Темпо е мртов, да живее О’Брајан!

Тоа што го гледаме седум години не е јасна визија за ЕУ, туку јасна визија за бесрамно крадење, криминал и корупција. Затоа, еве, да ги користам зборовите на О’Брајaн и изборот е меѓу „нешто друго“, ЕУ-пат што ВМРО-ДПМНЕ ќе го презентира на изборите, и „визија за крадење, криминал и корупција“, неспособноста нема да ја спомнувам, таа се подразбира за ДУИ/СДСМ

Деновиве во Скопје се одржа лидерскиот состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија. Но наместо плановите за раст, од средбата доминираа информации поврзани со учеството на Александар Сорос и Џејмс О’Брајaн, помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД. Особено, од лево и централно ориентираните медиуми, со огромен ентузијазам се пренесува изјавата на Џејмс О’Брајaн, од заедничка прес-конференција со Димитар Ковачевски, премиер. Џејмс О’Брајaн на прес-конференцијата на двапати искажува став за ЕУ, цитирам: „Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“ и „Сметаме дека граѓаните на Северна Македонија треба да решат за патот за напредок. Мислам дека една партија даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат тоа или не го сакаат. Друга партија ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нонпејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата што ја знаете и нешто што е ветување“.
Оваа изјава заслужува коментар од повеќе агли.
Прво, од тоа како провладините медиуми ја редактираа изјавата. На пример „Дојче веле“, „Глас на Америка“ и други пренесуваат дека изборот е „меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго“. Но портали блиски до СДСМ поинаку ја пренесуваат и кај нив во наслов гласи „меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто сосема друго“. Некако повеќе верувам во информацијата од првите медиуми. Иако е едно зборче, значајно го менува исказот. „Нешто друго“ може да биде поинаков пат до ЕУ од тој на ДУИ/СДСМ. „Нешто сосема друго“ не е поинаков пат до ЕУ, туку сосема друг пат. Мала игра на зборови за да се поткрепи ДУИ/СДСМ-кампањата дека се избира меѓу „ЕУ“ и „Русија“. Кампања на страв со „Русија“, тоа е единственото што ДУИ/СДСМ може да го смислат по седум години власт.
Не е ова избор меѓу „меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа“ и „нешто друго“, а најмалку „нешто сосема друго“. Во Македонија не постои главна политичка партија што има друга стратегиска определба освен евроатлантската определба. И ако има политички партии со руско мешање, тие се маргинални и најчесто полициски и творби на нашите тајни служби. Доколку има навистина руско мешање, зошто власта и Јавното обвинителство не презеле ништо.
И за „нешто друго“, тоа не ништо друго од евроатлантска определба. И да, ВМРО-ДПМНЕ нема потреба од „нонпејпер“ бидејќи пристапот кон ЕУ ќе биде дел од партиската изборна програма со која ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на изборите. И тоа ќе биде предмет на дискусија, критика, но ќе има план на ВМРО-ДПМНЕ.

Но што да кажеме за „јасна визија која знае како да оди кон Европа“. Многу е потценувачки дваесетгодишната кандидатура на Македонија во ЕУ да се нарече „јасна визија“. Да не се враќам назад на британски дипломат што ни покажува на часовникот или, пак, на високи ЕУ-претставници што бараа балкански начин, а не европски за Преспанскиот договор, ниту пак на Зоран Заев и целата влада, која од авион ни го честита почнувањето на преговорите, кои, ете, неколку години не започнуваат. Тоа што го гледаме седум години не е јасна визија за ЕУ, туку јасна визија за бесрамно крадење, криминал и корупција. Затоа, еве, да ги користам зборовите на О’Брајaн и изборот е меѓу „нешто друго“, ЕУ-пат што ВМРО-ДПМНЕ ќе го презентира на изборите, и „визија за крадење, криминал и корупција“, неспособноста нема да ја спомнувам, таа се подразбира за ДУИ/СДСМ.
Следниот аспект е дека веќе е јасно дека Џејмс О’Брајaн дискретно се вклучува во кампањата на ДУИ/СДСМ. Што е спорно тука? Да, странски политичари учествувале во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и тука нема ништо чудно. Но нивното учество било во период на изборна кампања и во капацитет на партиски функционери. Џејмс О’Брајaн ги дава изјавите надвор од изборна кампања, таа сѐ уште не започната, и од позиција на државен функционер, а не партиски функционер на Демократската партија. Од сега со ова, со предизборните вработувања, со предизборните потплатувања, со кампања на страв за иднината, целосно е јасно колку нечиста ќе биде изборната кампања на ДУИ/СДСМ.
И за ова не виновен Џејмс О’Брајaн, туку неговите домаќини, власта на ДУИ/СДСМ. Повеќе е од јасно дека ваквите изјави се замолени, побарани од власта на ДУИ/СДСМ.

Тие се во контекст на гласините дека и на вечерата по лидерската средба Стево Пендаровски барал поддршка од лидерите на соседните земји за неговата кандидатура, или против ВМРО-ДПМНЕ. Во таа функција беше и посетата на Приштина на Зечевиќ и СДСМ на Албин Курти, премиер на Косово. Да се бара негово вмешување во изборите против ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е тоа, од СДСМ еден ден го обвинуваат Албин Курти за мешање во внатрешните работи на Македонија, друг ден одат во Приштина да го молат да се меша во внатрешните работи на Македонија. За ризиците од ова мешање, во однос на меѓуетничките односи, ДУИ/СДСМ не се грижат. Само власт им е грижа.
И, за жал, СДСМ (СКМ/КПМ), со неколку исклучоци, има континуитет на овозможување на мешањето во внатрешните работи на Македонија од Темпо сѐ до О’Брајaн. Се чини дека од СДСМ имаат недоверба во македонската сувереност и независност и често претпочитаат странско мешање во внатрешните работи, каде што тие се јавуваат како извршители, без разлика дали се тоа Белград, Брисел… ВМРО-ДПМНЕ од една страна ја почитувал, ја почитува и понатаму ќе ја почитува суверената волја на македонските граѓани и од друга страна ќе бара пат за остварување на заедничката цел – членство во ЕУ.

Авторот е аналитичар
#Избори2024 Блог www.megjutoa.mк @sklek