Зошто е тајна планот 5+1?

Што во планот го натера Зоран Заев, еден од малкутемина подготвени на попустливост, да изјави на самитот во Брдо: „Чекорите и блокадите што ги презема Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани“, но по враќањето дома да ретерира и да ја нагласи подготвеноста на Макрон и на Меркел за надминување на ветото? Што во планот го натера Никола Димитров да се огради од него?

Посетата на Кирил Петков, премиер на Бугарија на Македонија, како и изјавите на Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи и вицепремиер во Владата на Зоран Заев, ги вратија во фокусот на интересот македонско-бугарските односи, како и плановите за надминување на бугарската блокада на ЕУ-пристапувањето.
Што бара Бугарија? Накратко, Бугарија го бара тоа што го доби Грција со Преспанскиот договор, временско и територијално разграничување. Грција со Преспанскиот договор обезбеди временско разграничување или ексклузивност на хеленистичкиот период и територијално разграничување со немешање во внатрешните работи на Грција и нивното негирање на македонско малцинство таму. Соодветно Бугарија бара временско и територијално разграничување или Македонци и македонски јазик постојат од 1944 година и само во Република Македонија, пред 1944 година Македонците биле Бугари и надвор од Република Македонија нема Македонци, посебно во Бугарија нема Македонци. Ваквата доктрина на Бугарија за првпат е објавена од фондацијата „Манфред Вернер“ од Софија во 2008 година, година кога Дора Бакојани ја поставува доктрината на Грција. Последната година на тоа се надоврзуваат различни барања од Бугарија, но суштинското барање е временско и територијално разграничување.
Што без многу дискусија е целосно неприфатливо за кого било во Македонија, посебно за Македонците, без разлика дали се левица или десница! Во еден разговор со универзитетски професор од Солун, на мојот став дека барањата на Грција и на Бугарија се исти, добив коментар дека во форма можеби се исти, но во суштина Грција никогаш не тврдела дека сме браќа, туку само соседи што треба да се разграничат. Таа разлика во споровите го прави решението на бугарското вето многу потешко и посложено. Втората разлика на споровите е дека во случајот на Грција, левицата и десницата во Македонија беа разединети, во случајот на Бугарија, има сплотување на левицата и десницата во целосно отфрлање на суштинските барања на Бугарија.

Доказ за тоа е прогласот на група македонски интелектуалци, потпишан и од левицата и од десницата, „Чуму ѝ е на Европа една размакедончена Македонија“, која вели: „Македонија не може и не смее да прифати концепт на бугарски корени на македонскиот народ и нација“. Обидот на Зоран Заев да истурка решение на штета на Македонија беше поддржан од малкумина и генерално отфрлен, што е една од причините за заминувањето на Заев.
Соочени со нерешливоста на суштинското разидување меѓу Бугарија и Македонија, ЕУ понуди неколку можни планови, како берлинскиот и лисабонскиот, кои беа поврзани со соодветните претседавања со ЕУ. И берлинскиот и лисабонскиот предлог беа отфрлени од Бугарија, што сигнализираше дека Бугарија не е под притисок да попушти. Со словенечкото претседателство на ЕУ, по самитот ЕУ – Западен Балкан, Румен Радев, претседателот на Бугарија, и Урсула фон дер Лејен, претседателка на ЕУ-комисијата, обзнанија план 5+1, кој би требало да биде потпишан до ноември 2021 година. Како што е познато, планот 5+1 никогаш не е објавен, а не и потпишан. Пред ЕУ-самитот во декември 2021 година, Македонија испраќа одговори на планот 5+1, за кои тогашниот технички министер за надворешни работи на Бугарија изјави дека се незадоволителни, што може да го објасни непотпишувањето.
Што содржи планот 5+1 и зошто тој не се објавува, како ни одговорите на македонската страна? Содржината на планот може да се бара во изјавите на Румен Радев и на Бујар Османи, македонскиот министер за надворешни работи.

Според Бујар Османи, планот 5+1 се прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, плус и вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија. Ваквиот план или патоказ би бил под мониторинг на процесот за стабилизација и асоцијација, но не и од процесот за пристап, односно не би биле дел од преговарачката рамка на ЕУ, што е едно од барањата на Бугарија. Вака формулирани прашањата не звучат спорно, тогаш зошто Македонија не ги објавува во целост планот 5+1 и одговорите од македонското МНР? Што во планот го натера Зоран Заев, еден од малкутемина подготвени на попустливост, да изјави на самитот во Брдо: „Чекорите и блокадите што ги презема Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани“, но по враќањето дома да ретерира и да ја нагласи подготвеноста на Макрон и на Меркел за надминување на ветото? Што во планот го натера Никола Димитров да се огради од него? Можеби тајната е во деталите, и договорот за добрососедство не звучеше спорно, ама нѐ доведе дотука, до најниско ниво на македонско-бугарските односи.

(продолжува)

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek