Македонска кохезија наспроти европската хипокризија

Најдобар и најсвеж пример за кохезионо поведение е македонската фудбалска репрезентација, која покажа дека кога е единствена и неподелена, може да се пласира и на европско првенство. Така и ние, ако ги надминеме сите поделби
и несогласувања и конечно станеме сплотени постојано, не само кога ни се случуваат немили настани и блокади, тогаш најмногу ќе се доближиме и до ЕУ

Бугарското вето за пристапните преговори за Македонија со Европската Унија предизвика привремен триумфализам кај одредени политички структури во Бугарија, кои веројатно немајќи што да им испорачаат на своите граѓани во насока на подобрување на нивниот живот, им го продаваат романтичниот сон за санстефанска Бугарија, сон што продолжува да се сонува веќе подолго од еден век.
Апсурдните барања со кои официјална Софија ја услови Македонија наидоа на сериозни реакции кај меѓународната заедница, која јасно им стави до знаење на Бугарите дека не може да си играат со нечие чувство за самоопределување, со неговиот јазик, идентитет, историја… Се огласи и американскиот Стејт департмент, јасно нагласувајќи дека на ваквите бугарски уцени и барања не им е место во преговарачката рамка за ЕУ.
Сега повеќе од јасно е дека Бугарија увиде дека нема поддршка од ниту една земја во Европа и во светот, па полека се обидува да се извади од кашата што сама ја замеша, но истовремено и да не излезе посрамена од целата ситуација.

Тоа може да се насети и во последните изјавите на тамошните најекспонирани политичари во последно време, дека не е сè завршено и дека до декември може да се најде решение. Сега одеднаш Захариева и Каракачанов го префрлаат фокусот врз справувањето на говорот на омраза кон Бугарија во Македонија и кон неисполнување на договорените инфраструктурни проекти, а „историската вистина“ некако потивко се слуша.
Се разбира, сосема прифатливо и за двете земји ќе биде да се интензивира економската соработка и да се изгради инфраструктура кон Бугарија, железница, автопат, нови гасоводни конекции, нови гранични премини.
Тоа ќе биде вин-вин ситуација за Бугарија и за Македонија. Софија ќе го добие компромисот (читај ќе го зачува образот) за да може да го повлече ветото на македонските евроинтеграции, а Македонија конечно ќе ги почне преговорите со ЕУ.
Несомнено тука, како и во случајот со Грција, ЕУ ја изневери Македонија. Сѐ што побара од земјава беше исполнето, без оглед и на превисоката цена што се плати, а сега истата таа ЕУ со своето премолчување на некој начин дозволува газење на меѓународното право и ставање вето без никаква основа. Унијата упорно го турка концептот на консензуалност, иако и самата е свесна дека тоа не функционира. Не ги санкционира своите членки кога не ги почитуваат меѓународните пресуди, иако во времето кога тие преговарале да станат членки се обврзале дека ќе го почитуваат владеењето на правото.

Како и да е, Европа ќе мора сама да се справи со тоа, а во меѓувреме ние треба тука да ја завршиме домашната задача исто како да сме ги почнале преговорите со Унијата. За да бидеме успешни, најпрво е потребно конечно да постигнеме кохезија во општеството по стратегиските теми и прашања и да почнеме со спроведување на неопходните реформи.
Македонија загуби 30 години во внатрешни поделби по партиска и друга основа, доведувајќи се во ситуација членови на семејства да не разговараат затоа што едниот бил вмровец, другиот сдсмовец или слично.
Тогаш кога ќе сфатиме дека она што ќе нè однесе напред се успешноста на реформите и квалитетот на луѓето што ги поставуваме на клучни функции, а не партиската или етничката припадност, е тогаш „ќе нѐ биде“.

Најдобар пример за кохезионо општество е македонската фудбалска репрезентација, која покажа дека кога е единствена и неподелена, може да се пласира и на европско првенство, сон што го сонува откако го изигра првиот натпревар во Крањ, во далечните 1990-ти години.
Така и ние, ако ги надминеме ваквите предрасуди и конечно станеме сплотени постојано, не само кога ни се случуваат немили настани и блокади, тогаш и ќе ги почнеме и ќе ги завршиме во рекорден рок преговорите и ќе станеме членка на ЕУ. Со добри и стручни преговарачки тимови, тоа, секако, е можно.
Сплотени полесно ќе ја пребродиме и здравствената закана, која речиси цела година го потресува човештвото, борбата со ковид-19, но и последиците што ќе произлезат од пандемијата по нејзиното завршување.
Како и да е, пред нас се повеќе предизвици на кои треба заеднички рационално и трезвено да им се пристапи, бидејќи од нашата способност за наоѓање решенија ќе зависи нашата иднина, иднина на држава во која ќе живеат среќни и задоволни граѓани.