Петокрака на елките – лавот на македонскиот грб

Сите градови во светот во деновите пред Нова година и Божиќ традиционално се дотеруваат и натпреваруваат кој ќе има најубаво украсување. Новогодишната елка во Скопје дефинитивно нема такви амбиции, но брзо стана хит на социјалните мрежи и на интернет и омилена меѓу туристите. „Несреќната“ новогодишна елка стана позната токму поради тоа што изгледа многу грдо за новогодишната ноќ – заразена е и недовршена, се чини дека не е ни целосно украсена, а згора на тоа е искривена.
По исмевањето почнаа и навредите. „Ваква елка нема ниту на ’Али експрес’“, пишуваат на мрежите. „Како народот, така елката на плоштад: сиромашен, страшен, грд за гледање“, се наведува во еден од коментарите на социјалните мрежи. „А ако сакате да бидете оптимисти и позитивни и да се чувствувате добро, погледнете како е Скопје“, удира друг.
Според аналитичарите, елката да ти била главниот проблем во главниот град од дамнина…
Деновиве пред години… Скопје 2014. Новогодишна елка на плоштадот со петокрака ѕвезда на врвот. Лавови во бронза под споменикот на „Воинот“ и малку понастрана на мостот „Гоце Делчев“. Мирна празнична атмосфера и мала реминисценција на збиднувањата од пред десет години, кога златножолтиот двоопашест лав од земскиот македонски грб од 1620 година и ѕвездата петокрака водеа жестока битка за државниот грб во законодавниот дом и поширокo меѓу граѓанството.
Еве, да се потсетиме уште еднаш на таа епска тема, која силно одекна пред да биде донесен законот и малку потоа, кога мамурни, докрај не(о)свестени и без своја волја бевме жртва на мека масмедиумска тортура. За едните обидот лавот да влезе во македонскиот грб значеше подготовка на нови заговори и скриени агенди против Македонија… опасни заткулисни игри, почеток на антиквизација, вруток на нови алузии и митологии, а другите беа на становиштето дека петокраката е идеолошки симбол од стариот социјалистички поредок и го отежнува создавањето критичка самосвест кај граѓанството.

И додека народните избраници дебатираа и се препираа за владиниот предлог за дезидеологизација и симнување на црвената ѕвезда од државниот симбол, некои од партиите го подготвуваа теренот за собирање 10.000 потписи за враќање на земскиот грб од 1620 година, хералдичарите укажуваа дека самото симнување на петокраката воопшто не го менува концептот на постојниот амблем – петокраката мора да падне. Петокраката падна.
Но, дали со бришењето на петокраката се смени социјалистичкиот лик на македонскиот грб. Напротив, се доби уште полошо решение, сметаат хералдичарите.
Петокраката или ѕвездата не е идеолошки знак и неа не ја измислиле комунистите. Таа е симбол што датира уште од пред две илјади можеби и повеќе години, тоа го пишува и во Библијата – одекнуваше во колумните во печатот, во блогерајот. Кога тројцата пророци стигнале во Витлеем, на небото виделе ѕвезда како паѓа и според нивното толкување тоа бил величествен знак на раѓање на Божјиот син, Исус Христос. Оттука и во католичкиот и во православниот Божиќ, кога ги красат елките, и кај едните и кај другите, на врвот се става ѕвезда со пет крака, и тоа црвена.
Безмалку апсурдна ситуација во која јавноста беше дополнително збунета и вџашена и беше во безмалку драмска и епска дилема дали и како да се однесува. Како без последици да се подметне како поткрепа и политички лост, а во исто време да се вклопи во реалното патриотско самочувствие, како дел од објективната општествената заложби за решавање извесни родољубиви индигнации. Сето тоа во име на некои повисоки цели и некаква светла демократска и мултиетничка перспектива. И тогаш, во екот на жестоката дебата, изникнува прашањето од каде лавот во македонскиот земски грб. Дали е тоа некаква линија на помал отпор и во стилот на извесни империјални симболи, дилема што требаше да се расчисти што поскоро за да нема недоразбирања и рационални хипотеки? Што претставува лавот како симбол и што одразува?

Законот за симболите се донесе со двотретинско Бадинтерово мнозинство, тоа значи за законот требаше да се изјаснат и пратениците од другите етнички заедници, при што шансите лавот да биде дел од македонскиот грб беа значително намалени. Политичките претставници на Албанците отворено се изјаснуваа дека не го сакаат лавот. Лавот е универзален симбол и, според хералдичарите, тој е поброен во грбовите на албанските семејства отколку двоглавиот орел.
Тоа беше уште еден бочен удар врз достоинство на граѓанинот во збрката на дневнополитички и етнички дилеми и препирки, но и уште едно погрешно сфаќање и толкување за меката природа на Македонецот. Комичен обид да се испровоцираат и испревртат логиката и неговата пословична трпеливост и мудрост и сето тоа да се претстави како немање сопствен став кон реалитетите.
Законот беше донесен, но остана неодговорено прашањето од каде лавот во македонскиот земски грб од 1620 – како и во голем број албански фамилијарни грбови. Според едно кажување на мој близок постар соработник во филмската дејност, родум галичанец – во она време, значи 15-16 век, на Бистра, Кораб и пошироко на планините во овој дел на Балканот имало многу овци, овчарството било дејност број еден.

Кај што има многу овци има и глутници волци. Овчарските кучиња, помалобројни и несоодветно обучени за ваквиот овчарски бум на Балканот, не успеваат да се справат со грабливите волци. Пословичната мудрост на галичаните, а се разбира и на голем број семејства во Албанија и низ Балканот, го решава проблемот на еден многу практичен и оригинален начин. Преку Мала Азија од Индија увезуваат стотици лава. На тој начин е воспоставена своевидна еволуциска рамковна рамнотежа меѓу видовите. И е воспоставено примирје, кое трае до бурниот дваесетти век. Наизглед шармантна козерија на мојот горд соработник галичанец и уште едно толкување одговор и решавање на дилемите за ѕвездите – петокраките, лавовите и орлите на ридестиот Балкан.
За крај… голем број туристи од цел свет почнаа да пристигнуваат во Скопје за да се сликаат со кривата елка – без петокрака, крај лавовите и воинот на плоштадот „Македонија“. Во хотелите се бара кревет повеќе.