Вистинскиот раскол не е меѓу левицата и десницата, па дури ни меѓу Истокот и Западот. Мапата претставува поделба меѓу Северот и Југот, меѓу развиените
и земјите во развој
Војната во Украина наиде на широка осуда и бранови економски санкции против Русија од страна на голем број западни држави. Администрацијата на Џозеф Бајден зборува за меѓународен сојуз против Москва. Сепак, бројките покажуваат една посложена слика. Европа и НАТО ја „бетонираат“ смислата на своето постоење во мобилизацијата против Русија, која започна војна во Украина. Меѓутоа, голем број земји во Африка, Азија и Латинска Америка останаа неутрални. Во ера на (макар и индиректна) обновена војна меѓу суперсилите, низ светот сè почесто се слуша прашањето дали можат земјите во развој, во кои живее речиси 80 отсто од населението на планетата Земја, да бидат вдахновени од Движењето на неврзаните од 1960-тите години.
За време на гласањето во Генералното собрание на ОН во почетокот на март, 141 држава со необврзувачка резолуција побараа од Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече трупите“ од Украина. Една недела подоцна, во еден сличен документ, 140 земји гласаа за хуманитарна заштита на украинското население.
Меѓутоа, кога на почетокот на април Генералното собрание решаваше за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН, бројот на гласови „за“ беше многу помал. Во прилог гласаа 93 земји, но 58 беа воздржани, а 24 беа „против“. Меѓу воздржаните беа Египет, Гана, Индија и Индонезија, кои за време на првата Студена војна, заедно со Југославија, го формираа Движењето на неврзаните, наместо да ги поддржуваат САД или СССР. Воздржани беа и други држави со големо население, како Бразил, Мексико, Нигерија, Пакистан и Јужна Африка. Најголемата меѓу земјите во развој – Народна Република Кина – гласаше против исклучувањето на Русија.
Не постои веродостојна анкета за поединечното размислување на секој жител на светот, но статистиката покажува дека 41 отсто од светската популација живее во државите што им се придружија на САД и Албанија, авторите на првата резолуција на Генералното собрание на ОН. Од 7.934.000.000 луѓе во светот, 59 отсто живеат во држави што не ја поддржаа резолуцијата.
Според една дополнителна пресметка, бројот на жители во земјите што не ја поддржаа резолуцијата паѓа на 34 отсто, доколку не би се сметале непосредно завојуваните страни и нивните сојузници. Од една страна, тука се Украина, САД и земјите-членки на НАТО, а од друга Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, од организацијата на Договорот за колективна безбедност.
Глобално, доколку се земе предвид демографијата, многу е поверојатно дека населението претставено од влади што не гласаа за резолуциите ги вклучува најсиромашните земји во светот, оние на периферијата на светскиот економски систем (Русија и НР Кина се на полупериферијата) и „обоените“ нации. За резолуциите гласаа сите земји што се рангирани во горната третина на средната (медијална) возраст, почнувајќи од Монако (51,1 година), па до Исланд (36,5 години). Од 20-те земји со најмладо население (од 15,4 до 18,9 години), само половината гласаше за резолуциите.
Ситуацијата е уште поразлична во однос на санкциите против Русија. И покрај широкораспространетото дека економските казни за Русија ја претставуваат волјата на меѓународната заедница – иако тие не беа донесени во рамките на ОН – ниедна држава во Африка, на Блискиот Исток или во Латинска Америка не подлегна на инсистирањата, па и „виткањето рака“ од страна на Вашингтон, Брисел и Лондон. Во Азија, тоа го направија само Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур и малку меѓународно признаениот Тајван – побунетата провинција на НР Кина.
Глобално, од сите 193 членки на ОН, близу 150 – или повеќе од 80 отсто од светската популација – досега ги немаат прифатено барањата на западните земји за воведување санкции против Русија. Како причина за тоа ги наведуваат „националните интереси“. Од друга страна, Москва прогласи 48 држави или територии за „непријателски“.
Џејк Саливен, советник за национална безбедност на претседателот Бајден, има голема доверба во Западот, кој сочинува околу 15 отсто од светската популација.
– Создаваме повеќе од 50 отсто од вкупниот светски БДП. Имаме иновации. Поседуваме претприемаштво и негуваме владеење на слободата – набројува Саливен.
А сепак, меѓу другите, санкциите не ги поддржаа земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), кои сочинуваат 41,5 отсто од светската популација, над 26 отсто од севкупната територија на планетата, 23 отсто од светскиот БДП и 18 отсто од глобалната трговија.
Според паритетот на куповната моќ (ПКМ), НР Кина има најголем БДП, а Индија е трета. Бразил, Русија и Индонезија се на листата на првите 10 економии во светот.
Од Москва најавуваат дека се создаваат нови точки на раст во светот, „новата голема осумка“, т.е. земјите што не се вклучени во меѓународните санкции -Кина, Индија, Русија, Индонезија, Бразил, Мексико, Иран и Турција. Според оваа пресметка, заедничкиот БДП на оваа „осумка“, изразен преку ПКМ, изнесува 24,4 отсто – пред оној на групата од седум најмоќни западни држави. Светската мапа на примена на еднострани санкции против Русија укажува дека вистинскиот раскол не е меѓу левицата и десницата, па дури ни меѓу Истокот и Западот. Мапата претставува поделба меѓу Северот и Југот, меѓу развиените и земјите во развој. За некои аналитичари, ова е тектонска промена во геополитиката за претстојната мултиполарна ера.
Брзиот подем, пред сè на НР Кина, и реакцијата на САД во однос на овој подем наведоа голем број коментатори на предвидувања за нова „студена“ војна. Но во меѓународната заедница е присутна и третата опција: тоа е неутралноста.
За време на првата Студена војна, неутралноста имаше име: Неврзани. Кога САД се соочија со НР Кина и Советскиот Сојуз на небото над Корејскиот Полуостров, лидерите на Југославија и Индија, Јосип Броз-Тито и Џавахарлал Нехру, одбија да дадат поддршка за која било од страните.
Денес земјите од светот повторно добиваат покани да застанат на страната на Западот или на Русија, а наскоро можеби и да избираат меѓу Западот и НР Кина. Како што покажува мапата на санкции, споровите меѓу големите сили би можеле повторно да го оживеат Движењето на неврзаните, кај кое врвни критериуми се мултилатерализмот и универзалната примена на меѓународното право, а не едностраните исклучувања.
Судејќи според реакциите на војната што се води во Украина, доколку големите сили се подготвуваат за нова, макар и само „студена“ војна, повиците за неутралност и неврзаност би можеле да стануваат сè почести. Следбениците на Движењето на неврзаните потсетуваат како Тито и Нехру гледале на „неврзаноста“: тие не ја сфаќале како „неутралност“ или „пасивност“. Во заедничката декларација од 1954 година, тие напишаа дека неврзаноста „претставува позитивна, активна и конструктивна политика, чија цел е колективниот свет, како темел на заедничката безбедност“.
Автор: Борислав Коркоделовиќ