Фото: Емил Јовановиќ

Протест за поддршка на охриѓанецот Христијан Пендиков кој беше претепан во Охрид, ќе се одржи денеска во 12 часот пред зградата на Европската комисија во Софија.

Мотото на протестот гласи „Правда за Христијан од Охрид! Не за дискриминацијата на Бугарите“. Организаторите објавија дека настанот е неполитички и непартиски.

– Оваа ситуација е неподнослива. Политичката класа, медиумите и академската заедница создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите – велат организаторите, барајќи итна реакција од бугарските институции, како и европските институции да бидат гарант за правата на Бугарите.

Пендиков кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид вчера беше пренесен во Бугарија со владин авион „Фалкон“, според информациите во бугарските медиуми. Тој бил придружуван од двајца лекари и медицинска сестра од Воената медицинска академија во Бугарија. Состојбата на Пендиков, според тамошните медиуми, е сериозна и му претстои операција.