Уапсен психопат што отвори културен клуб „Борис Пастернак“

Морам да споделам. Знам дека многумина од вас го прочитале, ама има и такви што првпат ќе го чујат. А и посилно е од мене. Еве го вицот! Германија, разговараат татко и син. „Тато, зошто толку многу студи?“ „Војна е, сине“. „Некој нè нападнал, тато?“ „Не, сине, Русија ја нападна Украина“. „Па, зошто тогаш студи, тато?“ „Затоа што ние ѝ воведовме санкции на Русија“. „А зошто ѝ воведовме санкции?“, прашува детето. „За да им биде неубаво на Русите“, одговара мудро родителот. Детето неколку мига размислува. „Тато, ние сме Русите?“, го затвора малиот овој, сега засега, симболичен разговор.
Се извинувам, читателе, ако вицот не те расположи. Му се извинувам и на Министерството за култура. Станува збор за црн хумор, а тоа многумина ги фрла во мрачни расположенија и јас сум спремен да понесам одговорност. Се согласувам дека уметноста треба да ја расположи рајата. Да бега од затворот на историјата и да се занимава со иднината, ама никако со дистописка или сајберпанк-иднина, која може да ги вознемири, ем креаторите на секојдневјето, ем народот. Затоа се надевам дека оваа колумна ќе ги испочитува препораките на министерката за култура, која ни дозволи слободно да твориме, ама да внимаваме што пишуваме, снимаме, сликаме.
Досадно е. Нема за што да се пишува. Нема глупости. Владата е на одмор. Нема кој да нè расположи нас, заглавените во Нордистан. Одвреме-навреме нè гаѓаат со некои статистики и тоа е тоа. Како онаа дека нордистанците се најгневен народ во Европа. Има и зошто да се гневат. И јас се гневам. Разни мрсници со нездрав ментален код постојано нешто мрчат. На гадовите им пречи што се отвораат културни клубови. Што сакаат да се отвора, јавни куќи? Така е тоа со неостварени ликови на кои никој не им отворил евроатлантски чакри. И сега им пречи културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Се јавија и Евреите. И нив им пречело. Овој цар да ти бил нацистички соработник. Се молат Евреите да не прават македонски срања, туку да се однесуваат како Европејци и да сфатат дека тоа тогаш биле администратори, а не психопати, монструми и окупатори. Сопствениците на клубот веднаш објаснија дека кај нив нема антисемитизам. Па нормално дека нема, демек јас ако отворам културен клуб „Адолф Хитлер“, веднаш сум антисемит, тоа ли? Глупости! Е, што да отвориме, бе? Културен клуб „Борис Пастернак“? Ненормална работа. Веќе го гледам и насловот. Уапсен рубља-патриот, психопат што помисли да отвори културен клуб „Борис Пастернак“! Доста ни е веќе од фрикови што велат дека културните, чисти, цивилизирани есесовци и гестаповци, кои ширеле европски вредности, се негативната и грда страна на историјата. Не, вие што се палите на Пастернак, Достоевски и слични на нив руски гадови, живеете во затворот на историјата.

И како човек да не биде гневен?
Ама не запираат да мрчат. И за културниот клуб „Цар Фердинанд“ јадат гомна. Што сакате, бе? Да ви ги донесат „Франц Фердинанд“? Не, некои ликови се непоправливи и за нив, што побрзо треба да се отворат малку поинакви културни клубови наречени концлогори. Оти не запираат. Еве, оној гад Русјаков тврди дека отворањето на културниот клуб „Цар Борис“ се коси со препораките на министерката за култура да не се враќаме во затворот на историјата. Демек, цар Борис е историја и тој лик кај некои луѓе, како Евреите на пример, буди мрачно, наместо весело расположение. Прво, препораките на министерката се за оние непрогресивни уметници што сакаат од вирусот македонизам да рашират пандемија, а тоа е говор на омраза спрема цивилизирана Европа. Второ, цар Борис можеби е лик од минатото, ама преку неговите светогледи денес се исцртува блескавата иднина на чистата нордистанска раса, која, за разлика од гнасниот македонизам, не е измислена на некакви меѓународни средби, преку договори и протоколи.

Има многу причини за гнев. Деновиве се спомна оданочување на хонорарците, а такви, вообичаено се уметниците. И веднаш, оние небањати уметници што одбиваат да го расположат народот, фатија да шират манипулации тврдејќи дека даночнава мерка е иста како онаа на Груевски. Е па, да им нацртам. Груевски беше диктатор и неговиот закон нормално е да биде диктаторски. Затоа бунтовниот уметник отворено му се спротивстави и Груевски го повлече законот, а половина од тие уметници ги вработи по театри. Во меѓувреме се смени власта, диктатурата со волшебното стапче на западните амбасадори се претвори во врвна демократија, а уметниците станаа нордистанци. Гледаа како нивни колеги, уметници што не знаат да го расположат народот, а живеат во затворот на историјата, одбиваат да бидат нордистанци, па како терористи завршуваат во притвори. И тоа беше добро, зашто со своето страдање во затвор, тие уметници конечно орасположија некого… своите колеги, уметници нордистанци. И, еве, сега, правдољубивата влада одлучи да ги оданочи хонорарците. Исто како некогаш Груевски, инаетливо ќе рече небањатиот уметник. Како, бе, исто, кретену? Беше ли тогаш диктатура? Беше. Сега е демократија, глуп! Беше ли тогаш Нордистан во НАТО? Не беше. Е па, сега е во НАТО, а тоа значи, ем си нестварно богат, ем си креативен како генерал на високи женски потпетици. Дали тогаш цените рипнаа до небо? Нормално дека не рипнаа, оти тоа беше Македонија, бедна и сиромашна држава во која името не ти ги плаќа сметките, а сега, откако сме нордистанци со бугарско сидро околу врат што нè влече напред кон ЕУ, цените ни станаа како норвешките. Тоа, пак, што Нордистан има цени како Норвешка кажува дека реалноста ни е скандинавска. Значи многу сме богати и убави. И нормално е демократската влада да зема данок од уметници.

Правдољубивиот нордистанец со право се разгневи и на оние злонамерници што го нападнаа Ескобар. Не, не е Пабло, кој на цијашите им беше конкуренција во трговијата со шеќер во прав. Ниту е Андреас, убиениот фудбалски гениј. Не, овој Ескобар е битна фаца во американската влада. Нè нарече северномакедонци. Некои испрдоци кренаа џева. На тоа веднаш реагираа мудреците од филозофската школа „Што тука не е јасно?“ Објаснија дека Ескобар мислел на граѓаните на Нордистан. Тие се северномакедонци. Јас се согласувам со објаснувањето на „што тука не е јасно“ филозофите. Граѓаните на Нордистан се северномакедонци. Посебно оние со здрав ментален код. Се разбира, ова со здравиот ментален код не е мој изум, туку откритие на нашиот научен гениј, граѓанинот на Нордистан, северномакедонецот Мерсел Биљали, човекот што научно докажа постоење на здрава и чиста рас… се извинувам, на здрав и чист ментален код, декодирајќи ги болните метастази на анти ЕУ македонистите.