Осаменоста како епидемија

Современиот живот, особено по пандемијата на ковид-19, донесе една нова, многу застрашувачка појава кај луѓето – осаменоста! Она што е уште позагрижувачко е што осаменоста сѐ повеќе се регистрира кај младата популација. Во оваа насока, во мај 2023 еден познат американски доктор објави јавен апел упатен кон родителите, старателите и воспитувачите за да го привлече вниманието за појавата на осаменост кај младите луѓе. Тој ваквата појава ја именува како здравствена криза, која со изолираноста и недостигот од социјално поврзување предизвикува физички и ментални здравствени проблеми.
За осаменоста објавив книга 2022 година, која беше печатена токму од „Нова Македонија“. Во неа, врз база на научни сознанија и публикации, беше обработувана осаменоста, отуѓеноста или како што поинаку ја нареков – откорнатоста на луѓето токму во периодот на пандемијата. Меѓутоа, еве, пандемијата некако помина, ја совладавме и сѐ требаше да се врати во нормалниот ред на нештата. Но, реалноста покажува дека не е баш така како што мислевме и очекувавме.
Она што е факт за специфичноста на хуманиот род е социјалната поврзаност, комуникацијата. Иако и кај животните постојат, да ги наречеме, социјални групи (стада, глутници), тие кај луѓето се битна карактеристика и поинаку организирани. Преку поврзувањето, комуникацијата, човечкиот род чекорел напред во еволуцискиот пат. Севкупното здравје, чувството на сигурност, припадност и отпорност се токму придобивки од социјалната комуникација.
Она што сега се случува со луѓето, а особено со младите е токму таа осаменост, која се јавува во епидемиски размери и која, од своја страна, како бумеранг влијае на здравјето. Поради тоа ќе набројам неколку препораки за родителите и негувателите за тоа како да се надмине ова зло кај младите луѓе. Зашто, да се разбереме, фактот што младите се по цел ден поврзани со пораки, твитови, фејсбуци и разни други начини преку мобилните телефони, компјутерите и сл., тоа не е вистинска социјална комуникација, својствена на човековиот род. Тоа е виртуелна, вештачка и квазикомуникација, која во краен случај може да предизвика други лоши последици токму по здравјето.

Луѓето се еден вид глутници – ние си требаме еден на друг и ни требаат врски. Родителите и старателите играат важна улога во обликувањето на искуството со социјалната поврзаност. Токму поради тоа родителите, особено на помалите деца и тинејџерите, треба свесно и активно да преземат активности за да се надмине оваа состојба. Препораките би биле:
• Инвестирајте во својата врска со детето или со саканите луѓе околу вас.
• Сами и свесно моделирајте ги социјалните врски.
• Помогнете им на децата и адолесцентите да развиваат силни, сигурни и стабилни врски со возрасни што се супортивни.
• Поттикнете ги здравите социјални врски со врсниците.
• Бидете многу внимателни околу тоа како и колку младите луѓе го минуваат времето на онлајн комуникации.
• Идентифицирајте ги и целно намалете ги поведението и искуствата што го зголемуваат ризикот од социјална изолираност.
• Зборувајте им на децата редовно за потребата од социјално поврзување.
Сите овие препораки всушност потврдуваат дека оваа инвестиција се постигнува со „признавање дека безбедните емоционални врзувања се заштитни и се добра основа за други здрави врски“. Безбедните врски што започнуваат рано во животот со родителите или старателите се основни за социјалниот, емоционалниот и биолошкиот здрав развој во текот на целиот животен циклус. Ова рано емоционално врзување (attachment) е најбитно за развојот на децата. Тоа не е услов само за стабилен емоционален развој туку претставува и поттик за развој на фронталниот дел на орбиталниот кортекс, дел од мозокот одговорен за когнитивен развој.
Врз основа на опсежни истражувања е покажано дека емоционалните и социјалните врски се втемелени во доживотен танц помеѓу генетиката, невролошкиот развој и искуствата од околината и можат да растат и да се менуваат поради вродената пластичност на мозокот – неговата способност да „преживува“. Сигурните врски му овозможуваат на поединецот да стане еластичен, да управува со конфликти, да користи рационални когнитивни вештини, да го подобри соодветното одлучување, да ги саморегулира емоциите, да ја спречи опасната импулсивност, да им даде значење на искуствата, да го зајакне чувството на сигурност дури и во услови на неволја и барање утеха, поддршка и водство од доверливи врсници или грижливи возрасни.
Сето ова е втемелено во здравите врски што започнуваат во детството и му овозможуваат на поединецот да ужива и во осаменоста и да го цени тоа што понекогаш е сам, без да доживее осаменост и вообичаени предизвици за депресија, анксиозност, стрес, самоубиствено или самоуништувачко однесување и голем број сериозни медицински состојби. Со други зборови, да се биде повремено сам не значи да се биде и осамен!

