Можна ли е алтернативна македонска надворешна политика?

(трет дел – регрутација и напредување во кариерата)

Зошто некои дипломатии важат за врвни, други за просечни, а трети за недоволно способни да ги бранат националните интереси на сопствените држави? Одговорот на ова прашање во најголемиот број случаи нема врска со големината, економската моќ, образовниот рејтинг или која било друга карактеристика на една држава. Меѓутоа, секогаш квалитетот на една дипломатија зависи од начинот на избор, напредувањето во кариерата и вложувањето во постојаното образование и обука на дипломатскиот кадар. Веќе претходно дискутирав дека дипломатијата е, всушност, постојана политичка класа на една држава, како и дека дипломатските вештини се врвни политички вештини. Токму затоа, како извонреден пример за врвен избор на дипломати може да ни послужи Хрватска. Вчудовидува фактот што кадрите на хрватската дипломатија држат своевиден монопол на клучните државни функции во Хрватска безмалку во целиот дваесет и први век, па претседателот на државата, премиерот, претседавачот на хрватскиот Сабор и министерот за надворешни работи се поранешни дипломати од професионалниот состав на хрватското МНР, кои одлучиле да го променат дресот и да станат политичари. Тука мора да му се оддаде признание на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, кој поставил строг филтер и уште построги критериуми за влез во хрватската дипломатија. Младите дипломати од неговата епоха сега се врвни хрватски политичари, независно од која страна на хрватскиот спектар доаѓаат.
За жал, иако порано во македонската дипломатија се внимаваше кој може да влезе, нештата одамна излегоа од контрола. Македонската дипломатија помни еден извонредно изведен конкурс во времето на Љубомир Фрчкоски. Потоа неколку врвни професори од Универзитетот „Кирил и Методиј“ важеа за неформални регрутери за македонската дипломатија. Можам и со личен пример да посведочам како тогашниот доцент, а сегашен декан на Правниот факултет, Сашо Георгиевски, ни овозможи на тројца студенти од политичките науки да работиме семинарски трудови користејќи ја архивата на МНР. Тогашниот шеф на аналитика, Виктор Димовски, ги проследил нашите завршни трудови до министерот Благој Ханџиски, па позитивната евалуација од колегиумот на МНР, потсекретарот Огнен Малевски и генералниот секретар Данчо Марковски ни понудија влез во македонската дипломатија како хонорарни соработници. Секретаријатот за европски прашања, на голема жал на Малинка Ристевска Јорданова и на Драган Тилев, се воспостави како еден мостобран до македонската дипломатија и досега сите СЕП-овци што влегоа во МНР се покажаа како одлични професионалци. Исто така, извонредни дипломати беа регрутирани од новинарските кругови. Не попусто се вели дека дипломатијата, во основа, е натпревар во добро пишување.

Извонредните дипломатии имаат годишен приемен испит на дипломати почетници. Универзитетска диплома, од кој било факултет, е предуслов за полагање на дипломатскиот приемен испит, кој содржи тестови за меѓународни односи, компаративна политика, економија, меѓународна трговија и финансии, глобална историја, национална историја и општа култура. Секогаш посебен дел на дипломатскиот приемен испит е познавањето на странските јазици, па најчесто англискиот и францускиот јазик се задолжителни. Покрај познавањето на службениот јазик на државата се тестира и способноста за пишување, за пренесување информација и за извлекување на најзначајните поенти од медиумски исечок, интервју или есеј. Притоа, овие приемни испити во најдобрите светски дипломатии се со неоспорен интегритет и никогаш во историјата не се пробиени, а бројот на апликанти во однос на бројот на примени кандидати секогаш е огромен (најсвежо ми е сеќавањето од Бразил каде што за 50 места редовно конкурираат над 10 илјади млади апсолвенти). Во македонскиот случај, воспоставувањето дипломатски приемен испит ќе значи промена на цел пакет закони од сферата на државната администрација, но сметам дека нашето општество одамна е созреано за еден ваков исчекор. Македонија премногу импровизираше во делот на прием на нови дипломати што сериозно ги наруши ефикасноста и ефективноста на македонската дипломатија.
Во делот, пак, на напредувањето, за жал, целиот процес се претвори во карикатура што зависи од премногу необјективни и субјективни чинители и причини. Јас моето решение за избор во звање „прв секретар“ си го чувам со поголемо внимание од целокупната документација за избор и именување во амбасадор. Тоа произлегува од причини што искачувањето во скалилата на македонската дипломатија требаше да се заслужи. Нештата одамна се изместени од лежиште и во овој сегмент. Дипломатија е занает, а занаетот се учи на работното место, па бавно и крваво е пробивањето од чирак преку калфа до мајстор. Во извонредните дипломатии за влез во секое наредно скалило се бара посетување настава и полагање испит. Најчесто за стекнување со звањето „прв секретар“ се брани труд на ранг на магистерски труд, а за звањето министер советник се брани пообемна теза што наликува на докторат. Често овие писанија си наоѓаат пат и до публицистиката во земјите што имаат ваков начин на напредок во кариерата. Нормално, ништо не доаѓа прекуноќ, па и кај нас не може веднаш да се пристигне до овој тип кариерно напредување, но доколку се замисли конечната цел, лесно ќе се исцртаат и чекорите дотаму.

Мандатите во странство за дипломатите се клучни за напредок во кариерата, а врвните дипломатии секогаш внимаваат еден дипломат да помине низ различни предизвици, па да ротира и низ најатрактивните дипломатски центри и во мултилатералата, а и во кризните жаришта или во прекуокеанските дипломатски средишта. Секој „преживеан“ мандат значи раст и развој во кариерата, до „светиот грал“ во форма на највисокото дипломатско звање што е амбасадор. За мене лично врвното признание дојде во форма на свечената вечера во моја чест и во чест на мојата сопруга што ја приредија првиот македонски амбасадор во Кина, д-р Владимир Петковски, и неговата прекрасна сопруга Калиопи, по повод нашето заминување во Бразилија. На тој собир присуствуваа повеќето амбасадори основачи на македонската дипломатија и први амбасадори на независната македонска држава. Ним им е совршено јасно што значи институционалната меморија, но и како врти запченикот на државата што ја пренесува одговорноста кон новите генерации.
Оттука, регрутацијата и напредувањето низ кариерата мора да бидат еден од клучните потпорни столбови при идната темелна реформа на македонската дипломатија.

Ивица Боцевски

(продолжува)