(Политиката и паранормалното)
Речиси да нема жив човек кому не му се има случено барем едно нешто што не може да си го објасни. Можеби станува збор за случајност што не изгледа како случајност или, пак, момент што нема реално, па дури и рационално објаснување. Зборот „паранормално“ е термин што опишува таква необична појава или искуство за кое нема некое посебно објаснение. Македонското народно творештво е ризница од приказни, песни и обредни ритуали во кои често се среќаваат интересни мотиви поврзани со паранормалното. Едно истражување во Америка покажало дека две третини од жителите на САД веруваат во постоење на духови, вампири, во посетители од други планети и во други паранормални феномени. Не случајно овие теми се составен дел на филмската и телевизиската продукција, која има своја многубројна гледачка клиентела.
Инспирација за текстов што ќе го читате ми даде посредно колешката Весна Дамчевска, уредничка на културната рубрика на „Нова Македонија“, при промоцијата на нејзината монументална монографија за Универзалната сала во Скопје под наслов „Скопскиот симбол на хуманоста“. На крајот од исклучително посетениот настан, авторката Дамчевска, повеќе како досетка, а не со некој намерен политички цинизам, кажа дека на денот кога Зоран Заев почнал да ги објавува првите бомби од прислушуваните разговори, во Универзалната сала токму тогаш се урнал покривот на славниот објект.
Лесно е да се проверат фактите, а не е тешко да се развијат разните асоцијации, почнувајќи со нормалните, завршувајќи со паранормалните дали тоа било случајност или некаков знак, природен, натприроден или божји.
Фактите го потврдуваат следново.
На 9 февруари 2015 година, македонската јавност ги слушна првите аудиоснимки од морето незаконски прислушувани разговори на околу 26.000 граѓани: опозиционери, новинари, судии, обвинители, бизнисмени, пратеници, министри, академици, верски лица, невладини организации. Од февруари до средината на јуни 2015 година, лидерот на тогаш опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, одржа четириесетина прес-конференции, на кои под мотото „Вистината за Македонија“ објави дел од незаконски следените разговори од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), која ја нарече прислушувачки монструм.
Преку овие „бомби“ јавноста слушна како Владата на Никола Груевски уредувала и контролирала дел од медиумите, како течеле партиските вработувања, како се договарале изборни измами, како се избирале судии, како се преговарало за името, како се одмаздувала власта кон политичките опоненти, како се купувале „мерцедеси“, плацови. Како се уништувале документи, цели машини. Имаше тука спомнувања на несреќи, убиства, криминали, провизии, црни пари.
Значи, бомбите почнаа да експлодираат на 9 февруари. На 15 март 2015 година во медиумите се појави соопштение од Универзалната сала.
– Поради оштетување на покривот од обилните дождови, Универзалната сала ќе биде затворена на неодредено време и сите манифестации и концерти се откажани. Повикани се надлежните институции за да се констатира моменталната состојба и да се најде соодветно решение. Од тие причини, приморани сме сите закажани манифестации да ги откажеме сѐ додека не се создадат услови за понатамошна работа – стоеше во соопштението на конгресниот центар „Александар Македонски“, фирмата што раководи со салата.
Главна причина – „поради прокиснување од дождот, дел од таванот паднал врз седиштата во Универзалната сала, непосредно по завршувањето на трибината на СДСМ што се одржала во вторникот“.
Што се случи во овие поминати девет години од паѓањето на покривот на Универзалната сала? Бомбите, како сите бомби во светот, предизвикаа револуција под име Шарена, што во народен превод самиот наслов значи измамничка, неморална, лесноумна, што чесните учесници во неа многу доцна тоа го сфатија.
По тој еуфоричен намерно инсцениран и добро наплатен револуционерен бран, иако не доби најголем број гласови на изборите во декември 2016, Заев успеа да формира парламентарно мнозинство со албанските партии, што не му успеа на неговиот политички ривал Груевски. Се формира, па од истите лица се уништи вештачкото специјално обвинителство за бомбите, на крајот излезе народната поговорка „ни лук јал ни лук мирисал“.
Република Македонија го смени името, влезе во НАТО, но не стана европска, модерна и реформирана земја на среќни и задоволни граѓани. Виси пред европските ѕидови. Дури ни пристојно место за живеење. Она за што лажеше Груевски, го повтори Заев, поитро и во поголеми меркантилни количества. Токму затоа разочараноста меѓу граѓаните е сѐ поголема.
По девет години истече рокот на бомбите, најголемиот дел од нив ги однесе ветерот како меур од сапуница. Заев обезоружан и срамно поразен се врати во Струмица. Неприкосновениот ривал побегна тајно и сега е азилант во Будимпешта, Унгарија. Универзална, ене ја, среде Скопје, стои девет години како руина. Некој злобник ќе рече: каква Универзална – таква држава. Сигурно дека по дождовите во февруари 2015 не дојде потопот од времето на Ное, но во 2024 се ближи потопот на партијата врз која покривот се урна. Чудна коинциденција, интересно совпаѓање на нештата.
Има и уште еден феномен, ем врзан со политиката ем со природата ем со Зоран Заев и социјалдемократите. Не мора сѐ да се сфати дека спаѓа во сферата на паранормалното, повеќе е во сферата на реалното. Тој може да се чуе меѓу луѓето од Преспа. Имено, сушењето на Преспанско Езеро почнало за време на акцијата на НАТО врз Србија кога натовите авиони го надлетувале езерото. Наглото исчезнување на водата е почнато по потпишувањето на Договорот со Грција во крајезерското село Нивици, кога Република Македонија го доби префиксот Северна. Ако не верувате дека е така одете, видете, проверете, ќе се уверите на самото место.
Примерите со Универзална и со Преспанско може да се сфатат и како измислена приказна на човек што верува во вонземски работи. Може уште утре да бидат заборавени. Ќе остане монографијата на Дамчевска да ја раскажува историјата на овој објект во срцето на градот, како негов најпрепознатлив симбол и траен сведок на антологиски збиднувања. Објект во кој се одржале повеќе од 5.000 манифестации што ги проследиле над 5.800.000 посетители.
Ви изгледаат ли нормални овие бројки или се само одек на некои стари добри времиња?