Први мај и македонската борба

При историското формирање на македонската држава на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) и во документите од 1944 година се препознава нашата уникатна борба во која се идентификуваат три главни столба. Првиот столб е антифашистичката борба на македонскиот народ против најголемото светско зло (тогаш и до ден-денес) – фашизмот и нацизмот. Вториот столб се борбата за национално ослободување, подигната на традицијата, и изградената колективна историска и национална свест за афирмација на македонскиот идентитет, изразен низ формата на универзалното право за самостојност на македонскиот народ. И третиот столб, кој во оваа пригода, поради празникот Први мај, би сакала да го издвојам е социјално-ослободителната борба на македонскиот народ, односно социјалното ослободување!

В среда се прославува Меѓународниот ден на трудот, празник што насекаде во светот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.
На овој ден се оддава почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Штрајкот бил организиран за воведување осумчасовен работен ден, но, за жал, на штрајкот била употребена сила од страна на полицијата, која резултирала со жртви. Токму затоа на овој ден работниците од целиот свет одржуваат демонстрации за подобрување на својата положба. Традиционално, секоја година на Први мај се одржуваат мирни протести во знак на одбележување на овој ден.
Кај нас овој ден е државен празник, неработен ден, а симболиката со организирање протести претежно се организира од страна на работничките синдикати.
Македонскиот народ важи за еден од најборбените народи, народ што целото свое постоење го истуркува низ долготрајни лути битки и борби, низ премрежиња и вековни негирања. Исто како и работниците некогаш што се бореле за своите права, така и Македонците низ целото свое постоење се борат за своите права и правдини.
Овој празник можеби најмногу го отсликува борбеното постоење на нашиот народ. И тука не станува збор само за работниците чии права некако секогаш се затскриени и во континуитет прекршувани од страна на работодавците, туку, генерално, игнорирањето на македонштината и на постоењето на македонската нација, континуираното прекршување на нашите права да имаме своја држава и мешањето од надворешна страна во нашата сувереност, само укажува на тоа дека овој празник за правата на работниците уште повеќе содејствува со битката за Македонија.
Низ долгогодишни историски битки и изрази на негодување, Македонците исто како и работниците во Чикаго се борат за подобро утре и побезбедна иднина во сопствената држава. Знам дека повеќето од нас знаат, но еве шанса да ги потсетиме и нашите помлади читатели. Дали всушност знаат дека при историското формирање на македонската држава на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) и во документите од 1944 година се препознава нашата уникатна борба, во која се идентификуваат три главни столба:
Првиот столб е антифашистичката борба на македонскиот народ против најголемото светско зло (тогаш и до ден-денес) – фашизмот и нацизмот.

Вториот столб се борбата за национално ослободување, подигната на темелот на традицијата, и изградената колективна историска и национална свест за афирмација на македонскиот идентитет, изразен низ формата на универзалното право за самостојност на македонскиот народ.
И третиот столб, кој во оваа пригода, поради празникот Први мај, би сакала да го издвојам е социјално-ослободителната борба на македонскиот народ, односно социјалното ослободување!
Во тој контекст само би ги споменала белешките на Цветко Узуновски-Абаз во врска со „Националната и социјално-ослободителна борба на македонскиот народ“, каде што споменува четири фактори од судбинско и решавачко значење во поновата историја на македонскиот народ.
Имено, во третиот фактор, авторот недвосмислено го издвојува односот на работничките движења кон македонскиот народ, а и обратно на македонскиот народ кон работничките движења, за непоколебливата борба за права и социјална слобода.
И да нема дилема како ние низ историјата сме се поставиле кон клучните прашања, вклучувајќи го и социјалното прашање, односно прашањето на работничките права, статус, просперитет и негова благосостојба. Затоа што тоа е вградено во темелите на македонската држава.
Први мај нѐ потсетува на Денот на работничките права и битката за нивно подобрување. Овој ден треба да нѐ потсети дека мора да издржиме за да го дочекаме новото сонце на слободата, просперитетот и благосостојбата.
Нека ни е честит 1 Мај.

[email protected]