Неверен Тома

Затворањето на последниот аспект на (историското) Македонско прашање (со големо М) се одвива во контекст на постепена, ама сѐ поголема диференцијација помеѓу оние што со еуфорија ја дочекаа веста за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА и скептиците. Приказната за еден од дванаесетте апостоли, неверниот Тома, е најдобрата метафората што ги опишува вторите (иако и таму има премини од едната во другата група и обратно). Според преданието, Тома не бил со другите кога Исус Христос првпат се јавил по воскреснувањето. Кога му ја соопштиле веста, тој рекол дека ќе поверува во тоа само кога ќе го види и ќе ги стави рацете на неговите рани. По осум дена, Христос се појавил пред апостолите, обраќајќи му се на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!“ Кога се уверил, Тома извикал: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“. Како што веројатно знаете, на осмиот ден по Велигден, се слави т.н. Томина недела или Нова недела. Нема да се впуштам понатаму во верската поука од оваа приказна, бидејќи овде служи само како повод за односот кон нештата што не се видени, ама се земени (што би рекол народот) здраво за готово.
Ќе се воздржам од какви било црковни анализи за она што следува на патот до добивањето на томосот со кој ќе се потврдат деталите за автокефалноста; впрочем, ниту сум верник, ниту ги познавам сите аспекти на тој сложен процес. Тоа ќе им го препуштам на другите што знаат многу повеќе од мене за црковната историја и дипломатија. А уште еден восхитен глас во хорот не е нужен, нели? Малку да внесеме и поприземен и потрезвен однос кон она што се случува, кое наликува на чудо, ама може да заврши со крстење кога ќе се види томосот. Лично ме интересира (гео)политичкиот и правниот аспект, односно како „решавањето“ на финалниот статус на МПЦ-ОА ќе се одрази на севкупните состојби, во кои Македонија е Ѓорѓи сардисан. Дали е сѐ така како што изгледа? Што се случува/ло во заднината и какви ќе бидат последиците? Колку ќе трае овој процес и кој има бенефиции од него? Се плашам дека затворањето на еден спор ќе отвори многу недоумици, а и разочарувања. Свесна сум дека мојот глас е осамен, но по извесно промислување, сепак решив да си кажам што мислам. Ако коментирам сѐ друго, зошто би молчела сега? За да не ја поматам радоста?

За некој што е не само сведок туку и хроничар и аналитичар на сите други „решенија“ изминативе години (за името, историјата, јазикот/јазиците, културата, уставното уредување итн.) се чини најприродно да биде/остане неверен Тома. Прво да видиме што пишува во томосот, па ќе се цени што е добиено, а што изгубено. Утешната награда не знам дали ќе биде доволна. Но ако свештенството и паствата се задоволни со решението, не е мое да судам. Од историска и политиколошка призма, ќе потсетам низ еден цитат од анализата на социеталната безбедност (безбедност на идентитетите) на Македонија, мојот сега покоен колега и академски гуру Хакан Виберг уште во далечната 1993 година го напиша следното: „Ако се земе дека идентитетот лежи во јазикот, тогаш Бугарија е главната закана, бидејќи македонскиот го смета за дијалект на бугарскиот (иако тој дијалект во Бугарија не ужива никаков посебен статус); во степенот во кој идентитетот е втемелен во религијата, Србите се главната закана; во степен во кој идентитетот е дефиниран според територијата и историјата, албанското малцинство нема да го прифати конститутивниот статус на Македонците. И на крај тука се Грците со името и наводниот иредентизам на помалиот сосед“. Е сега видете колку му била реална анализата од пред 30 години…
По сето искуство, позицијата на неверен Тома заштитува од разочарувања, особено кога се знае дека досега сите порази ни ги пласираа за успеси. Иако морам да признаам сега владее необично единство и на позицијата и на власта и на интелектуалната и на медиумската сцена. Не само затоа што сум научник (кому прашањата, дилемите и скепсата му се длабоко всадени), туку и како Македонка, јас преферирам да дувам и на јогурт. На невидено ни поттурија и натурија и Охридски, и Преспански, и Бугарски договор. Дознававме отпосле, кога беше доцна да се менува нешто што беше решено на друго ниво и зад очите на јавноста, со византиски игри, виткање раце и со решенија во кои имаше многу „ѓаволи во деталите“. И пред и по чинот на некое „решение“ бевме и уште сме предмет на пропаганди и извртувања на вистината.

