Уште од антиката политичките елити ја применувале „интелектуалната нечесност“ со цел да бидат ефикасни во разубедувањето на опонентите и во убедувањето на масите, наметнувајќи ги своите идеали и намери. Препознавајќи ја оваа аномалија во општеството, Аристотел им порачал на своите сограѓани: „Биди слободен мислител и не прифаќај сѐ што ќе чуеш како вистина. Биди критичен и проценувај во што ќе веруваш.“
Несомнено е дека истите стратегии за убедување на масите и покажување надмоќ над политичките опоненти се применуваат и денес. Разликата е во тоа што денеска политичарите ги имаат масовните медиуми и социјалните мрежи.
Популизмот, најчесто дефиниран како „мека идеологија“, масовно се користи од политичките лидери и претставници за освојување или задржување на власта. Едно истражување од 2019 година спроведено во 40 демократии покажа дека популистичката реторика е двојно засилена последниве две децении и дека е присутна и во неколку развиени и демократски држави.
Посебно подложни на овој светски тренд засилен од новите комуникациски технологии се земјите од Западен Балкан, чии политички претставници покажуваат склоност спрема популистичка реторика, симпатии за авторитетни практики и насоченост кон неодржливи решенија во креирањето на јавните политики.
Истражувањето на „Гардијан“ од 2019 година покажа дека во изминативе дваесет години глобално расте популистичката реторика во говорите на високите власти, наметнувајќи политичка битка меѓу обичните луѓе и корумпираната елита.
Идеалното демократско уредување подразбира еднакви можности за слободно изразување на сите граѓани и култивиран дијалог на спротивставените страни. Во реалноста, спротивставувањата на различните политички доктрини најчесто стануваат лични битки за превласт на едната врз другата група. Така, на јавната политичка сцена доминира интелектуалната нечесност.
Спротивно од оваа синтагма, интелектуална чесност е да се има високи стандарди за вистината. Интелектуалната нечесност не е експлицитна лага, тоа значи да се биде нечесен без нужно директно да се лаже и најчесто се користи како реторичка алатка во дебатите.
Впрочем, 26 септември 1960 година е денот кога се одржа првата ТВ-дебата помеѓу Кенеди и Никсон и од тука се менува начинот на политичката трка. Моќта се префрли во рацете на кандидатот што има поголеми медиумски вештини.
Обучувајќи ги политичките кандидати, експертите за односи со јавноста им пренесуваат вештини како да ги избегнуваат непријатните прашања. На тој начин тие се обучуваат брзо да преминат преку темата и да започнат да зборуваат нешто сродно но сосема во друга насока; да го префрлат прашањето кај противникот, со што тој е ставен во дефанзивна состојба.
Такви вештини се: постмодернистичкиот пристап, свртувањето на „шега“ наместо одговор на прашањето, трампизмот (не се сеќава дека го направил тоа за што се однесува прашањето); зборување за десетина работи одеднаш; лажна аналогија, емотивна манипулација; инсинуирање факти што не се докази; цитирање гласови што се шират; искривување на податоците; тврдење дека никогаш не кажале нешто што го кажале; повикување на имиња; навредливи инсинуации; прашања стапици; рушење на противникот наместо на неговите аргументи; борба за да се добие последниот збор со цел да изгледа како победник…
Многу често и со голем ефект се користат и невербални манифестации: превртување очи; подигање глас; потсмевање…
Структурата на социјалните мрежи се темели врз психолошки тактики според кои се дизајнираат видеоигрите. Целта е да му се задржи вниманието на корисникот со тоа што континуирано ќе се движи од еден елемент кон друг, постојано барајќи задоволство од чинот на консумирањето на апликацијата.
Стратегиските комуникациски експерти на политичките партии неетички ја искористија оваа нова појава и ја претворија во механизам за политичка индоктринација, разнебитувајќи го кохерентниот политички дискурс.
Најексплицитно во текот на изминатата претседателска кампања во САД, но не само таму, бевме сведоци на астросурфинг, конструирани манипулативни кампањи што го користат „инстинктот на стадото“.
Тие создаваат илузија за широко распространета поддршка на кандидатот, бидејќи од психолошка перспектива, ставовите за одредена тема честопати се под влијание на мнозинството (бандвагон-ефект). Во астросурфингот спаѓаат и лажните профили или т.н. марионети (лажни идентитети).
Балканскиот менталитет во голема мера ја обликува јавната политичка сцена, која изобилува со емоции, кавги, лични навреди и со манипулации. Медиумите се под контрола на политичките партии, јавниот сервис свесно се држи во сива зона, доминираат црни кампањи, ботови, етикетирања, стереотипи, навреди и предрасуди, говор на омраза и лажни вести на социјалните мрежи.
