дека сè што било претходно не вреди. Впрочем, експертска комисија три години работеше на измените за Кривичниот законик, за да се најдат пар манги што за една вечер напишаа измени и турнаа еден куп случаи по судовите. И после се чудат зошто биле лоши оценките за судството и воопшто за владеењето на правото. Не нула, треба минусна оценка да ни доделат.

Уште не спласнуваат реакциите по објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија, во кој Брисел конечно проговори без дипломатски ракавици, па наместо како досега, кога негативностите ги оценуваше со „умерен напредок“, сега јасно кажа дека нема напредок во повеќето клучни поглавја.
Овој пат и на Европејците изгледа им дојде прекуглава од сите овдешни глупости на кои беа сведоци изминатава година, па ни донесоа извештај што очигледно ги остави затечени и оние што требаше да го примат, па мораа еден цел ден да молчат и да смислуваат одговор кому да му ја префрлат вината за таквите лоши оценки. Додуша, некои од тие задолжени за евроинтеграциите видоа дури и напредок во 80 отсто од точките во извештајот. Прашање е кој извештај го читале, годинешниот или некој им поттурил некој друг. Конечно, можеби ваквиот лош извештај е резултат на неисполнетите ветувања за уставни измени, можеби поради нешто друго, но, како и да е, владејачките добија „катиљ-ферман“.
Откако тимот за „кризен менаџмент“ ја пробдеа ноќта смислувајќи кого да го обвини за катастрофалните состојби нотирани во извештајот на ЕК, му текна, опозицијата била виновна оти не ги изгласала уставните измени и оти ги блокирала реформските закони во Собранието и затоа не напредуваме. Арно ама, и овој наш народ се исшлифува сиве овие години лажен и краден, па почна да ги чита политичарите како „селски буквар“ и точно знае кога се вадат на сопствената неспособност.
Нека не ги замајуваат јавноста и граѓаните истите тие што година и половина трубеа на сите страни „уставни измени, уставни измени“, сега да зборуваат и да се правдаат дека државата не бележи напредок затоа што опозицијата ги блокирала законите во Собранието, па затоа не можеле ништо да направат со реформите. Македонија е земја кандидат веќе 15 години, а за тоа време, ако ништо друго, поголем дел од домашните закони усогласи со европската легислатива, да не речам, буквално ги препиша. И тоа не е спорно, нема зошто да измислуваме топла вода кога нешто веќе функционира. Спорно е што ниту еден од тие преземени закони не се спроведува и не се почитува.
Значи, ниту една власт не смее да се вади на опозицијата за лошите оценки во извештаите на ЕК, бидејќи таа ги има алатките на управа, таа ја води целата работа, ги има законите и механизмите како да ги примени тие закони, така што ако сака нешто да работи, треба да почне да ги спроведува постојните закони, а не да се вади дека опозицијата ги блокирала новите закони во Собранието. Впрочем, тоа ѝ е целта на секоја опозиција, преку разни марифетлаци да се дограби до власта што поскоро, но со легални и демократски средства. Ако опозицијата само ги потврдува политиките на власта, тогаш нема потреба од нејзиното постоење. Нејзина улога е да биде коректор и ако смета дека нешто е спротивно на националните и граѓанските интереси, тоа треба да го спречи.

Кога сме уште кај изговорите дека поради блокираните закони не се направиле реформи, нека проверат само колку развојни стратегии, колку проекти подготвени од експерти и разни други стручни групи останале со години во разни фиоки, некои и фрлени, само затоа што секоја партија кога ќе дојде на власт мисли дека таа знае најдобро и дека сè што било претходно не вреди. Како инаку ќе лапнат пари за нови стратегии? Впрочем, експертска комисија три години работеше на измените за Кривичниот законик, за да се најдат пар манги што за една вечер ги напишаа сите измени на КЗ и со тоа турнаа еден куп случаи по судовите. И после се чудат зошто биле лоши оценките за судството и воопшто за владеењето на правото. Не нула, треба минусна оценка да ни доделат.

