Настани, симболи, алузии
Деновите од првата половина на јули беа највеселите во маалото на моето детство во Ресен. Тие беа поврзани со три верски празници: Свети Наум на 3 јули, Иванден на 7 јули и Петровден на 12 јули. Поврзаноста не беше толку со религиозните значења колку со обредните ритуали, кои кај нас децата предизвикуваа радост и одушевување. На Иванден се правеше Иванка, фигура на цветна мома формирана од ѓумче и цветни венци, некаква мис на годината. На Свети Наум (крај Ресен не крај Охрид) и на Петровден се одеше на манастир, вечерта пред празникот.
Речиси сите семејства од целата долга улица 29 Ноември и од придружните сокаци ги чествуваа или учествуваа во овие прослави, се разбира секој на свој начин. Посебната радост беше за нас децата, кои бевме многу на број. И машки и женски. Со возбуда се врткавме околу Иванката, кај манастирите, со нетрпение чекавме да дојде моментот да јадеме гравче и црна алва, да пиеме „газоза“ и да ги гледаме големите чичковци и тетки ангажирани сите нешта да се одвиваат со одличен ред, без никаков проблем.
На Петровден, на истоимениот манастир, три-четири километри од центарот на градот, одев со мајка ми неколку години, дури и кратко пред нејзиното заминување од овој свет. Манастирот почна како маалски, денес е за цела Преспа. Направен како реплика на поранешно мало манастирче, урнато за време на индустријализацијата на Ресен, на неговото место беше подигната фабрика, која не ја почувствува божјата милост. Напротив, само неколку години по отворањето фабриката за џемови и мармалад доживеа горчлива судбина – пропадна без да се знае зошто. Можеби поради таа претходна судбина новиот импровизиран манастир, подигнат нешто подалеку, стана едно ново свето место иако немаше ништо вредно или архаично во него. Немаше ниту фреска ниту икона што не беше пречка да се издигне за место за молитви.
Мајка ми кај мене ја всади верата во Бога, иако и дедо ми и баба ми беа верници, тие заедно, лабрацета, секоја недела одеа на служба во црква, дедо ми со шешир, баба ми редовно со капела на глава. Не знам како било во други градови за време на комунизмот, многу луѓе се жалат дека било лошо, но во Ресен, во моите детски и младешки години, религијата немала третман на опиум за народот. Без никакви пречки, без никаков проблем се славеа сите верски празници и имендени, скромно без масовни собири и поворки како што се претерува денес. Ноќта пред Велигден речиси половина град беше во црква, а утредента на плоштад на кршење јајца.
Татко ми беше убеден атеист, мајка ми верничка, не богомолка. Немаше страв за својот живот, уплашена беше за нас, четирите деца. Доброст кон Бога и кон сите луѓе беше нејзината религија. Го спомнуваше Господ за кого тврдеше дека сѐ гледа, ништо не му измакнува.
Иако не ја имаше читано Библијата, ја познаваше повеќе од кој било владика. Цел живот го помина спроведувајќи ги доследно библиските проповеди и Исусовите зборови за љубовта, за образот, за милосрдието, за чистотата на срцето, фрази што од некого ги чула или од некој далечен универзум доаѓале до неа како правила за животот на земјата. Секој ден живееше со Десетте божји заповеди, секогаш додавајќи и понекоја своја за доброто на семејството и на сите околу него.
Секогаш ја зборуваше вистината, иако ние околу неа се движевме со нашите младешки лаги, вознесености и возгордеаности дека знаењето го имаме во малиот прст, а силата на младоста трае довека. Човек дури на возрасни години сфаќа дека младоста е полна со лудости. Кога ќе ги собере човек сите мани и доблести во животот, колку тој да бил добар, ќе сфати дека вистинските животни вредности ги откриваме предоцна. Исто и со љубовта кон мајката, тој стожер на семејството и на општеството. Абрахам Линколн, прочуениот американски претседател од Граѓанската војна, не случајно еднаш рекол: „Се што сум направил досега, или што се надевам дека ќе направам му должам само на еден ангел – на својата мајка“.
Нашата куќа беше на улицата 29 Ноември, најдолгата и најпрометна градска улица. Тука се одвиваше главниот сообраќај меѓу Ресен, Битола и Охрид, низ неа водеше патот до сите нови фабрики што се отвораа секоја година, пливаше градот во инвестиции, речено со денешен јазик. На улицата што почнуваше од кај милицијата, а завршуваше при ридот кај турската маала, е најпознатата преспанска градба викана Сарајот, на неа е куќата на Нејази-бег, иницијаторот на Младотурската револуција, тука се родната куќа (сега музеј) на Христо Татарчев, основното училиште „Мите Богоевски“, на таа адреса живееја градскиот доктор и градскиот поп. Во свежо сеќавање ми е дека постојано течеа четири јавни чешми и растеше дрвото на најголемата дива маслинка што ја дала природата.
Не може да се каже кога беше поживо – лето, есен, зима или пролет. Летото кога луѓето брзаа за на плажа во Претор или Отешево на Преспанско Езеро, есента кога траеше јаболкоберот, зимата што беше повеќе радост одошто товар или пролетта кога Преспа се претвораше во непрегледна цутна градина насликана со сите бои што ги имаат најпознатите светски сликари на живата природа. Една природна Преспа поделена на три дела меѓу Македонија, Грција и Албанија, граници строго затворени и контролирани.
Мојата некогашна улица денес е мешавина на судбина и носталгија. Таа беше улица главно на староседелци, релативно имашливи луѓе за тие економски периоди. Секоја куќа имаше по повеќе деца. Секојдневниот џагор, детските игри, натпреварувањата, дружењата, пријателствата го насликуваа портретот на градскиот живот и го навестуваа просперитетот што ќе го носат идните генерации. Живеевме сложно од сите вери, со моите соученици и другари муслимани, Турци, Албанци и Роми. Не правевме никаква разлика, ниту пак некој правеше проблем кој на која националност ѝ припаѓа.
Но се случи она што во тие години никој не можеше да го претпостави. Со гаснењето на југословенската Титова Југославија, основана на 29 ноември 1943 година, почна да гасне и улицата 29 Ноември во Ресен, именувана така по завршувањето на Втората светска војна. Гаснеше во апстрактни околности – куќи има луѓе нема. На една од највеселите улици денес нема детски џагор и детска смеа. Старите изумреа, младите се иселија – Скопје, Америка, Канада, Германија, порано Австралија.
Денес е Петровден, празникот на апостолот Петар, порано Симон или Камен во наш превод, светецот што ги држи клучевите небесни. Според легендите, од него зависи дали кога ќе му дојде време да стигне на небо, ќе го прати човека во пеколот или во рајот. Таму некаде, во тие небесни височини е мајка ми Милка (Милица), ја гледа запустената улица и сигурно со две очи гледа како едно од нејзините четири колена се расејува низ светот.
Јас овде на земјата верувам дека не сум единствениот што живее со носталгија за родниот крај, за своето детство и младост, за убавите времиња, убави поради младоста и надежите. И не сум единствениот што се сеќава на некогаш живите улици во својот град, на другарувањата и на детските радости, како што не сум единствениот што го чувствува празнењето на Македонија од своите млади луѓе, од својата иднина.