Токсичните актери на политичката сцена во Бугарија

По неуспехот на четириесет и осмото Народно собрание (10 октомври 2022 година – 2 февруари 2023 година) да избере влада, Бугарија сега се движи во насока на нови предвремени парламентарни избори, предвидени за април 2023 година. Тоа ќе бидат петти по ред избори во период од две години. Во таа смисла, странските аналитичари истакнаа дека „кризата“ е „новото статус кво“ во Бугарија. На прв поглед, фактот што една земја не успеа да избере постојана и редовна влада две години и се втурна во една бескрајна спирала на парламентарни избори може да изгледа вознемирувачки. Сепак, не треба да се заборави како започна оваа криза – со желбата да му се стави крај на стабилното автократско владеење на Бојко Борисов, што беше поттик за масовните антикорупциски протести од 2020 година. Јасно е дека, кога ќе биде оспорена, автократијата ќе ги употреби сите можни механизми за да си го обезбеди својот опстанок – од саботирање на фер изборите, пренасочување на гласовите преку новоформираните лажни опозициски партии, до обид да ги убеди странските актери да извршат притисок врз вистинската опозиција да соработува со партијата ГЕРБ на Борисов.

Но за кого се наменети лекциите? Прво, ние, бугарските граѓани, треба да сфатиме дека цинизмот на бугарската политичка сцена достигна нови височини и притоа треба да внимаваме на волците што тврдат дека го смениле својот карактер. Второ, бугарските политички партии посветени на напорите за борба против корупцијата и на реформите поврзани со владеењето на правото треба да го подигнат својот влог – автократијата нема да соработува во активностите за нејзино расклопување.
За да може да се разберат последиците од предвремените парламентарни избори што беа организирани во октомври 2022 година, потребно е да се навлезе во околностите што доведоа до тоа. Во 2020 година во Бугарија се случија масовни протести против корупцијата на режимот на Бојко Борисов и генералниот обвинител Иван Гешев. Борисов се обиде да се потпре на голем арсенал трикови во обид да ја измами јавноста и да спречи предвремени парламентарни избори – од солзи во јавните говори, преку реконструкција на Владата, до лажен предлог за донесување нов устав. Иако тој навистина успеа да избегне предвремени избори, на редовните парламентарни избори одржани во април 2021 година, неговата партија ГЕРБ беше непријатно изненадена – беше прва, но немаше доволно места во парламентот за да избере влада.
Во времето на редовните избори што се одржаа во април 2021 година, најголемата нова опозициска партија што влезе во парламентот беше Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов. Меѓутоа, она во што мнозинството бугарски граѓани не се сомневаа е тоа дека оваа партија е во улога на „отровна имитација“. Кај печурките, на пример, постојат отровни имитации на печурки што се јадат и кои лесно може да се помешаат со печурките за јадење.
Кога станува збор за политичките партии, има партии што се обидуваат да се прикажат како опозициски партии, но во реалноста и зад сцената тие се токсично зависни. Се чини дека се формирани со единствена цел да „крадат“ гласови.
Занемарувајќи го ова, многумина од оние што сакаа да видат некои позитивни промени во Бугарија гласаа за ИТН на предвремените парламентарни избори во јули 2021 година. Тогаш, всушност, ИТН за првпат ги покажа своите вистински бои. Тие избија на прво место со 65 места во парламентот. Активностите на ИТН дополнително ја продолжија агонијата и го отворија патот кон нови предвремени парламентарни избори во ноември 2021 година. Тие ги мотивираа и другите што беа уморни од ваквите злоупотреби на довербата на јавноста да се кандидираат за функции. Кирил Петков и Асен Василев, министри во првата преодна влада назначена од Румен Радев во 2021 година, ја основаа својата политичка организација „Ќе ја продолжиме промената“ (ПП) во септември 2021 година.

ПП победи на изборите во ноември 2021 година и освои 67 места во парламентот. Посветени на формирање антикорупциска влада, тие направија фаустијански договор. Имено, ПП постигна договор за коалициска влада предводена од Кирил Петков со Демократска Бугарија (ДБ), Бугарската социјалистичка партија (наследникот на Бугарската комунистичка партија) и… ИТН. Фактот дека овие партии им припаѓаат на различни делови од политичкиот спектар и тешко се поднесуваат заедно веќе укажуваше на тоа дека е можно владата да биде нестабилна. Уште полошо, учеството на ИТН предизвика загриженост од тоа дека во коалицијата е присутен и тројански коњ.
Можеби затоа што бил свесен дека нема многу време, Петков презеде брзи чекори за да ги разоткрие корупциските практики на клучните институции на автократијата на Борисов. Иако тој сигурно беше запознаен со ризиците што би можело да ги донесе тоа, веројатно не се сомневаше дека ќе се случи едно нешто – државен удар против неговата влада!
Преку арогантен потег, ИТН ги здружи силите со ГЕРБ на Борисов, ДПС (сојузникот на ГЕРБ зад завесата) и екстремната десница и проруска Преродба за поддршка на гласањето за недоверба против владата на Петков. Ова не само што им стави крај на антикорупциските напори во Бугарија туку ја втурна земјата кон нови, непотребни предвремени парламентарни избори во октомври 2022 година.
Веднаш откако бугарската Централна изборна комисија ги објави резултатите од парламентарните избори во октомври 2022 година беше јасно дека 48-то Национално собрание ќе биде толку расцепкано што шансите за формирање редовна влада беа мали. Исто така, беше очигледно дека Бугарите може да очекуваат и случување на уште поциничен политички театар. Единствената добра вест од изборите во октомври беше тоа дека ИТН си ја доби својата правда по целата штета што ја нанесе: не успеа да освои пратенички места!

