Евроскептицизмот расте на иста гранка со немањето реципроцитет и заемност

Доколку постоеја реципроцитет и заемност, Европската Унија и Брисел немаше да бидат фокусирани само кон сопствените цели туку, напротив, реално ќе погледнеа кон отворените негирања на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. (Не)реципроцитетот и (не)заемноста негативно се одразуваат врз перцепцијата на македонските граѓани, затоа што Европската Унија го прекршува меѓународното право за човекови и малцински права, бидејќи на македонското малцинство во Република Бугарија му е ускратено основното право за здружување и слободна мисла

Социјалната психологија (интердисциплинарна наука помеѓу психологијата и социологијата) истражува како однесувањето, мислите и чувствата на човековите битија се под влијание на замислено или актуелно присуство на други човечки битија (поединци или групи). Научниците и експертите од оваа научна област расудуваат дека човековото битисување може да се објасни со соодносот помеѓу социјалните ситуации и менталните состојби. Меѓу другото, социјалните психолози се насочени кон истражување на влијанието на една група врз друга група. Тоа е особено значајно за разбирање и решавање на меѓугрупните недоразбирања како што се тензиите и спротивставеностите помеѓу државите, нации или општествата.
Анализите и истражувањата потврдуваат дека односите помеѓу групите може да биде непријателски, пријателски, натпреварувачки и структурни, а споменатите односи се условени од квалитетот на меѓусебните односи и позитивниот реципроцитет. Социјалните психолози веруваат дека реципроцитетот е суштински за тоа како човековите битија комуницираат и егзистираат во општеството, но и како одделните заедници (нациите или државите) општат помеѓу себе. Истражувањата потврдуваат дека реципроцитетот овозможува стабилни и постојани односи помеѓу поединците или заедниците, односно дека луѓето или заедниците се пријателски настроени и кооперативни кон пријателски дејства.
Конкретно, позитивниот реципроцитет се манифестира кога на дејството извршено од поединецот или заедницата се возвраќа со дејство што има приближно еднаков позитивен ефект. Најчесто, возвратното дејство треба да биде приближно еднакво на првото дејство во однос на позитивната вредност, во спротивно тоа може да резултира со непријатна социјална ситуација. Поединците и заедниците секогаш очекуваат дејствата да бидат возвратени со дејства што имаат приближно еднаква вредност, во спротивно може да се појави чувство на незадоволство, нешто што се одразува негативно во заемните односи помеѓу поединците и заедниците, а може да доведе до непријателство и зголемени тензии.
Социјалната психологија е значајна, а позитивниот реципроцитет и меѓусебноста не се празни флоскули туку, напротив, објаснуваат одредени ситуации. Совршен пример за тоа е зголемениот евроскептицизам кај македонските граѓани. Неколку анкети и истражувања посочија дека од 2019 година до денес поддршката за членство на Република Македонија во Европската Унија значително опаднала. Податоците велат дека од 17,3 отсто, колку што се противеле на членството во ЕУ во 2019 година, бројката скокнала на 24,8 отсто, односно секој четврти граѓанин е против членство во Европската Унија. Доколку малку подлабоко се анализира оваа реалност, очигледно е дека е условена од (не)реципроцитетот и (не)меѓусебните односи помеѓу нашата држава и Европската Унија.

Во односите помеѓу нашата држава и ЕУ не постои никаков реципроцитет, а недостигот од возвратни искрени позитивни дејства од Брисел доведува и до недостиг од искрен импулс за меѓусебно поттикнување просперитет, кој е суштински за секоја здрава врска помеѓу две страни. Зошто велиме дека нема реципроцитет и заемност? Доколку постоеја реципроцитет и заемност, Европската Унија и Брисел немаше да бидат фокусирани само кон сопствените цели туку, напротив, реално ќе погледнеа кон отворените негирања на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. (Не)реципроцитетот и (не)заемноста негативно се одразуваат врз перцепцијата на македонските граѓани, затоа што Европската Унија го прекршува меѓународното право за човекови и малцински права, бидејќи на македонското малцинство во Република Бугарија му е ускратено основното право за здружување и слободна мисла. Тоа се потврдува и во последниот извештај на Стејт департментот за човекови права, во кој се наведува дека „властите продолжија да негираат регистрација на етнички македонски активистички групи, како што се обединета македонска организација ’Илинден’, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права во 2023 година и македонскиот културен клуб ’Никола Вапцаров’, и покрај претходните многубројни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите. Во февруари Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на обединетата македонска организација ’Илинден’-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучувајќи го и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“.

Истражувањата потврдуваат дека токму реципроцитетот овозможува стабилни и постојани односи помеѓу поединците или заедниците, односно дека луѓето или заедниците се пријателски настроени и кооперативни кон пријателски дејства. А во односите помеѓу нашата држава и ЕУ не постои никаков реципроцитет, а недостигот од возвратни искрени позитивни дејства од Брисел доведува и до недостиг од искрен импулс за меѓусебно поттикнување на просперитет, кој е суштински за секоја здрава врска помеѓу две страни. Зошто велиме дека нема реципроцитет и заемност?

Само замислете, Македонците што живеат во Република Бугарија, а во личните документи им пишува дека се граѓани на Европската Унија, не можат да добијат официјално признавање како етничко малцинство, а истовремено од „нашата“ држава се бара промена на Уставот и внесување на бугарската заедница како одделен етникум, каков апсурд! Многумина македонски граѓани имаат роднини и пријатели во Република Бугарија на кои им се ускратува основното човеково право, а оттука се објаснува и негативното расположение кон Европската Унија.
Крајно време е Европската Унија и Брисел да разберат дека здрава врска се создава кога двете страни се чувствуваат мотивирано и охрабрено, како и со наоѓање рамнотежа помеѓу индивидуалните и заедничките цели. Рамнотежата и реципроцитетот се суштински затоа што и двете страни, во нашиот случај Европската Унија и Република Македонија, истовремено ги поддржуваат целите на партнерот, со што се создава чувство на почитување во врската, а не како досега – дикати и постојани ирационални барања!