ЕК ни забележува и за корупцијата, немало борба со оваа лоша општествена појава. Па, како ќе има борба, кога корупцијата е основно средство за богатење на оние што голи и боси влегуваат во политиката, а излегуваат како мултимилијардери. Дали некој мисли дека постои некоја политичка гарнитура што ќе го секне тој волшебен извор на средства? Кога никој не ја гони корупцијата, многу е лесно таа да царува. Џабе САД објавуваа црни листи, кај нас оние што ќе се најдат на таа американска црна листа мува не ги лази. Дури и американската амбасадорка Агелер изрази загриженост за случувањата во Судскиот совет и за притисоците врз судиите, небаре нешто невообичаено се случило. Нека излезат со имиња и презимиња, кој е тој политичар што вршел притисок, кон кого, за на крајот да преземе одговорност. Вака само да се констатира дека имало притисоци, исто како да ги немало. Пак ќе ги има. Тоа е нашето судство, непостојно, за жал.

Како и да се земе, заеднички именител на сите политички гарнитури во оваа земја е немањето волја да се спроведат вистински реформи. Сите тие се свесни дека реформите се болни и непопуларни, дека значат губење многу гласови на следните избори, па затоа се решаваат лагодно да владеат така што ќе ги исполнуваат сите желби на меѓународната заедница, во замена таа да не ги притиска околу реформите. И тоа траеше со децении, за сега да се најдеме во ситуација кога државата повеќе не може да го издржи таквиот начин на владеење, кој буквално се претвори во владеење со државата на семејни кланови, кои водени исклучиво од лични финансиски интереси, целосно ги запоставуваат и, што е најлошо, ги загрозуваат националните и интересите на граѓаните. Затоа општеството е доведено до точка на вриење, кога мнозинството граѓани веќе немаат верба во никого, не веруваат дека постои човек што може да ја спаси оваа држава. А кога ќе се загуби вербата, тогаш работите се отидени по ѓаволите.

Година и половина се губеше време, се трошеа пари на убедување на граѓаните за придобивките од внесувањето на Бугарите во Уставот, од друга страна се нижеа коруптивните афери, скандали, кои како по обичај немаат никаква судска завршница бидејќи некои политички структури се целосно недопирливи за органите на прогонот, оти во спротивно ги вадат униформата и чизмите од таванот на старата куќа.
Веќе почна да претекува од сите страни, така што добро е што сега ЕУ барем накратко престана со лицемерството и ги плесна сите недостатоци директно во лице, без завиена форма како претходно, кога недостатоците ги оценуваше со „умерен напредок“. Е, сега, од тоа „умерен“ ЕК ни извади едно „е“ и го добивме вистинскиот напредок. Тоа е нашата реалност, црна и никаква, каква што е во моментов. И кога, кажано со компјутерски жаргон, ќе се стемни екранот, време е за форматирање на дискот.

Овој извештај на ЕК го стемни „македонскиот екран“, па затоа како општество треба да собереме сили за еден целосен формат, со кој ќе ги избришеме сите „вируси“, „тројани“ и преостанати штеточини што го поткопуваат нашиот „хард диск“. Потребен ни е еден антивирус, кој ќе ги исчисти судството, институциите, политиката, генерално целото општество, но и кој ќе спречи идни напади и појава на вируси што разјадуваат и уништуваат. Овој извештај само покажува колку ни е потребен пресврт во начинот на кој гледаме на интеграцијата во ЕУ и на начинот на кој воопшто гледаме кон промени. Илузорно е повеќе да се зборува за уставни измени, кога куќата внатре ни се распаѓа. Затоа, можеби не треба да се занемарат изјавите на австриската министерка Каролине Едштадлер, која ја повика Европската Унија на почетокот на следната година да одржи меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија, и без уставните измени.

Уште еднаш, да се зафатиме дома да си ја средиме државата оти ЕУ нема да ни ја среди. Доста со наративи од типот дека не сме способни. Тој што смета дека не е способен, нека се тргне и нека му отстапи место на оној што мисли дека може нешто да направи. Способни сме за сè, само требаат волја и знаење и вистински луѓе на вистински места. Оние што се плашат дека во едни такви времиња за нив нема да има место на политичката сцена, оживуваат национализми, отвораат музеи, истакнуваат мапи на големи држави оти нивното се виде, освен што станаа милионери, ништо друго не им понудија на обичните граѓани. Им изградија само музеи и споменици во кои повторно тие се сликаат, за подоцна да седнат во затемнетите „мерцедеси“ и да си заминат од сиромашните села оставени без патишта, водоводи, канализации, иако пред изборите токму истото тоа им го ветувале тие „лидери“.
На крајот, тој антивирус веќе се шири насекаде во општеството, почнува да ги притиска партиските намесници, полтроните, неуките, криминалците и сите други што мислат дека сами не можеме. Е, баш можеме и ќе го докажеме тоа!