Бомбардирање на Македонија

Сепак, најстрашно и најтрагично од сѐ е кога за одредени геополитички цели и интереси се игнорира и се гази меѓународното право, кое е всушност воспоставено да важи за сите земји еднакво. Кога меѓународното право, повелбите на ОН, конвенциите, резолуциите за човекови права, правото за самоопределување и други меѓународни документи се третираат од страна на големите и моќните како гума за бришење на малите и помалку влијателните. Таквото ракетирање на меѓународното право, кое поминува неказнето и се толерира, е еднакво страшно и опасно како и истрелувањето проектили од некој крстосувач

Некако одеднаш светот се најде пред работ на амбисот, иако многумина воени стратези и аналитичари ќе се согласат дека сегашните случувања и војната во најава околу Сирија не се случајни туку многу однапред испланирани. И додека последните месеци вниманието на светската јавност беше главно насочено кон Северна Кореја, нејзините нуклеарните проби и потезите на нејзиниот лидер, Сирија пак „прекуноќ“ стана настан број 1 и можен повод за нова светска војна од невидени размери и со катастрофални последици по човештвото. Ова само покажува колку се ранливи планетата и цивилизацијата и колку малку треба истите тие да се уништат и да исчезнат. Додека ги пишувам овие редови се очекува епилогот од закажаната итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, поврзана со евентуалните воздушни напади на САД и сојузниците врз Сирија и отворените предупредувања дека Русија ќе возврати на истите тие. Во моментов итен приоритет е да се спречи опасноста од нова светска војна.

Еден светски мислител многу одамна има кажано: „Оној што има намера да пишува историја, должен е да ѝ принесува жртва само на вистината“. Која е вистината во врска со последните случувања во Сирија и наводниот напад со хемиско оружје сѐ уште не е докрај расчистено и се сведува повеќе на претпоставки. Но очигледно, како што се потврдило и многупати претходно низ историјата, на големите играчи на светската политичка сцена не им е многу гајле за вистината. Наспроти тоа многу повеќе сакаат да ја пишуваат историјата. И тоа својата историја. Сепак најстрашно и најтрагично од сѐ е кога за одредени геополитички цели и интереси се игнорира и се гази меѓународното право, кое е всушност воспоставено да важи за сите земји еднакво. Кога меѓународното право, повелбите на ОН, конвенциите, резолуциите за човекови права, правото за самоопределување и други меѓународни документи се третираат од страна на големите и моќните како гума за бришење на малите и помалку влијателните. Таквото ракетирање на меѓународното право, кое поминува неказниво и се толерира, е еднакво страшно и опасно како и истрелувањето проектили од некој крстосувач. Впрочем, многу често второво е директна последица од првото, односно непочитувањето на меѓународното право.

Повелбата на ОН, како најважен меѓународен закон, забранува закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава. И внимателно следејќи ги настаните и заканите за ракетирање во Сирија некако сама по себе се наметнува паралелата со случувањата поврзани со нашата земја. И Македонија е бомбардирана иако можеби не сме свесни за тоа. И тоа трае веќе со години. Ракетирањето на Македонија не се врши со ракети „томахавк“ или со друга боева муниција туку со суптилни, но разорни дипломатски бомби, наполнети со условувања, уцени, притисоци. И ова бомбардирање врз нашата земја е спротивно на меѓународното право, прифатените повелби и резолуции на ОН, ЕУ и други светски тела и организации. Политичкиот притисок и бомбардирањето што ги трпи Македонија е несомнено случај без преседан во светската историја. Овие тврдења секако може да се поткрепат со многубројни, неособорливи факти и докази. Уште арбитражната комисија на ЕЗ за поранешна Југославија се има јасно изјаснето за тоа дека не смее да се поврзуваат името на државата (Република Македонија) со грчките територијални права. Истакнати познавачи на меѓународното право, професорите Хенкин, Пју, Шахтер и Смит забележуваат: „се чини нема никаква основа во меѓународното право или практика за грчкото барање Македонија да го промени своето име“. Но и покрај тоа за да ја побие наводната грчка загриженост дека името на земјава наметнува некакви територијални барања кон Грција, на 6 јануари 1992 година Македонија донесе два амандмана во својот Устав.

Еден светски мислител многу одамна има кажано: „Оној што има намера да пишува историја, должен е да ѝ принесува жртва само на вистината“. Која е вистината во врска со последните случувања во Сирија и наводниот напад со хемиско оружје сѐ уште не е докрај расчистено и се сведува повеќе на претпоставки. Но очигледно, како што се потврдило и многупати претходно низ историјата, на големите играчи на светската политичка сцена не им е многу гајле за вистината. Наспроти тоа многу повеќе сакаат да ја пишуваат историјата.
И тоа својата историја

Во нив е наведено дека Република Македонија „нема никакви територијални барања кон која и да било соседна држава“; дека нејзините граници можат да се променат само во согласност со Уставот и „општоприфатените меѓународни стандарди“; и дека, при изразување грижа за статусот и правата на своите граѓани и малцинства во соседните земји, таа „нема да се меша во суверените права на други држави и нивните внатрешни работи“. Но и покрај ваквите јасно искажани наши ставови, бомбардирањето однадвор продолжи. Па дури и се засилуваше и интензивираше од година на година. Се наметнува нови и нови барања, кои последниве месеци кулминираат со уцените за промена не само на името туку и на Уставот и цела палета други условувања. Но да се вратиме на полето на правото.

Од гледна точка на правната теорија, инхерентното право на една држава да има име произлегува од потребата еден правен персоналитет да има и правен идентитет. Во недостиг од таков идентитет, правниот субјект (како што е државата) би можел целосно да го изгуби својот капацитет независно да влегува во релации со други држави односно правни субјекти. Затоа, името на една држава се јавува како есенцијален елемент на нејзиниот правен персоналитет и на државноста. Во меѓународно право јасно е дефинирано дека принципите на суверената еднаквост на државите и неповредливоста на нивниот правен персоналитет водат кон заклучокот дека изборот на името е неотуѓиво право на државата. Во овој контекст, надворешното мешање во ова основно право е недозволиво и недопуштено. Да не ги споменуваме тука уште и Виенската конвенција за човекови права, сувереното право на самоопределување како и правната норма јус когенс. Сите овие меѓународни акти во случајот со Македонија се бомбардирани и девалвирани со грчките уцени за промена на нашето уставно име. Република Македонија несомнено ќе влезе во историјата и како држава што успеала да опстои и покрај толку неправди, подметнувања, уцени, правни и политички бомби однадвор. Сѐ до моментот додека самите не си активираме некоја домашна бомба што може да нѐ разнесе идентитетски како народ и како држава.