Потребата да се доживее успех, признание и прегратка е не само нормална туку и многу важна за еден народ што бил (и сѐ уште е) толчен и од поблиски и од подалечни соседи и „сојузници“. Веројатно во тоа и лежи причината за енормниот бран на еуфорија во кој се „удавија“ малкуте внимателни гласови (особено на колегата Далибор Јовановски). Велам се „удавија“ затоа што останаа неслушнати или осудени како „расипувачи на забави“. Мене ми се обратија со ново име НЕГАТИ-ВА-НКОВСКА. Искрено, се изнасмеав на оваа духовита кованица, која ми покажува дека мнозина ги нервира мојот упорен „песимизам на умот и оптимизам на волјата“ (Грамши). Се разбира, мојот глас/став е небитен, многу поважно е што во емоционализиран јавен дискурс нема место за студени глави и за претпазливост. Го заборавивме ли она славење на плоштад кога САД божем ни го призна името (во 2004), па избрзаниот огномет од декември 2005 поради кандидатскиот статус без почеток на преговори со ЕУ, па чудото од Преспа, кое покажало дека две мали балкански нации можат без посредништво сами да дојдат до компромис (како што глаголеше Никола Димитров), па неколку „добиени датуми“ и прослави низ земјата? Сличен е описот и на чинот на „чудото“ од 24 мај.
Колега колумнист ќе напише дека лицемерни биле обвинувањата дека решението на црковниот спор значи замена на името МПЦ за добивање историско право врз (славната) ОА. На авторот му пречи што „обвинувањето“ доаѓало од политичка партија што била една од ретките што во своето име не го содржела зборот Македонија и споредно се декларира како атеистичка. Ви текнува на кого мисли, нели? Како да се толкува ваквата „аргументација“ на човек што неодамна премина во партија што има две М во името? Значи ли тоа дека оние што во името на партијата го имаат она на М се ептен патриотски? Судете според резултатите. Според него, партиите имале верска определба!?! И се декларирале, пазете, споредно и директно? Се разбира, станува збор за обид да се девалвира секое инакво мислење што ја мати општата радост. Тој како да заборава дека националното и верското се две различни работи, па така и атеистите се Македонци (меѓу другите), а меѓу Македонците има и припадници на други вери.

Црковниот проблем меѓу СПЦ и МПЦ-ОА (за мене секогаш си остана МПЦ) е само дел од мозаикот, за кој знаеме дека е сложен. Да беше само ова прашање, ќе беше многу лесно да се најде решение во секуларно и демократско општество. Коренот на нашите проблеми е во сите оние претходни договори и „решенија“ на Македонското прашање. Ова е последното делче од мозаикот. Фала богу што сум атеист (би рекол Трендо), ама дај боже да грешиме ние неверните Томи. Еве, дури и во најоптимистичко сценарио за томосот (кој се најавува за 12 јуни) и за непоматената среќа на верниците и другите, нам воденичкиот камен и натаму ни останува врзан околу вратот и застанувањето на нозе ќе мора да се направи во лаичката (државната) сфера, каде што Господ нема многу овластувања. (Патем, веројатно, мнозина заборавиле дека со амандманите од 2001 година, на инсистирање на албанската страна поименично се наведоа имињата на верските заедници во Македонија. Оттука, решението на статусот на МПЦ-ОА ќе претпоставува уште едно отворање на Уставот – а кога ќе чујам за тоа, уплав ме фаќа, свесна што сѐ може да се накалеми во таа постапка.) Но ако сте среќни со ОА – супер.
На 24 мај, токму во време на службата во Соборниот храм следев онлајн предавање на многу ценет хрватски колега (со српско потекло), кој зборуваше за перспективите за европската интеграција на земјите од Западен Балкан во светлина на војната во Украина.

Освен тоа што внимаваше да не пропушти Северна на секое споменување на Македонија, она што ме зачуди беше леснотијата со која ги виде сите позитивни случувања за регионот, почнувајќи од враќањето на сестринската љубов меѓу СПЦ и МПЦ – иако станува збор за однос мајка – ќерка – па до Преспа и сѐ друго. Човекот дури и смета дека е лоша мисла (како кај Орвел?!) ако не се видат позитивните промени. Се прашував: дали е неговото знаење на регионот површно, базирано на мејнстрим-извештаи и медиуми или идеолошки проевропско без оглед на стварноста на политичкиот колапс на европската идеја? Човекот дури и верува дека Украина ќе ја победи Русија, т.е. дека некој ќе биде победник во една деструктивна војна што може да го проголта светот. Или сум можеби јас навистина Негативанковска? Ако е второто, одлично – ќе бидам среќна да се ослободам од проклетството на Касандра и да грешам. Бидејќи оваа Касандра во мене прогнозира дека наскоро, како што одат работите на глобален план, не само што македонскиот идентитет ќе биде неважен пред општата егзистенцијална криза и можноста од нуклеарен омницид туку дека и ние атеистите ќе мораме да признаеме дека единствениот спас е оној одозгора. Границите на човековото лудило се бескрајни.