Медиокритетството и корупцијата

Во дипломатијата е како во филмската дејност. Вистински добар резултат е кога работата е завршена, проектот успешен, прифатлив на општо задоволство, а раката на режисерот/дипломатот малку забележлива.
Поздрав за господинот Батлер и уште еден убав повод да се потсетиме на зборовите што тој меѓу другото ги истакна на крајот на успешниот мандат, при заминување. Неговата екселенција господинот Батлер тогаш ни порача нешто, кое некои од агилните печатени и други медиуми, во рамките на својата дневна ажурност, рутинирано го забележаа, пренесоа и подвлекоа – внимавајте на корупција и не трпете ги медиокритетите.
Во тие на прв поглед, прво читање, слушање, следење, зборови се забележува само уште едно во низата општи упатства и совети за поуспешна системска трансформација на реалноста наречена Република Македонија. Од дипломатски избалансираната лексика и упорното и често нотирано и укажувано повторување за опасноста и штетите од корупцијата, медиокритетството, непотизмот се наѕира една од клучните поенти, произлезена и од искуството и од аналитички дискурс на почитуваниот дипломат, изведена од мониторингот на состојбите во земјата домаќин Република Македонија.
Опасноста од корупцијата и медиокритетството, на што посочуваше почитуваниот дипломат, по сѐ изгледа не било тоа само рутинска куртоазна забелешка, ниту наивно потцртување на темата. Таквите укажувања од дипломатите и денес одново се актуализираат и сега веќе се преземаат и конкретни дејства.
Корупцијата, непотизмот, медиокритетството се појави што во основа длабоко и сериозно ѝ противречат на суштината на капиталистичката логика. Тие не се само голема пречка, туку почетно согласување со половина резултат и успех во остварување на капиталистичката елементарна стратегија – профит, развиток, напредок.

Познатата анегдота за еден од наследниците од поколението Рокфелер, симболот и синонимот на капиталистичката благосостојба, кој најпрвин морал да продава весници, за да се подготви за вистинскиот и прав бизнис, од денешна проспекција ја добива вистинската димензија и поента. – Капиталот има цврста и непоколеблива логика во која емоциите, непотизмот и фамилијарноста играат безначајна, речиси никаква улога. Многу од прочуените богати капиталисти ги држат настрана своите блиски /несоодветни/ од бизнисот, за да не им наштетат на сопствените интереси. Но тоа е во развиениот суров капитализам.
Вистинските луѓе на вистинските места, мора да биде правило и во нашиот сокак. Така нотира логиката на суровиот капиталистички натпревар. Треба да се почитуваат искуствата од развиениот свет и да се применуваат во практиката. Без таа елементарна трансформација во свеста само ќе ротираме бескрајно околу надежта за светла иднина. Без востановување на овие проверени искуства, перспективите ќе се заматуваат, резултати ќе изостануваат, иднината дополнително ќе се компликува.
Партизацијата и силната исполитизираност се основниот вид системска закоченост. Медиокритетството е клучната алака на системската корупција и таквата поставеност ја промашува целта. Такви се состојбите погледнати и оценети од визурата на објективната оптика на почитуваниот амбасадор, кој очигледно беше добар познавач на нашите околности.
Овие и слични препораки само не се дипломатска и куртоазна лексика, туку се резултат и поента на аналитички дискурс, кој како појдовна основа ја афирмира и верифицира суштината на капиталистичката логика.
Ако секое дејство во капитализмот е насочено кон профитот, кон градење и подигање на стандардот и благосостојбата, тоа е наедно и приоритет на општествената репродукција во целина. Во таа насока и политиката треба да се репродуцира и да престане да се однесува како ментална апстракција, туку своето дејствување и да го сфати пред сѐ како генератор што ја динамизира економија и ги афирмира претприемничкиот дух и економскиот натпревар.