Конечно, сигурната емоционална поврзаност е од суштинско значење за растечкото дете, а подоцна и за младото возрасно лице за да формира автобиографски наратив за сопствениот живот и личните искуства. Личниот наратив е суштински за чувството на континуитет помеѓу искуствата и е од витално значење за чувството на целина, благосостојба и кохезивност.
Накратко, здравите приврзувања го поттикнуваат растот, претставуваат заштита за поединецот и се основни за многу важни животни вештини, вклучувајќи и спречување на осаменост. Како се случува тоа? Главните компоненти потребни за безбедно приврзување ги вклучуваат овие елементи:
• Комуникацијата родител-дете е заемна, колаборативна и усогласена со емоционалната состојба на детето. Тоа му овозможува на детето да ги доживува односите како наградувачки, почитувани и потврдувачки. Започнете рано. Од детството до адолесценцијата и младоста, прашувајте ги децата со интерес и разговарајте за нивното расположение, интереси, однесување, пријатели, борби и успеси. Споделете ги и вашите сопствени искуства за овие работи, на начин соодветен на возраста. Ако ова се гледа како дел од вашата рутинска врска, долгорочно ќе се исплати.
• Дијалогот треба да е рефлективен и усогласен со состојбата на детето. Тоа му овозможува на детето да почувствува длабока поврзаност со родителот и му дава чувство дека искуствата може да се споделат. На младите им треба безбеден простор за да бидат слушнати и разбрани. Тоа значи да се биде отворен за сите нивни гледишта и да се потврди дека нивните мисли и чувства се реални и вистинити за нив. Резултатот од емпатијата и да се биде во контакт со состојбата на умот на детето го промовира детето „да биде видено“. Кога овој вид дијалог продолжува со текот на времето, тој го зацврстува внатрешното чувство на сигурност и му овозможува на детето не само да се чувствува видено туку и „задржано“ во очите на родителот. Чувството на поддржаност е фундаментално за способноста на детето да биде само но без осаменост, бидејќи го чувствува присуството на родителот дури и кога тој не е физички присутен.
• Потребно е тековно коригирање на недоразбирањата и погрешните комуникации од страна на родителот за да му помогне на детето да ги разбере болните исклучувања. Поправката на неуспесите во комуникацијата од страна на родителите бара следење на реакциите на детето, внимателност и извинување. Кога ние како родители ги признаваме и исправаме овие недоразбирања, тоа покажува дека односите не се совршени и дека прекршувањата можат да се решат. Ваквиот стил, исто така, моделира начини за детето и самото да го направи тоа – претпоставувајќи дека одговорноста и искреното извинување, на пример, може многу да помогнат. Кога не се осврнуваме на погрешните комуникации, детето останува да се чувствува само, изолирано и често збунето. Оттука, исправањето на нашите грешки ги зголемува врските меѓу нас, борејќи се против чувствата на изолација и осаменост.
• Засилување на позитивното во односите и минимизирање на негативното. Важно е да се засили позитивното во односите и да се работи на отстранување на негативните појави. Кога детето се чувствува оптимистички и се надева на односите, дури и во услови на тешкотии, тоа му помага да сфати дека со напор, исклучувањето може да се поправи. Во текот на животот постои неизбежен конфликт во односите, а решавањето на овие конфликти ја прави врската уште посилна. Потребниот напор за вклучување и решавање на работите најдобро одговара на позитивното чувство дека нешто може да се направи и поправи.

• Развој на здрав идентитет. На секој човек му треба единствен идентитет што го признаваат другите. Без солидно чувство за себе, без да бидеме препознаени од другите, остануваме само лице во толпата, невидливо. Ако сè оди добро низ овие релациски искуства, детето развива чувство за тоа кое е, што резултира со кохерентни автобиографски наративи кои се потребни.
Крајниот резултат од овие интеракции е основата за безбедни емоционални поврзувања. Многу е лесно да се види како тие стануваат основа за борба против осаменоста и ги поддржуваат другите препораки што ги наведов погоре. Инвестицијата во овој вид врска е од фундаментално значење за растечкото дете да има сигурно чувство за себе, што потоа му овозможува да се чувствува поврзано со другите (прво со родителот, потоа со многу други во својот живот), дури и кога е само. И тие можат вистински да уживаат, и во присуство на други и во нивните осамени активности со чувство на оптимизам и лична благосостојба.
Тие потоа се подготвуваат со надеж и сила да се соочат со неволји, без разлика дали тоа е пандемија, социјални немири, опасностите од социјалните медиуми, како и предизвиците што можат да произлезат од периодите на социјално исклучување.
Интернетот служеше како алатка/спас што ги поврзува луѓето со семејството и пријателите и начин да се бориме против осаменоста и изолацијата. Кога технологијата го зазема местото на односите директно лице в лице, откриено е дека ги зголемува осаменоста и исклучувањето. Принудата да се користи технологијата на крајот може да им наштети на корисниците и да придонесе за социјална изолација во реалниот живот.
За последиците од зависноста од современите технологии сум пишувала и порано, а ќе напишам и во некоја друга пригода. Денеска пораката за родителите е: борете се против осаменоста и изолацијата на децата! Покажете им колку е битна социјалната поврзаност на сопствениот пример!