Фото: Принтскрин

Денвер нагетс ноќеска на домашен терен го совлада Мајами хит со 94-89 во петтиот натпревар од финалето на НБА-лигата, со што стигна до шампионскиот трофеј.

Денвер ја доби серијата со 4-1 и за првпат во клупската историјата стана шампион во НБА.

Предводник на нагетс беше центарот Никола Јокиќ со 28 поени и 16 скока. Кај Хит исто така дабл-дабл ефект имаше Бем Адебајо – 20 поени и 12 скока.

 

За најкорисен играч (МВП) во финалето е прогласен Јокиќ.

– Завршена работа, сега можеме да си одиме дома. Мајами е одличен тим. Неверојатен тим за кој имам многу почит. Петтиот натпревар беше страшен за нас, немавме реализација на ниво, но, на крајот сфативме како да се одбраниме – изјави Јокиќ за „И-ес-пи-ен“ по освојувањето на трофејот во НБА-лигата.

Дваесет и осумгодишниот Србин стана најслабо рангираниот играч на драфтот кој стигна до МВП наградата. Тој беше 41. избор на Нагетс, на драфтот во 2014 година. Јокиќ исто така стана првиот во историјата на НБА кој е на врвот на листата играчи според постигнати поени, остварени скокови и асистенции во ист плејоф.

Јокиќ во доигрувањето во просек бележеше 30,2 поени, 14 скока и 7,2 асистенции.

 

Српскиот центар испиша нови страници во историјата на најсилната кошаркарска лига на планетата.

Јокиќ стана само шестиот играч роден надвор од Соединетите Американски Држави кој е прогласен за МВП на финалето.

Пред него тоа беа Јанис Антетокумбо (Милвоки, Грција, 2021 година), Дирк Новицки (Далас, Германија, 2011), Тони Паркер (Сан Антонио, Франција, 2007) и Хаким Олајџувон (Хјустон, Нигерија, 1994 и 1995 година).

Јокиќ е првиот играч во историјата кој е лидер по бројот на поени, скокови и асистенции во плеј-офот. Јокиќ плејофот го заврши со 600 поени, 269 скока и 190 асистенции.

Сепак, тој покажа каков спортист е во моменти на најголема еуфорија. Додека неговите соиграчи ја прославуваа историската титула, тој ја одложи прославата за неколку секунди за да се ракува со тренерот и секој играч на Мајами Хит, да им честита на борбата и да каже неколку утешни зборови.