Злоупотреба на власта за лична полза. Така во пошироки рамки се дефинира корупцијата. Но проблемот е во тоа што едновремено не станува доволно јасно што е тоа што претставува злоупотреба, така што секогаш постои ризик да се западне во релативизирање на нештата. Нулта корупција, во секој случај, не постои, тоа е илузија. Но во ненормални општествени услови многу нешта стануваат нормални.
Медиокритетството, на прв поглед општествена „симпатична“ девијација во основа е длабоко противречна на капитализмот како систем и ја попречува неговата ефикасност. Не можете да имате успешна економија, дипломатија, правосудство, администрација ако со нив управуваат медиокритети напластени од неколку генерации „бескласен непотизам“, кои и денес, како и секогаш досега преку политиката и „класната еднаквост“ опстојуваат, а и во овие матни времиња се обидуваат да ги задржат позициите и привилегиите, заграбувајќи што е можно повеќе од слаткиот транзициски колач.
Прагматичната логика на профитот ги почитува истакнатите /со конкретни резултати/ поединци без оглед на идеолошката припадност или неприпадност и како креативни и профитни ресурси ги апсорбира и ги впрегнува во реализација на зададените задачи и сопствениот интерес.
Нема праведно и квалитетно судство, кога во него се затечени кадри што своите позиции ги стекнувале во систем во кој отсекогаш биле на власт и во кој од колено на колено ја чувале за себе и ја предавале и практикувале во тесни фамилијарни и партиски кругови, претворајќи се практично во партиско родовски клан.
Закоченоста е пред сѐ резултат на судирот на интереси во самата логика на системот. Независното судство е неопходен услов за структурните реформи. Тоа треба да ги запре и преиспита очигледниот децениски грабеж, криминалната приватизација на општествениот капитал и криминализацијата воопшто. Ефикасно и брзо да ги решава предметите што се заробени и оковани во класни партиски и фамилијарни рамки и релации, што практично ја анектирале правдата и судството и ги оневозможуваат нивната ефикасноста и спороведливост.

Ослободување на оваа сфера од коруптивниот и поданички менталитет, наметнат од теснопартискиот интерес и од грубото и непрофесионално прекршување на кадровската процедура, при неколкуте демократски смени на власта, кога со низа ненадејни и контроверзни партиски решенија, го заглавија судството на транзицискиот гребен, сериозно ја загрозија и искомпликува севкупната општествена трансформација. Неспорно е дека на нашето судството му е потребна темелна преобразба. Но тоа не значи отстранување на девијантните појави со сменување двајца или тројца службеници од висок ранг. Или бочна пресметка со ситната корупција. Реформите во оваа сфера треба да бидат темелни, што всушност би претставувало демонтажа на еден закоравен инертен систем, што е затскриен во лавиринтите на теоретскиот релативизам и кој како таков претставува вистински голема пречка во трансформирањето и развојот на демократските процеси и економскиот просперитет.
Во една таква атмосфера, попаметните, поспособните, оние со повисок капацитет се повлекуваат од учество во политиката и им ја препуштаат на просечните, потпросечните и медиокритетите и си ја гледаат својата работа и бизнис или заминуваат од земјата.
Тие гледаат што ги чека ако влезат во политика, ако дадат сѐ од себе да помогнат за општо добро, гледаат дека што и да направат ако се многу успешни потоа неспособните ќе работат на нивно оцрнување и прогон со злоупотреба на правосудството и медиумите и тоа им се гледа ризично и некомфорно и непотребно, па решаваат својот висок капацитет да го употребат во својата кариера или бизнис, често надвор од Македонија.
Така, политичките одлуки сѐ повеќе ги носат нискокапацитетни аматери, некои што според нивниот личен капацитет и квалитет никогаш не би се квалификувале ни во седмиот ешалон на партиите. Тоа е најлошата и долгорочно најтешка последица за земјата од ваков метод на управување со земјата каков што спроведува најголемата партија во власта повеќе од шест години.

Тоа е еден маѓепсан круг од кој тешко ќе излезе Македонија.
Негативната селекција на кадри со најодговорни функции и медиокритетите сѐ повеќе го заземаат просторот во политичкиот спектрум и тие сѐ потешко ќе дозволуваат поспособните од нив да владеат и да носат значајни одлуки за државата, народот и нацијата.
Нашиот дух треба да биде многу посилен од слабите и бедни души, кои се обидуваат да ги искористат другите за поддршка и газат за нечесно да се искачат и да изгледаат повисоки без да се запрашаат воопшто за својата реална способност и капацитет и која е вредноста или проклетството на таков „успех“. Тешко нас ако им оставиме такво бедно и мизерно наследство на идните генерации.
Внимавајте на корупцијата и не трпете ги медиокритетите, благо ни препорача на заминување – неговата екселенција – господинот Батлер. А ние граѓаните на Република Македонија, со кои имавте безброј срдечни средби седенки, разговори – му благодариме нему и на сите добронамерни други дипломати, советници консултанти. Им благодариме за укажувања, за времето и трпението што го имаат за нас. „Тоа е сѐ народе“… следува долго топло лето… починка и мал одмор почитувани читатели… поздрав, до наша повторна средба наредната „бурна политичка есен“.

Аљоша Симјановски