Шарена опозиција

Што прави опозицијата??? Да, токму тоа е прашањето што му го поставува диктаторот во пиесата „Оставка на еден карипски министер“ или „Достага на највисокиот врв на власта“, наслов на пиесата во Драмскиот театар во Скопје, од Коле Чашуле Постариот, во далечната 1975 година, само година-две-три по фамозното писмо на Јосип Броз-Тито, со кое се отвори фронт против сите видови либерализам, антисоцијализам, антидржавност, отстапување од правците на развојот на самуправниот социјализам. Брилијантниот артист Крум Стојанов, во улога на големиот диктатор на некоја карипска недемократија, го прашува својот најблизок соработник министер што се случува на теренот, во државата. Конкретно, што прави, што мисли опозицијата. Одговорот го бара од својот министер, тогаш брилијантна улога на младиот стасит и полн со ентузијазам артист Благој Чоревски. „Опозицијата!? Па, почитуван претседателе, во државава нема опозиција“.

„Што?“ (молк – невообичаено долга драмска пауза) „Како тоа нема опозиција“.
„Па така – едноставно нема! Вие така милувавте!“
„Хм. Нема, така?“
„Да, нема“ – одговара со доза блага иронија карипскиот министер. „Веднаш да се создаде, разбра, наредувам, веднаш да се создаде“.

Така беше тоа во пиесата на сцената на Драмски театар во Скопје во режија на почитуваниот и храбар драмски деец, режисерот Љубиша Георгиевски. Постановката освои неколку врвни фестивалски југословенски награди и признанија. Режисерот Љубиша Георгиевски беше храбар, бескомпромисен, естетски конкретен и отворен во својата постановка во еден историски и политички сложен момент. Отворено постави прашање што мисли и што прави опозицијата, кое не беше само реплика. Тоа беше во време кога со едно писмо, декларација, претставка се расчистуваа работите без пардон, без право на одговор, реплика, амандман.

Она што прават и што мислат позицијата / опозицијата, и едните и другите денес не е веќе театарски чин или сцена. Тоа е драмска експозиција, заплет, перипетии на куб, со реални последици, политички импликации, неспокој, едно од лицата на демократија во повој.

Идејата за насловот, на изглед идеалистичко романтичен, во суштина е реален одраз на потенцијалот и распоредот на силите во политичкиот процес денес. Повикот за широка коалиција за усогласување ставови за уставните измени, повод да се потсетиме на некои од аспектите на политичката поставеност, структура, профилираност, мотивираност, суштина и континуитет на опозициското дејствување во услови на повеќепартискиот транзициски амбиент.

Тоа што прави сега целата онаа војска што стои во политичкиот мелодрамски марш на позицијата и опозицијата, сите заедно „шарена опозиција“, сите оние партиципиенти, кандидати, градоначалници, досегашни успешни и помалку успешни градоначалници, советници, јавни службеници вработени по партиска линија во локална администрација, директорчиња, инспекторчиња, градежни фирми и фирмички, постилачи на асфалт и лепачи на плочки – е жално. Политичарите се најсебични луѓе, вели угледен колумнист. За слободата на медиумите им текнува само кога се во опозиција. А кога се на власт, на новинарите гледаат како да им се слуги. Секој партиски лидер што во опозиција се прави голем демократ, во суштина е голем автократ штом дојде на власт. Вакви пројави имаше во сите ешалони на политиката. Или како да се толкуваат многубројните протести и маршеви тематски инспирирани од најразлични побуди и причини… на пример… слободите и неслободите во медиумите… итн. Во таквите легитимни збиднувања неретко активно се вклучуваа токму и јавни личности, поранешни директори, разрешени функционери, дипломати, за да го изразат своето незадоволство поттикнато од медиумските и другите неслободи и слично.

Треба да се има ѓаволска храброст и трпеливост за да може човек секојдневно да се соочува со таквите преоблечени демократи, лицемери и „жртви“ на сопствените контрадикции, кои најпрво убаво поживеаја во епохата на демократскиот социјализам, а сега одработуваат и бараат засолниште во резидуи на политиката на која ѝ должат безмалку сѐ – кариера, пари, привилегии, удобен и возбудлив живот. Сега сето тоа полека го снемува или се дели на две-три. Удобноста исчезнува, стигаат генерации за вработување, кариера, кои ја немаат привилегијата за автоматизам во судството, дипломатијата, администрацијата, медиуми, култура. Сега сѐ е во суров натпревар за креирање позиција во живеењето. Сѐ помалку во иднина ќе има она – од мама на тате, од тате на бате.

Што се однесува до легитимните практики во политичкиот натпревар и повлекување на опозицијата од политичкиот живот, ништо чудно и веќе видено кај нас /ВМРО–ДПМНЕ 94-98/ а и во развиените демократии. Или ако ја снема треба да се создаде, како што е погоре решено во пиесата. На испразнетото место се отвора простор и за нови форми на артикулација на незадоволство од политичкото владеење, кои со време ќе се окрупнат и својата политичка зрелост и вредност ќе ја проверат на избори и регуларни демократски процедури.

Неразумните, деструктивни политички прилики и неприлики, какви што ги имаме во последниве месеци, години… блокираат многу демократски процеси, нанесувајќи им огромни штети на националните и државните интереси, ги смалуваат растот и влијаат на севкупниот развој, а се закануваат да му наштетат и на државотворниот континуитет на многу начини.

И за крај. Добро е што опозицијата не е против уставни измени, затоа што Македонија има историска шанса за интеграција во ЕУ, изјавува и тврди позицијата.
Секогаш постојат опции за добар дел од политичките „елити“ што им одговара. Лесен кеш, партијата ви вработува деца, внуци, правнуци, ви дава лесни тендери, добри позиции, за едни легитимни цели, за некои тоа се корумпирани општества срам за човечкото постоење.

Ова се некои од аспектите што треба да ги има предвид и евентуалниот засега само декларативно долго најавуван политички центар. На гласачкото тело треба да му се приоѓа не само нумерички, туку како на вистински жив организам со емоции, минато, иднина, надежи за реално квалитетно опстојување. Досегашната практика на тотална поларизација, најверојатно, ќе ослаби веќе во наредниот изборен циклус, затоа што и периодот од триесетгодишното зреење е доволен за пореална процена на политичката понуда. Самостојна и независна Македонија како политичка и објективна реалност секогаш ќе бара нови конфигурации на потенцијалите и престројување во поглед на обединување на сите субјекти и ресурси, со цел оптимизација на развојот и опстанокот.