Помеѓу старата и новата година

Како да резимираш година на заминување, а да не западнеш во бележење на скандалите, маките по луѓето, уништувањето на животната средина и, конечно, да не се скршиш (психички и емотивно) пред фактот дека во заднината на сето тоа се случува геноцид? Геноцид на кој повеќемина се навикнаа како на „новото нормално“, кој е невидлив пред „скандалот“ со елката на скопскиот плоштад. Или невидлив за оние што се подготвуваат за вистинска прослава со полна трпеза, пијана глава и потрага по заборав… Но неодамна во својот брилијантен (и би рекла „нуклеарен“) говор, еден млад политичар кажа нешто многу важно, кое уште ми одѕвонува во главата: „Секој песимизам и пад во очај е најстрого забранет! Очајот е контрареволуционерен чин“. Почувствував грижа на совест, бидејќи она научното рацио во мене, мојата професионална деформација по 40 години работен век, најчесто ме наведува да чекорам по оние темни патеки и да размислувам за нив. Според зборовите на мојот толку сакан Џорџ Орвел (кој е пожив од кога било порано), кажувањето на вистината е најголемиот револуционерен чин. Некој мора да се зафати и со таа работа, на откривање на сите зла, со нивно демаскирање особено кога пропагандата се обидува да ги разубави, ако веќе не успева да ги скрие. Но често добивам порака од познати и непознати читатели, кои ќе ме опоменат на свој начин: Добро, одлично ја дијагностицирате оваа фатална состојба, но имате ли чаре, лек, совет како да излеземе од неа? И во право се. Не дека не знам како треба, туку затоа што мојот глас не е доволен за нештата да се сменат. Тие мои драги читатели и не знаат колку е болно, па и трауматично пишувањето колумни во вакво време. Не знаат колку често си помислувам дека е попусто, колку често сум на работ да се откажам дури и од овој канал на комуникација со јавноста.

Ќе си дозволам да споделам оригинални зборови на еден мој верен читател (човек кого не го познавам лично) – се надевам дека нема да ми замери. Неговиот идентитет намерно не го откривам. Ми пишувал повеќепати, но имејл-пораката од 11 септември годинава уште ја чувам. Во неа ми вели: „Ве молам, не замерувајте му на вљубеникот во татковината Македонија, Македонецот што многу нешта сака да сподели со ВАС, ценета госпоѓо. Демонстрираме, се буниме, штрајкуваме, протестираме, но досега јас не видов дека притоа некој во рацете држи барем стапови или камшици. Камшикарот, ’првенецот’ (оној од најдолната предавничка, арамиска-бандитска класа), го бараше во гнилата Европа. Не знам кому не му е јасно дека не треба да се бара помош од вистинскиот непријател на Македонија. Ве молам г-ѓо Билјана, ВИЕ како интелектуалец од прв ред, насочете го гласачот, за која опција да гласа народот. Сега е последната шанса за опстанок на Македонија, затоа Ви го повторувам истото прашање: ЗА КОГО ДА ГЛАСАМЕ НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ? Оти само пенкалото ни е опција за промена на оваа клика што ни ја зароби Македонија и бидете сигурна дека додека не ја исцица до смрт, нема да ја испушти. Нема друга опција, г-ѓо учена професорке. Време е за силна пропаганда. Време е македонскиот ТИТО да си го добие својот Назор. Јас со мојот 75-годишен старачки, истрошен ум, не гледам друга алтернатива“.
И еве, денес додека седам пред празниот лист „хартија“, думајќи се што да напишам во последната колумна за оваа несреќна 2023 година (не дека претходните ни беа среќни), помислувам дека не е тешко да напишеш „попис“ на сите несреќи, да направиш црно салдо на маките што ги минува овој народ. Најголема доблест, храброст и умешност е да кажеш дека нам ни треба вртење НОВ лист! А мојот читател веќе го знае лекот, иако од мене бара да станам Назор, да излезам од мојата комфорна зона и да ја одберам страната. Но, внимавајте: изборите се само непосредниот лек, или можеби со речникот на медицината – тие се дел на палијативната нега на „пациентот“/општеството и оние што го сочинуваат. Секој речник ќе ви ја даде елементарната дефиниција: палијативната нега им помага на лица со неизлечива болест да го имаат најдобриот можен квалитет на живот, им ги намалува болките и им го зачувува дигнитетот додека полека заминуваат од овој свет. Нам тоа дефинитивно не ни треба, иако за прв миг може да ни даде оддишка, време да земеме здив и да се зафатиме не со симптомите и болките, туку со отстранување на причината за болеста од која умираат ова општество и неговиот народ.

