Фото: Архива

ШАХ – ДЕНЕСКА ВО БУДВА ПОЧНУВА ЕКИПНОТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Со партиите од првото коло (од 15 ч.) денеска почнува Европското првенство (ЕП) во шах во Будва (Црна Гора), на кое машката и женската репрезентација на Македонија ќе настапат во подмладен состав, предводени од селекторите, интернационалниот мајстор (ИМ) Атанас Кизов, односно ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубиша Андоновски. За машката селекција ова ќе биде 13-то учество на ЕП, а за женската репрезентација деветто.
На машкото ЕП, 24-то по ред, пријавени се 38 селекции, со вкупно 189 шахисти, од нив 133 велемајстори (ВМ), Азербејџан е прворангиран (просечен рејтинг 2.701 поен), а Македонија е на 32-то место (2.401).

– Очекувам борба и на индивидуален и на екипен план. Повторно не настапуваме со најсилниот состав, така што резултатот не е во преден план. Како екипа ќе се трудиме да стекнеме искуство во мечевите со посилните репрезентации. Се надевам дека ќе играме во добра форма и ќе успееме да направиме некое изненадување. Ако се укаже можност, ќе се обидам да го освојам и третиот велемајсторски бал – вели ИМ Филип Панчевски.

ЕП 2023 се игра во девет кола, на по четири табли, со по една резерва.
– Европското првенство ќе биде најсилниот турнир на кој ќе учествувам годинава и затоа немам некои индивидуални очекувања. Едноставно ќе се обидам да дадам сѐ од себе за да постигнеме добар резултат. Со оглед на силната конкуренција, секое место над почетното би го сметал за успех – вели ИМ Никола Николовски.
На женското ЕП, 15-то по ред, има 160 учеснички (12 ВМ, 24 ЖВМ…), прв фаворит е Грузија (2.471), а Македонија (1.919) е последнорангирана, на 32-то место.
– Секако дека не се плашиме од противниците што ќе ги добиеме. Ќе дадеме сѐ од себе да одиграме што подобро. Пет места подобар пласман од почетниот би бил добар резултат за нас во оваа конкуренција – вели репрезентативката Катерина Петровска.
Македонските репрезентации ги остварија најдобрите пласмани на ЕП 2003 во Пловдив (шахистите беа 12-ти меѓу 37 селекции, а шахистките 20-ти меѓу 31 репрезентација). Кај мажите пред две години победи Украина, пред Франција и Полска, а кај жените славеше Русија, пред Грузија и Азербејџан.
Македонија (мажи): ИМ Филип Панчевски (2.441 рејтинг-поени), ИМ Никола Николовски (2.405), ФМ Емил Ристески (2.379), ИМ Тони Лазов (2.377), ФМ Андреј Велјаноски (2.289). Селектор: ИМ Атанас Кизов.

Македонија (жени): ЖФМ Моника Стојковска (2.047), Ивана Манова (1.941), Катерина Петровска (1.844), Сања Трајковска (1.844), Моника Жежовска (1.722). Селектор: ФМ Љубиша Андоновски.

Г.И.