Светот на спортот постојано се менува

Светот, а со тоа и спортот, се соочи со невидена ситуација, во која поради пандемијата на коронавирусот запреа многу сегменти од вообичаеното функционирање. Но сега е важно и за спортот да се престрои и да продолжи понатаму. И претходно, а сега веројатно уште поважно ќе биде засилено да се работи во базата, со младите. Светот на спортот постојано се менува, а нови предизвици одново и одново излегуваат пред спортистите, клубовите, репрезентациите, федерациите, меѓународните спортски институции…, но секогаш мора да се има највисоката цел пред себе

Светскиот спорт, по тримесечна блокада поради ширењето на коронавирусот, повремено се враќа, само на домашна сцена во одредени земји, но некако јавува дека во скоро време ќе се врати во полна сила, секако, во рамките на новите можности што ќе бидат актуелни по светската криза предизвикана од пандемијата.
Засега главно фудбалот, планетарно најпопуларниот спорт, е тој што одново се игра во некои од најсилните европски првенства, но и во други земји, а вниманието го привлекуваат и спортови што може да одржуваат настани преку интернет (шах, на пример) или некакви форми на „игри на далечина“ (како во атлетиката, на пример), но и во двата случаја тоа се неофицијални натпреварувања.
Секако, тие, а и повеќе други за летните месеци најавија продолжување или почеток на сезоната. Од спортовите во сала продолжи, на пример, кошаркарското првенство во Германија, наскоро и во НБА, со турнири организирани во еден град.

Се вкупно тоа е далеку од забревтаната спортска машина, во одредени случаи и индустрија, како што беше до почетокот на годинава. Далеку од враќање се и меѓународните натпреварувања, но работите полека се движат напред, а според досегашните најави фудбалот можеби ќе биде локомотивата и на тоа поле, како знак за глобалното враќање во новата нормалност.

Но застојот и во спортот донесе нови можности за обмислување на идните потези, од натпреварувачки аспект, потоа предизвик од аспект на составување на сложената сложувалка наречена меѓународен спортски календар, до нови организациски идеи за превенција од слични ситуации, како ситуацијата сега со ковид-19, поради кои спортот би бил сопрен на одредено време.

Така, на пример, за ова веќе се предлагаат обврски за раководните тела, организаторите на натпреварувањата и за клубовите да формираат или да партиципираат во резервен фонд, кој може да биде од помош во ситуации како што е сегашната, со пандемијата на коронавирусот.

Во меѓувреме, во базата, во вишокот слободно време спортистите немаа многу можност за вообичаен тренинг, туку само за индивидуална работа, па затоа сега е важно да се оди чекор по чекор, како што советуваат стручњаците од повеќе области, да нема прескокнување на чекорите.

Како во народната поговорка „зрно по зрно погача“, оти сите успеси се должат на многу вложен труд, но секој ден, а потоа олимпиското мото „побрзо, повисоко, посилно“ всушност е тоа што би носело уште понапред, во спортот и во други сфери. И спортот бара постојано докажување, па резултатите ќе го отсликаат вложениот труд. Успехот не е инцидент, тој е мозаик. „Кога нема да успеете да се подготвите, подгответе се да не успеете“, рекол Бенџамин Франклин.

Паузата, но сега и новиот претстоен циклус за подготовки за новите сезони во сите спортови се нова можност за часови напорна работа, за потоа само на изглед лесно да се решаваат сложени ситуации на натпреварите, да се постигнуваат голови (поени…) кога ретко кој би постигнал. Славниот кошаркар Кевин Друант вели: „Макотрпната работа ќе го победи талентот, кога талентот не работи макотрпно“.

За сѐ да не се сведе на единечен блесок, потребна е работа во континуитет, за успех во низа. Од млади години. Шампионите немаат работно време и не познаваат пократок пат. Таквата поставеност носи резултат. Очигледно е од многу примери. Ако водилка е основното во спортот, победата, секој спортист, кога-тогаш, но само со голема работа, веројатно ќе стигне до важни и големи триумфи.

И до изненадувања, со кои спортот е полн и поради кој спортот добива дополнителна привлечност и убавина, како на пример кога славеше Лестер во најсилната фудбалска лига на светот, англиската, или како кога македонските фудбалери до 21 година обезбедија историски прв, и тоа директен, пласман на Европско младинско првенство во 2017 година освојувајќи го првото место во својата квалификациска група итн.
Светот, а со тоа и спортот, се соочи со невидена ситуација, во која поради пандемијата на коронавирусот запреа многу сегменти од вообичаеното функционирање. Но сега е важно и за спортот да се престрои и да продолжи понатаму.

И претходно, а сега веројатно уште поважно ќе биде засилено да се работи во базата, со младите, тие да играат, да се форсираат, но секако треба да се биде и стрплив, поради повисоки цели, кои би се оствариле подоцна. Светот на спортот постојано се менува, а нови предизвици одново и одново излегуваат пред спортистите, клубовите, репрезентациите, федерациите, меѓународните спортски институции…, но секогаш мора да се има највисоката цел пред себе.

„Единственото место каде што победата доаѓа пред работата е речникот“, рекол славниот тренер во американски фудбал Винс Ломбарди.

[email protected]