Фала му на Бога, јас и со малку сум задоволен, конечно да видам кај нас една вистинска геополитичка анализа, поткрепена со знаење и комплексно навлегување во суштината, без наивна навивачка страст, преку проучување на минатото за де се објасни сегашноста, оти без тоа не може да се види што носи иднината, анализа што преку моменталната војна во Украина дава прецизна слика на она што навистина се случува глобално, во момент кога, како во западниот свет, така и во Нордистан, се леат солзи за Навални (Бог да го прости), настрана фактот што Русите крајно глупаво ја одиграа оваа „епопеја“ околу човекот со сомнителна биографија, освен ако тоа не ѝ беше намерата, истовремено кога се подготвува екстрадиција на Џулијан Асанж во САД, зашто изнесе крунски докази за американските злосторства што ние ги знаевме и за чиј лик и дело, спонзорираните борци за човекови права и демократија не смеат да пуштат солза во темница, камоли збор да кажат на светлина (пред британска амбасада, на пример), оти така може да го налутат спонзорот.
Сето ова (без небитни моменти за Навални и Асанж како медиумска „забава“ за јавноста да си чеша јазик) ни го даде на тацна господинот Самаковски во четвртокот вечер, во емисијата „Заспиј ако можеш“, и јас тука, секако, нема да прераскажувам детали за да не ви го одземам задоволството да го слушнете она што тој го зборува. Ќе напоменам само оти и самиот сум го напишал потпирајќи се на својата поетска интуиција, дека нешто планетарно смрди околу оваа касапница меѓу НАТО и Русија во Украина, преку која САД и Руската Федерација ненормално се збогатија, како и Кина, која го користи моментот во кој светот си игра војна на ѕвездите и сето тоа за сметка на лузерската Европа, која ја загуби економската удобност и во блиска иднина ќе ги почувствува последиците од својата глупост, оти е предводена од палјачовци што мислат дека Аушвиц го ослободиле Американците, а Русите денес вадат чипови од миксери за да војуваат, па само што не паднале на колена од санкциите што им ја зајакнаа економијата, како и оној момент што ми ја скокотка фантазијата дека сето ова што го гледаме, по неколку средби меѓу Путин, Бајден и Си Џинпинг во кои поим немаме што навистина разговарале, всушност е еден безобразен договор меѓу империите за креирање помала војна со цел да се избегне онаа апокалиптичната (патем 500-600 илјади мртви за нив се ситница, сетете се на Ирак), преку која ем ќе заработат, ем ќе си го измерат чаламот, ем во украинската лабораторија ќе го истестираат оружјето за иднината, ем ќе ја скршат конкурентната, ама од декаденција ослепена Европска Унија, по што ќе следува рекомпонирање на светот, но, за разлика од мене, што ве возам низ реченицава, господинот Самаковски ова го објаснува со сите потребни детали преку кои ќе се тргнете од дрвото што ве спречува да ја видите шумата.
Фак! Отиде повеќе од половина колумна на најава, а јас имав нарачка, предлог што не дека не можам, туку не сакам да го одбијам, оти ми дојде од еден од „спонзорите“ на мојата душевна благосостојба, си имам јас такви „спонзори“, личности што ми создаваат рај на земјава, па затоа, прости Маријана, во следната ќе ја добиеш приказната.
Океј, а сега Асанж… не ми се пишува за Асанж, доволно сум напишал за него, патем, ако почнам да терам муабет за неговата мисија, која завршува со мачеништво, ќе мора да ги споменам лицемерите, спонзорираните борци за човекови права… на Навални, ама искрено, збоктисано ми е од нив, ај што напишаното не ги допира, туку и јас не сакам до нивното да се допирам, бидејќи така треба да шлапкам во плиткото. А Џулијан Асанж веќе си го доби своето место во поновата историја, рамо до рамо со Мартин Лутер Кинг, Че Гевара и дузина други што го имале в срце општото над личното, за што и пострадале, како што сега творецот на „Викиликс“ страда, ама па, одамна ни е кажано, секој од нас и покрај тоа што сака да го одмине таа чаша, мора да ја испие ако му е наменета.
Инаку, она грдото, лицемерното, во контрадикторноста е. Ако го земеме оној досаден западен наратив дека Русите се криви за сè, дека тие се лошите, дека Путин е злосторник, а Русија диктатура, тогаш што толку се дроби за Навални кога во диктатури вообичаено луѓе исчезнуваат, скапуваат по логори, биваат убиени, па и ние знаеме за такво нешто, во фамилии го имаме, оти ако не се лажам, Југославија од која комуњари и удбаши се ребрендираа во демократи, ама останаа исти во суштината, си имаше свој Голи Оток. Туку, да се вратам на наративот, кој пак од другата страна вели дека Западот, односно САД и ЕУ, наспроти руската диктатура, е цивилизиран, демократски, полн со не знам какви вредности, тогаш како може некој што изнел вистина да скапува по затвори соочен со смртна казна или доживотна робија, како може да имаме Гвантанамо, како може клучниот сведок, организатор на елитна педофилија за политичари, ѕвезди, џетсет тукутака да се самоубие во ќелија среде совршената демократија? Молк, а?
Но, додека имаме хорски лелекачи за Навални, диригирани од западните центри на моќ и нивните медиуми, додека имаме дузина индивидуалци што се обидуваат да го надгласат тој хор, зборувајќи за Асанж, Македонија плаче за своите синови, кои скапуваат затворени во нордистанскиот гулаг. А ха, ние имаме наши маченици, судени од прекиот суд на интелектуалната бижутерија, осудени во политичко-полициски монтиран процес од корумпираното судство без доверба од граѓаните, ама искеширано од амбасадите, невини луѓе во занданите на монструозниот гулаг, наречен Нордистан, на чии плеќи се натоварени драконски затворски казни за тероризам што не се случил, ама е измислен од оние што уживаат да тероризираат неистомисленици, особено ако истите тие ја љубат Македонија.
Штета, не ми остана ништо за нордистанската политика. А пред избори сме. Ги имаме кандидатите за претседател. Интересно би било во втор круг да се борат две дами. И ние малку да видиме политичка култура. На парламентарните избори ќе биде поблесаво. ВМРО-ДПМНЕ уште сега треба да се бори со колапсот што ќе го наследи, ама и со сопките од „меѓународната“, која ќе направи сè за владата да им биде нестабилна. СДСМ бидејќи нема што да се бори политички, на овие избори ќе се тепа со граѓани и медиуми, молејќи се на „меѓународната“ да ѝ успее барем дел од планираното. Левица и партијата на Максим Димитриевски ќе се борат за своја политичка промоција, а албанските партии влегоа во коалиција со Санстефанска Бугарија и ќе се борат против Русија(???). Прекрасно блесаво!!!