Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)
Кога ќе се промаши патот, мора да се вратиш назад, ако сакаш напред. Во таква ситуација сме денес. Тоа ни се случи поради политиката, зашто и овој збор кај нас „се измелези“. Првиот сигнал дека зборот „политика“ се празни од своето прво значење и дека стекнува дури и спротивни значења, дојде кога овој збор почна да се употребува во множина. Денешниве политичари не велат „нова политика“, туку „нови политики“, дури и во рамките на една иста партија. Веројатно еднината им се чини премалку амбициозна, а „политикИ“ звучи подемократски, како изобилство од идеи. Треба некој да им каже дека зборот „политика“, во старогрчкиот (од кој потекнува), е веќе во множина, односно дека и во нашиот јазик функционира како singularia tantum: во еднина е, а подразбира множина. Политика значи – државни работи, а не државна работа. Но нашиве многу сакаат множини. Демек, стави го нештото во множина и си го демократизирал. На таа финта Американците ги седираат малцинствата – стави два-тројца Афроамериканци за судии и ете ти рамноправност. А тоа што мнозинството од малцинството останува во гето – никому ништо. Кај нас зборот „политика“ стана поим-сенештар („umbrella term“) кога почна да се применува и на „неполитички“ подрачја, како што е, да речеме, кованицата „родови политики“. За таа област повеќе би одговарал терминот „родова филозофија/психологија“, зашто „политика“ се однесува само на она што е кардинално и суштински сврзано со ОПСТАНОКОТ на државата (polis, politeia). Економијата или одбраната, на пример.
„Што е тоа важно?“, ќе рече некој. Па важно е: нема ништо поопасно од лизгав под и лизгав збор (освен во уметноста). Ако поимот политика стане „сенештар“, и политичарите ќе станат сенештари, како што и станаа: трговци, борци за несуштински права, бозаџии и арабаџии. Само не економисти. Идејата дека излезот за Македонија ќе се најде во „нови политики“ е чиста заблуда. Сѐ е веќе напишано како политичка програма (често и препишано од соодветни партии од Европа), и тие програми се демократски, проверени и главно ефикасни на Запад. Кај нас не се. Ако системот и ваму и таму е ист, а дава различни резултати – тогаш работата е до поединецот.
Триесет години од осамостојувањето ние само навидум спротивставуваме една политика на друга, зашто кај нас и во дијаметрално спротивните политички опции се наоѓаат три заеднички константи. Тоа се: 1. Глупоста; 2. Егоизмот и 3. Навиката. Само по себе се подразбира дека трите порока се однесуваат на поединецот, а не на колективитетите. Не може да постои „глупав народ“ (без разлика што Каракачанов така вели за Македонците), туку само „глупав човек“, за што идеален пример е токму тој господин. Нема глупава партија, туку само глупав партиец. Нема ни егоистичен народ, туку само егоистични индивидуи.
И додека глупоста и егоизмот не се толку заразни (сум седел и до глупави и до егоисти, па не сум пострадал многу), третото и најстрашно зло во политичкиот живот – навиката, е високозаразна болест на духот. Таа претставува одбивање да се мисли со своја глава и подразбира користење готов, искуствен образец на однесување. Иако и навиката се однесува на поединецот, а не на колективитетот, поради својата висока преносливост, таа создаде впечаток дека партиите се добро уиграни машини, само навидум составени од поединци. Да практикуваш колективни партиски навики и да останеш личност – едноставно не е можно.
Од тоа произлегува дека ние 30 години симулираме борба на политички идеи и програми („леви“ наспроти „десни“, „Европејци“ наспроти „националисти“, „зелени“ наспроти „нафтено-токсични“), а всушност никако да се избориме со глупоста, егоизмот и навиката. Нам не ни е потребна револуција во политиката, нам ни е потребна образовно-воспитна револуција. Глупоста се лекува со образование, егоизмот и навиката со воспитание (етика). Можеме да избереме и најнапредна политичка опција – и пак ќе ја претвориме во пораз, со: 1. глупави потези; 2. лакоми кражби (врв на егоизмот) и 3. рутинско, речиси машинско одбивање (навика) на сѐ што „не е партиски наше“, макар тоа бил и гениј.
Глупоста, како когнитивна дисфункција (неспособност за размислување) го уништува системот, зашто глупавиот човек влече потези што се непотребни, па дури и штетни за системот. Замислете колку треба да е човек глупав, за да фати да запишува Бугари во Уставот, а да не побара за возврат да се запишат и Македонци во бугарскиот устав (ако не е глупав, тогаш е умен, па е платен да го прави тоа). Глупаците повлекоа многу глупави потези и со името: кој неслабоумен човек би го свртел вниманието на светската јавност кон проблем што реално не постои, туку е само идеолошки конструкт на недобронамерни соседи? Идеолошки конструкт е дека не постои Република Македонија, како што е идеолошки конструкт дека постои Република Северна Македонија. Природно, што значи територијално и историски Македонија постоела од памтивек (види ја само Библијата), ако не како држава, тогаш како област и (ова е најважно!) како културна семиосфера.
Егоистичниот политички тип, пак, го уништува системот со својата лакомост. Тој личи на оној м’сје Бакет од Монти Пајтон, кој мора да се изблуе во кофа, за да може да продолжи да гнете. Она шопенхауеровско „сѐ за мене и ништо за другите“, поткренато на колективно ниво, за него станува „сѐ за мојата партија и ништо за другата“. Така се добиваат партиски вработувања, партиска дипломатија, партиски министерувања. Но се добива и цела армија млади што се селат и велат: FUCK YOU MACEDONIA, пренесувајќи го гневот од партијата на државата, од делот (pars, partis) на целината. И конечно, како доказ дека глупавоста, егоизмот и навиката се тесно поврзани и се раѓаат една од друга (често и кај ист човек) – земете ја навиката. Навиката налага, дури и кога имам различно мислење од она што е точка на дневниот ред, да ја кренам раката „за“. Зошто да си создавам проблеми, кога полесно е вака? Навиката е најубиствениот вирус за личноста денес: дава сигурност. Таа е крма за добиток обдарен со интелигенција, а не ја користи.
Затоа, добар премиер ќе биде не оној што ќе смисли некакви „нови“ и ингениозни политики, туку оној што ќе уфрли во рикверц. Рикверц кон образованието и посебно воспитанието! Ако не создадеме нови генерации, скромно воспитани и образовани, кои мислат со своја глава, дури премиерот и да ни донесе полни трезори злато, ќе се повтори истото. Глупавиот ќе го размени златото за слама, егоистот ќе го украде, а оној што живее по навика ќе го изеде, испие и потроши, зашто „сите така прават“. Толку.