Во ваков амбиент, речиси и да нема простор за цивилизирана комуникација и за бонтон во дијалогот. Просторот за дебата е претворен во арена во која соговорниците не се слушаат, не се уважуваат, не постои ферплеј и наместо обид за изнаоѓање заеднички решенија и допирни точки, целта е по секоја цена да се „победи противникот“. Во изминатиов период сѐ почесто се појавуваат медиумски содржини што немаат објективен пристап, туку се конструирани како пропагандна машинерија на одредени центри на моќ.
Многу празни ветувања и апстракции се присутни во говорите на македонските политичари: работа, одговорност, чесност, искреност, морал, вистина, пожртвуваност, иднина, успех… Или, пак, глаголи како: ќе остваруваме, ќе градиме, ќе вработуваме, ќе инвестираме… сите во идно време!
Уште еден бесмислен комуникациски пример се бомбастичните партиски соопштенија и изјави на партиските портпароли, зад кои стои група верни партиски членови, кои се полни со меѓусебни напади, обвинувања и недолични квалификации, како и секојдневно одржување по неколку прес-конференции што немаат меѓусебни допирни точки.
Како неуспешни обиди да се придобие јавноста се и пиар-потезите кога премиерот Ковачевски купуваше сендвич со мортадела од еден битолски киоск, сакајќи да покаже дека и тој е дел од народот, наспроти вистината дека со семејството летувал на Малдиви, но, ете, тие фотографии не се погодни за јавноста. Или, пак, фотографија на лидерот на опозицијата Мицкоски од салата за операции во јавна здравствена установа, иако сите знаеме дека ужива привилегии и има финансиска моќ да се лекува во приватни болници.
Единствени што имаат моќ делумно да се справат со генерално неетичката комуникација на политичарите со јавноста се медиумите. Тие можат да ги постават правилата и, секако, да бидат доследни во нивното применување. Во 2020 година, Американската дебатна комисија непосредно пред последната претседателска дебата донесе ново правило: секој кандидат ќе биде тонски исклучен во траење од две минути со цел да му се овозможи на противкандидатот да зборува непрекинато.
Моќта што ја имаат медиумите во разоткривањето на манипулативната реторика ја покажа и истражувањето на ИРЛ, кое откри фасцинантна сума од 26.000 евра потрошена од кабинетот на премиерот Ковачевски за политичко рекламирање надвор од законските уредени кампањи, безуспешно градејќи го неговиот имиџ на социјалните мрежи. Со оваа кампања, премиерот Ковачевски стана рекордер со 782 објави, кои, сепак, не предизвикаа драстичен пораст на следбеници на неговите профили.
Публиката што сѐ повеќе се сензибилизира во однос на дигиталните содржини препознава дека наместо да се нудат реални политики и услуги за граѓаните, се нуди идеализирана верзија на лидерот и негови вредности, кои не соодветствуваат со реалноста.
Истражувањето на Британскиот универзитет од Оксфорд покажа дека во Македонија социјалните мрежи се користени како алатки за политички манипулации и ширење дезинформации. Она што е значајно е дека во Македонија најмногу се шират манипулации од политички партии, со што нашата држава е вброена во групата земји во кои се користат специјализирани стратегии чија цел е дезинформирање и популаризирање политички содржини.
Јавна тајна е дека кај нас масовно е развиена компјутерската пропаганда, која денес има големо влијание врз јавното мислење, пред сѐ преку ботови, но и од лажни профили на граѓаните. Мрежниот амбиент во кој се поттикнува цензура, се дискредитира опозицијата и се потиснуваат основните човечки права ја вбројува Македонија во рангот на земји како што се Египет, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд.
Она што ни преостанува е да го развиваме критичкото размислување и да ги препознаваме манипулациите. Да не веруваме слепо на нешто што за првпат ќе го слушнеме; да ги истражиме изворите на информациите; самоиницијативна употреба на зборот „експерт“ не подразбира и квалификација; да ја освестиме „интелектуалната мрзливост“ пред напливот на информациите; да не бидеме „пасивни потрошувачи“; да ги вклучиме сопствените претпоставки и расудувања; да ги препознаеме предрасудите, стереотипите и индивидуалната парадигма; да ги користиме реномираните страници за проверка на факти (Snopes, Politifact, проверка на факти на Washington Post, FactCheck.org и OpenSecrets).
Затоа нашата порака до политичарите е дека наближува време кога ваквата разоткриена реторика ќе станува сѐ помалку ефикасна, дека доаѓа време на нови медиумски и дигитално писмени генерации кај кои перфидниот политички дискурс повеќе нема да поминува. Крајно време е да поминете од зборови на дела!
Билјана Жеревска
(Республика.еду.мк)