Патот до пеколот е поплочен со вето (македонската дистопија)

Македонија како ниту една друга држава на светот е изложена на исклучоци кои не потврдија ниту едно меѓународно правило, туку ги релативизираа сите меѓународни правила, норми и конвенции: почнувајќи од времената референца наместо уставното име на државата, преку принудните преговори/разговори за името на државата со Грција, кои се претворија, по дваесет години од по маките, во спогодба за опсегот на идентитетот на македонската нација, во (меѓународна) тапија за кастрирање на правото на Македонците на својата древна/античка историја

На што нѐ потсетува прочуената поговорка – „патот до пеколот е поплочен со добри намери“? Оваа поговорка потсетува на народната мудрост произлезена од вековното искуство дека не е доволно да се има добри намери за да се направи нешто добро. Напротив, често се случува добронамерноста да биде изговор за правење зли дела. Злонамерноста се маскира. Маската обично го има ликот на некои култни фигури, инстанци или вредности: Бог, вистината, демократијата, националниот интерес. Во име на божјата правда се прават неправедни нешта, во име на вистината се кажуваат големи лаги, во име на демократијата се практикуваат недемократски политики, во име на мирот се водат војни, во име на сопствениот национален интерес (безбедност, идеологија, идентитет) се руши туѓиот, во име на некоја виша цел се жртвуваат луѓе и народи, во име на слободата се воведува ропство…
Секогаш било така, дури и во митските, и во библиските времиња, а денес, пак, новите технологии, социјалните и масовните медиуми и, воопшто, глобализацијата, го прошируваат опсегот на политичките изговори и ги софистицираат маските. Оваа доба е доба на хипокризијата. Не обична декаденција, туку опасна хипокризија. Каде е Македонија во оваа современа констелација? Од самиот миг на прогласувањето независна, суверена, граѓанска и унитарна држава „Република Македонија“, започнуваат опструкции под севозможни процедурални изговори со суштински последици. Триесет години независност, триесет години ревизија на Уставот на Р Македонија, триесет години преуредување на државноста на Македонија, триесет години претворање на демократијата во етнократија, триесет години интеграциски процеси условени со загуба на суверенитетот, унитарноста и идентитетот, триесет години метафизичко насилство со културоцидни последици.

Македонија како ниту една друга држава на светот е изложена на исклучоци кои не потврдија ниту едно меѓународно правило, туку ги релативизираа сите меѓународни правила, норми и конвенции: почнувајќи од времената референца наместо уставното име на државата, преку принудните преговори/разговори за името на државата со Грција, кои се претворија, по дваесет години од по маките, во спогодба за опсегот на идентитетот на македонската нација, во (меѓународна) тапија за кастрирање на правото на Македонците на својата древна/античка историја. Тука треба да се истакне парадоксот што го генерираше Преспанската спогодба: на етногеографската територија на Македонија од 2018 година постојат а) грчки Македонци кои се по потекло легитимни потомци на античките Македонци и нивното културно-историско наследство и б) Македонци // граѓани од „Северна Македонија“ кои немаат ни антички предци, ни современа македонска нација: тие се едноставно единки со државјанство на РСМ, без право на свои национални македонски установи и добра. И едните и другите Македонци се, инаку, славофони, славомакедонци или македонски Словени.
Така, се воведе, со карикатурална согласност на лидерите на нашата држава, а без (референдумска) согласност на македонските граѓани, нов правен идентитет на државата Р Македонија со новото октроирано име РСМ, се доби долго име како кратко, држава без континуитет, дури ни со Р Македонија од составот на југословенската федерација. Ретуширањето на вистината и на историските факти стапи на сцена и сѐ уште е тука, сѐ понапред и сѐ посредишно на балканскиот мизансцен. Дојде до нова забрана за употребата на „придавките“ македонски, македонска, македонско – Грците можат да ги користат, Македонците – не. Дури и македонското вино не е повеќе македонско. Потем, ѕвездичката над името на македонскиот јазик од истата Спогодба од Нивице која сакаше да каже дека е тоа словенски јазик и не смее да претендира на претсловенска историја/потекло, изложена на дивата слобода на политичките релативизации, продолжи со интерно деградирање на статусот на македонскиот јазик како државен и задолжителен за сите граѓани на Македонија, за последниве неколку години да биде изложен на нецивилизиран и ненаучен третман на промена на македонските национални, идентитетски и државни наративи, вклучително и симболи.

Така се отвори Пандорината кутија на балканските колонијалистички претензии, кои се нешто помеѓу историски, културни, етнички и територијални (претензии). Неохегемонизам прикриен зад маската на нечиј национален историски интерес и под изговор на бројни квазиаргументации. Хегемонизам со извесна фашизоидна матрица која покажува виталност и се регенерира во сите критични ситуации. Бугарија настапува неделикатно со нејзиниот романтичен сон за Македонија, а всушност со носталгијата на македонската емиграција во Бугарија чијшто број е најмалку два пол милиони граѓани, според информацијата дадена од историографот и академик (не на БАН) Григор Велев. Само што бугарскиот политички дискурс зборува за македонски б’лгари, а не за бугарски граѓани кои се по потекло етнички Македонци. Според Димитар Талев, генијален романсиер од македонско потекло, бугарската современа нација е незамислива без македонската емиграција. Бугарските Македонци имаат речиси патолошка носталгија по македонските огништа што ги напуштиле од разни причини во минатото. Нивната носталгија се проектира како официјална стигма и политика. Тие се асимилирани и до тој степен политички миноризирани, што денес – жално и срамно – ги предводат македонофобичните идеологии и политики.
Немајќи реални факти и аргументи, источниот сосед посега по квазиаргументи и ги брише од официјалната историја фактите кои денес не ѝ одговараат. За Бугарија како да не постои ни фактографско сеќавање на државниот и легитимен попис (1956) кога во делот на Пиринска Македонија процентот на слободно декларираните Македонци достигнува од 45,77% до 89,49%. Сѐ што не им одговара е или комунистичко или српско и информбировско наследство! Денес тие се повикуваат на македонските граѓани кои добиле бугарско државјанство како на Бугари по род (како што правеа Грците), невидена квази или погрешна интерпретација на фактите: државјанството добиено со принудна изјава за божемно бугарско потекло е не само фалсификат и валкан бизнис, туку еклатантна неевропска политика.

Тие не го признаваат македонското големо „малцинство“ во Бугарија, ама затоа бараат во Уставот на Македонија да влезе речиси непостојно минорно новокомпонирано бугарско малцинство во Македонија и се жалат на наводни насилни политики врз него. Тие не го признаваат македонското средновековно наследство, ни македонската Преродба. Тие така одлучиле. Братски, ама атавистички и каинавелиски.
Апсурдот нема крај, во принцип, и на дело. Толку е гротескно што не може а да не биде трагикомично. Но македонските лидери, за да биде апсурдот поголем, во име на некои интегративни и идеолошки илузии, но и за лукративни цели, продолжуваат да играат овој дистописки филм. Тие просто како да се навикнаа на статус на вето. Ветото е вид ветерна мелница, ама последиците се многу потешки, неповратни. Патот до ЕУ е поплочен со квазипризнавањето на Македонија од страна на Бугарија, оти ако си признал држава која се темели на нација, устав, територија, тогаш имплицитно треба да ги почитуваш тие темелни чинители на државата. Ние не сме ни Дон Кихот. Далеку од тоа, ние сме едноставно на работ на бездната. Сите ја гледаат, сам ние упорно чекориме напред. Патот до македонскиот пекол е поплочен со вето.

Автор: Катица Ќулавкова