Младите што не ја паметат ни СР Македонија, па ни 2001 година (и многу други значајни чекори на оваа метастазирана „транзиција“), веројатно немаат претстава зошто мојот читател воопшто го споменува Владимир Назор. Да се потсетиме: Назор е хрватскиот Ченто, првиот претседател на президиумот на социјалистичка народна република Хрватска (со тоа што познавачите признаваат дека Ченто имал поконкретна, но и трагична судбина). Сепак, во поширок контекст гледано, Назор е симбол за писател, интелектуалец, влијателен и умен човек, кој во 1942 година излегува во партизани, застанува до Тито (подоцна ќе ги напише и стиховите на познатата песна „Уз маршала Тита, јуначкога сина, нас неќе ни пакао смест“. На свои 66 години, тој станува партизан, гази по студентите води на Неретва, се качува по херцеговските планини и се лути кога младите му помагаат да ги совлада физичките тешкотии или му даваат посебен третман. (Во филмот „Мостот на Неретва“, улогата вистинскиот млад пријател на Назор, 18-годишното момче Жика, ја играше Коле Ангеловски). Назор е Интелектуалецот, кој сфаќа дека мора да одбере страна, бидејќи ако не се сврти нов лист во историска смисла, ако не се случи пресврт, сè друго губи значење. Кога ќе стигне кај Бихаќ, во својот познат дневник ќе ги запише зборовите: „Ние, Хрватите и Србите, католиците, православните и муслиманите изгубивме премногу време во трката на народите; сега ни се брза. Сега ни останува да трчаме, да брзаме, да прескокнуваме, да не задоцниме, конечно да бидеме своја глава, никогаш повеќе да не бидеме опашка на туѓ коњ, ограда на туѓ двор, мост на туѓа река, да ги поставиме темелите на нашата прва вистински независна држава… Овде гледам како се составило братско коло, муслимани, православци и католици, конечно се здружија. Се обистини она што го говореа старите, дека само неволјите и страдањата ги зближуваат добрите луѓе. Маката и трпењето се најсилната врска, најсилниот цемент, со кој луѓето ќе се збијат заедно за да ја соѕидаат зградата на својата иднина“. Така беседеше стариот Назор, така инспирираше и ја заслужи почитта кај обичните луѓе.
Ќе рече некој дека сега се други времиња. Дали се? Погледнете наоколу! Се крши она што еднаш беше светски поредок. Македонија е на линијата на фронтот, не е под чадорот како што ве лажат. Ние сме на ветрометина, во време на тектонски промени. И нам можеби не ни треба Назор, но ни треба духот на Гоце и на Крсте Мисирков за да сфатиме дека судбината може да биде наша само ако не им препуштиме на оние што би нѐ жртвувале како држава и народ без око да не им трепне кога одлучуваат за својот геополитички интерес. Не се ближи „среќна Нова година“ – се ближи време кога ќе се види кој е за одржување на оваа агонија, а кој е за промена, со сопствени сили, со солидарност на луѓето од сите вери и потекла, заради опстанок на човековото достоинство, за иднината на нашите деца. Се ближат и избори (мнозина веќе пречкртуваат денови на календарот, радувајќи му се на секој изминат ден).

Изборите се само почеток, не се крај. Од изборот ќе зависи дали ќе останеме опашка на туѓ коњ, ограда на туѓ двор, мост на туѓа река… Мнозина се плашат од борба (она пустото за сведнатата глава, за молчењето е злато, да не биде полошо, и најапсурдното – „само мир да е“). Но прашајте се: имаме ли што да изгубиме ако тргнеме во борба за подобро утре, ама и за поинаква Македонија во поинаков свет? Можеме да ги изгубиме само прангите во кои сме оковани! Обидете се да смените нешто, макар и во вашата работна средина, и веднаш ќе ги слушнете. Бидејќи луѓе што станале поданици и се откажале и од иднината на своите деца, само тие не се свесни за прангите.
И така, ја завршувам оваа последна колумна за 2023 година со пораката на Антонио Грамши: песимист во умот, но оптимист во волјата. Секој што се смета за (органски) интелектуалец (во Грамшиева смисла), за слободоумен и добронамерен, има обврска да стане Назор – или Ченто! Па и Грамши, ако треба. Без оглед на крајниот исход. Белата (новата) страница мора да се испише со наша рака, не со туѓ диктат и со убедување дека „немаме друга алтернатива“.
Гоце одамна им порача и на тие таму и на тие ваму: „Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме, и кога“ (1896). Следната година ќе напише: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Тој народ треба да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него“.
Нека ни е честито вртењето на новиот лист во 2024 година! А што ќе запишеме за себе во него зависи од нас самите.