Фото: Влада

Со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на Македонија и Бугарија, кој се одржува вчера и денеска во Скопје, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница, а кое треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и тргање на бугарското вето за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Планирано е секоја недела состанок да одржува една од овие групи, кои секоја во својата сфера треба да придонесе за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Министерството за финансии вчера и денеска е домаќин на бугарска владина делегација предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.

Ковачевски вчера изјави дека е внесена нова динамика во разговорите со Бугарија и договорен нов пристап во разговорите, свртен на реални теми, додавајќи дека сите комуникации на двете министерства за надворешни работи се во фаза на работни документи.

– Сите комуникации кои нашето МНР ги има со МНР на Бугарија се во фаза на работни документи, меѓутоа доколку се дојде до одредено решение, коешто ќе биде прифатливо за двете страни, тогаш нормално тоа ќе биде комуницирано, согласно процедурите, законите и Уставот на државата кај нас – изјави Ковачевски, посочувајќи дека шефот на дипломатијата Бујар Османи имаше излагање за разговорите со Бугарија пред Комисија за надворешна политика во Собранието.

Меѓу министерствата, исто така, ќе има комуниција според потребите, посочи Ковачевски, особено меѓу министерствата за одбрана, бидејќи и Северна Македонија и Бугарија се членки на НАТО.

Во меѓувреме известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук оцени дека новата Влада во Софија започнала добар процес за да ги зближи Скопје и Софија. Според Ќучук, кој е и копретседател на либералната партија АЛДЕ, европратеник од ДПС/„Обнови ја Европа“, има тензија на историски, но не и на политички план. Тој рече дека работел со овие луѓе долги години и веќе ја има нивната доверба.

Прашањата поврзани со членството на Северна Македонија во Европската Унија и тековниот дијалог со Бугарија, беше една од главните теми на вчерашната средба на специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич со претседателот Стево Пендаровски. Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, го информирал Пич за напредокот на дијалогот меѓу двете земји и во тој контекст, претседателот се заблагодари за интересот и поддршката на Велика Британија за македонско-бугарскиот дијалог. Шефот на државата потенцирал дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со ЕУ ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан.
Заедничката комисија за историски и образовни прашања на состанок овој месец.