Изборот на влада во Бугарија е прашање на едноставна математика – потребни се 121 од 240 места во парламентот. ПП и нејзините коалициски партнери во владата на Петков (ДБ и БСП) заедно имаа вкупно 98 места. Во меѓувреме, ПП имаше јасен став дека соработката со ГЕРБ не доаѓа предвид, затоа што ПП се појави на политичката сцена за да ѝ се спротивстави на автократијата на Борисов.
Во меѓувреме, пред ГЕРБ беа исправени две главни опции. Едната беше да ги разоткријат своите сојузи зад завесата и да формираат мешана коалиција со ДПС, Преродба и Бугарски подем – идеја што е јавно поддржана од водачот на Бугарски подем. Овие јавни изјави, сепак, само ги подгреаја сомнежите дека Бугарски подем е само уште една отровна камуфлажа на политичката сцена – потчинувањето кон ГЕРБ беше мошне впечатливо. Мешаната коалиција беше секако помалку преферирана опција за Борисов, имајќи ги предвид неговите постојани напори да ја прикаже ГЕРБ како партија што ги поддржува евроатлантските вредности – како може тој да се ракува со проруска партија (Преродба) и со руско неутрална партија (Бугарски подем)?
Така, Борисов ја избра втората опција – да прави евтин театар, кој беше наменет не толку за граѓаните, колку за евроатлантските партнери на Бугарија што беа загрижени за небулозната состојба во бугарската политика.
Набргу по изборите во октомври 2022 година, Борисов повика на формирање евроатлантска влада. Од бугарска перспектива, ова беше доста трагикомична работа од неколку причини.
Прво, Бугарија е членка на НАТО од 2004 година. Второ, единствената партија претставена во парламентот што има анти-НАТО став е Преродба. Трето, владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата се главни евроатлантски вредности, кои режимот на Борисов постојано ги напаѓаше додека беше на власт. Четврто, режимот на Борисов има историјат на правење услуги за Русија по наметнувањето на американските санкции во 2014 година, а поврзани со Украина.
ПП и ДБ, кои Борисов првенствено сакаше да ги намами во стапица, одбија да ја играат играта на ГЕРБ. Од тие причини, партијата на Борисов ја промени стратегијата откако од претседателот Радев го доби првиот мандат да состави влада. ГЕРБ го искористи трикот на ИТН од јули 2021 година – направи понуда „земи или остави“ во вид на владин состав во кој има наводни експерти.
Многу од овие имиња ѝ беа добро познати на бугарската публика, но не нужно во позитивно светло. Ова покажува дека целта на целава активност не била да се влее доверба дома, туку дека ГЕРБ само сакал да ги измами бугарските евроатлантски партнери дека прави сè за да формира влада, но „лошите момци“ од ПП и ДБ не сакале да ги поддржат овие нивни извонредни напори. Би можеле да се посомневаме дека ГЕРБ се надевал дека ПП и ДБ ќе бидат под притисок од странство да соработуваат со нив. По очекуваниот неуспех на мандатот на ГЕРБ, Радев ѝ го предаде вториот мандат на ПП, а третиот на БСП. Тоа беа само формалности, бидејќи фрагментацијата и поларизацијата на парламентот што произлегоа од изборните резултати јасно покажаа дека новите предвремени парламентарни избори се само прашање на време. Сепак, во текот на овие активности, театарот на ГЕРБ продолжи и понатаму. „Сè уште има шанса за формирање евроатлантска влада“ кажа Борисов, пред Радев да го додели последниот мандат, бесрамно потврдувајќи ја со тоа подготвеноста на ГЕРБ да биде дел од идната влада.

ГЕРБ можеби привремено е далеку од извршната власт, но не е тајна дека во сите клучни бугарски институции сè уште доминира нивниот сојуз зад завесата со ДПС. Потребни се големи реформи за да можеме да се вратиме на минимум нормалност. Затоа, одлучувачки ќе бидат парламентарните избори во април 2023 година.
Бугарите знаат со кого си работат – крајно време е и бугарските евроатлантски партнери да сфатат дека ГЕРБ не се такви какви што се претставуваат.

(Республика.еду.мк)