Сѐ што треба е љубов

Најдобар пример за уличните кучиња и домашните миленици ми е населбата Железара. На железарци им симнувам капа. Таква хармонија помеѓу домашни миленици и улични кучиња никаде не сум видела. Тамошните деца растат со кучињата, и со оние што се во нечија сопственост и со уличните. Играат со нив, ги негуваат, ги чуваат, галат, им даваат вода и храна

Уличните кучиња ги има во секој град и тоа е факт. Иако во светски поразвиените градови имаме многу подобро справување со овој проблем, подобро сместување на кучињата и уште подобар третман, тоа не значи дека во метрополата не се работи на решавање на овој проблем.
Токму напротив. Откако е формирано прифатилиштето за улични кучиња „Лајка“, третманот што го добиваат кучињата е драстично подобар за разлика од некои минати времиња, кога односот кон нив и не беше за пофалба.
Да се осврнеме малку на темата со постоењето на уличните кучиња, но и на граѓаните што истото тоа го сметаат за проблем.
Улични кучиња постојат насекаде, не само во Скопје. И тие се дел од природниот процес на природата за размножување и тоа не е научна фантастика. Ги има во голем број по улиците затоа што проблемот со граѓани што се нафаќаат да чуваат, па се откажуваат и ги исфрлуваат на улица е огромен.
Значи, повторно виновни за таквата ситуација сме ние – луѓето. Треба сериозно да се сфати дека одлуката да се чува домашен миленик е исто како да се одлучите да имате дете. Детето не би го фрлиле на улица кога ќе ги добие првите грчеви и непрестано ќе плаче 24 часа, нели?
Само затоа што овде станува збор за куче, ситуацијата не е ништо поинаква. И тоа е жива душа и тоа сака љубов и грижа од своите сопственици. Неправедно е да му дадете неколку дена дом, а потоа да го исфрлите на улица како да е отпадок, како да е предмет на кој одамна му завршила намената.
Уште понеправедно е да се одлучите да чувате куче, а да го врзете да седи затворено со денови во еден агол од дворот или во бокс, а да се фалите дека имате куче. Ниту тоа не е хуман третман. Кучето е нашиот најдобар пријател, сака да комуницира и да игра со вас, сака внимание, нежност и грижа. Себично е да се чува заврзано во ќош со денови, нели?

Кучето во вас гледа авторитет, гледа сојузник, пријател и бара љубов. Ако еднаш се однесувате екстремно со него и го малтретирате, ќе ви прости, бидејќи ве сака.
Ако тоа го повторите неколкупати, повторно ќе ви прости, но ќе ја загуби довербата во вас. Ќе се плаши од вашата сенка. И на крајот ќе избега или вие ќе го исфрлите надвор, или ќе се случи најлошото – ќе ве нападне. Довербата на кучето ја нема, па од страв напаѓа сѐ што ќе му се приближи.
Ете го проблемот. Тоа е срцевината на нашиот проблем со уличните кучиња.
Огромен е бројот на граѓаните што се жалат од уличните кучиња, а уште поголем е бројот на оние што работат со нелегални одгледувачници, кои неконтролирано ги размножуваат и препродаваат, без да размислат дека тие се дел од проблемот на цело Скопје. За пари ги продаваат, купувачите ќе се порадуваат некој ден и ќе ги пуштат на улиците. Ете зошто имаме голем бројот улични кучиња.
Постојано слушам дека најголем грев е тоа што уличните кучиња оставале измет зад себе насекаде, а сега, откако се разубави времето, секојдневно гледам дека огромен е бројот на сопственици на кучиња што воопшто не го собираат изметот од своите миленици.
Уличните кучиња требало да се тргнат од улиците. Да, делумно се согласувам, но што да се прави со нив? Зарем не е жално да останат врзани во некој шелтер до крајот на нивниот живот?
Најдобар пример за уличните кучиња и домашните миленици ми е населбата Железара. На железарци им симнувам капа. Таква хармонија помеѓу домашни миленици и улични кучиња никаде не сум видела. Тамошните деца растат со кучињата, и со оние кои се во нечија сопственост и со уличните. Играат со нив, ги галат, ги чуваат, им даваат вода и храна.

Кога сите жители на метрополата би оставиле храна за уличните, кога не би ги задевале и малтретирале, нема да имаме никаков проблем со напаѓање од страна на животните. Животното реагира импулсивно, реагира за да се заштити, од страв.
Посебно би ги пофалила „Лајка“, бидејќи ми се допаѓа насоката кон која се движиме како град. Ми се допаѓа тоа што се проверуваат вдомувачите, се следи кучето откако ќе се вдоми, ми се допаѓа тоа што не се даваат кучињата колку да се куртулат од нив.
Иако Македонија нема конкретен закон што би ја регулирал токму оваа проблематика, немаме полиција за животни, како што тоа го има во многу развиените земји, сепак кучињата што се вдомени од „Лајка“ не се оставени на милост и немилост на вдомувачите и не завршуваат на улица. Токму тука е решението на нашиот проблем. Социјализација на кучињата, стерилизација, несебична грижа, љубов и нивно чување води кон системско решавање на овој проблем, води кон намалување на бројот на улични кучиња, а дополнително, растењето нови генерации што ќе покажуваат љубов и грижа кон секое живо суштество, ќе нѐ спаси од проблеми со уличните кучиња. Сето тоа ќе направи од Скопје пријателски град кон кучињата. Да станеме похумани заради себе и заради нив. Тие не се виновни што завршиле на улица, виновни сме ние.

[email protected]