Македонистиката се штити во научните институции, а не со политикантски компромиси

Кога би биле нормални и достојно организирани државно-политичките односи во македонското општество, Здружението на историчарите не би било поттикнато да организира јавна трибина за „Билатералните протоколи со Бугарија и импликациите за македонската наука и образование“. Но со оглед на тоа што не се, иницираната расправа ја сметам како неопходна, ургентна и треба да е сериозно предупредувачка во однос на последиците со кои би се соочиле македонската историографија и македонистиката во целост. Особено поразителните импликации би дошле уште понагласено и во идните процеси на македонското образование, преку тенденциозните промени во наставните програми и содржини. Се разбира, штетните последици би се пренеле и преку државната поддршка на несоодветните научноистражувачки проекти, периодиката и во издавачките дејности на специјализираните научни и академски институции во Република Македонија. Во тој контекст, двата досега јавно обелоденети бугарско-македонски билатерални протоколи претставуваат своевиден дипломатски и државно-политички правилник за постапките и начинот како систематски и уценувачки да се спроведува бугарскиот хегемонистички политички диктат, а втората – македонската страна, како со принудена согласност во нашите научни и академски институции да иницира политички терор и цензурирана диктатура врз историографијата и врз македонистиката. Не верувам дека отсуствува државничка и политичка свест кај македонските „компромисни власти“ за последиците што ќе предизвикуваат притемнување на досегашните евидентни научни истражувања, а кои ги афирмираа македонскиот аспект и наратив за континуитетот на сопствениот културноисториски идентитет. Затоа и научните авторитети во земјава јавно предупредуваат за бугарските уценувачки обиди да се фалсификуваат македонската историја и македонската културноисториска традиција, јазик, литература, фолклор и сл. Ваквите тенденции наметнато ја опредметуваат актуелноста на необугарскиот хегемонизам и неоврховизмот во Македонија.

Како сериозна последица на тоа и во поширокиот Балкански Регион ќе се поттикнуваат анахроните антагонизми меѓу народите. Од тие причини, ние како актуелни македонски академски и научноистражувачки двигатели не го прифаќаме политичкото креирање вакви и слични „бугарско-македонски протоколи“, кои ги оценуваме како чисто политички и заткулисни – а и како штетни конструкти што немаат каква и да е заедничка врска со науката и со образованието во XXI век. Тоа е поразителна цивилизациска деструкција.
Сакам јасно да нагласам дека, по повеќе векови македонски државен дисконтинуитет и при чести промени на туѓи воено-политички и културноисториски протекторати, во изминатото речиси осумдецениско афирмирање на македонскиот слободен и самостоен национален и државен субјективитет – како сѐ уште современата генерација Македонци да не успеваме целосно да се откорнеме од туѓото стекнато подаништво. Живееме во современа македонска држава, а преку сопствените академски, научни, културни и политички институции не успеваме (а и доволно не правиме) за да ги афирмираме националните традиции како наш автентичен културен влог во актуелната интеграција меѓу народите. Во духот со актуелната безориентирана интерактивност во Македонија разградувачки се одразува и отсуството на македонската национална стратегија, која политички и државно ни е импотентна. Нашата генерација е должна да ја зачува Македонија како национална држава, зашто сите глобални историски искуства на Балканот сведочат дека народ што нема национална држава – е осуден на асимилација, или на раселување. А уште со асимилирана историја и културна традиција, би доживеал геноцид и би бил заборавен засекогаш. Името Македонија е препознавано низ целиот свет како древна земја, од чија историја проникнала цивилизациската идеја за глобализацијата: да се почитуваат народите со различностите и со сличностите. Низ епохите по етногеографскиот простор на Македонија се вкрстувале речиси сите глобални основоположени цивилизации и култури, а во македонскиот историски супстрат се прифаќале различните развојни искуства – но истовремено и се партиципирало со македонската изворна и повеќеслојна традиција. Следствено и ниеден современ народ, историја или култура поединечно немаат право да се прогласуваат за единствени наследници на општите цивилизациски вредности од минатото. Спротивниот однос претставува најавена ариевска идеолошка теза.

Токму балканските народи живееле низ историјата преточена со глобалните искуства во составите на повеќе големи империи, а ваквиот цивилизациски феномен ги поставувал нивните културни и јазични традиции да траат и да опстојуваат едни до други и едни со други. Но од современа дистанца на проследување, секој јазичен и културен идентитет може да се распознава преку историскиот развој како посебен придонес во дополнувањата на општите цивилизациски достигнувања. Тоа ќе помага современите народи (меѓу кои македонскиот и бугарскиот) да се распознаваат едни со други, а и да ги дополнуваат споделените духовни импресии едни за други.
Во оваа јавна пригода алармантно апелираме: да се укине политичкото претенциозно формирање на бугарско-македонската билатерална комисија за научни и образовни прашања, која има единствена цел да измислува процеси и личности од непостојна „заедничка историја“. Трагедијата е уште поголема што од двете страни како членови не се вклучени истакнати специјалисти од потесни научни области, туку изборот е политичко-подведнички, платено-конформистички, или партиско-измеќарски. Потврда за ваквиот наш став е и неодамна објавената изјава на еден од поистакнатите бугарски членови, кој јасно истакна дека во работата на Комисијата отсуствувала сериозна научна дебата – а доаѓала до израз македонската немоќна понуда за трампа: „на ти, дај ми“. Се разбира дека сериозни научни истражувачи не би се согласиле да учествуваат во такви комисии и во слични на нив ад хок „владини“ тела. Доколку на стручна основа се воделе билатералните разговори во Комисијата, тогаш зошто во „научно-стручните“ препораки како основа за меѓувладините протоколи се нагласуваат само интервенциите што треба да се одразуваат во македонската историографија и во македонските учебници? Доколку научно се расправало за историските и културните процеси во средновековието, зошто до бугарската страна не се инсистирало во нивната историографија и учебници да се прекине со именувањето и со определувањето на македонскиот етногеографски простор како „западниот дел од Првото Бугарско Царство“ – па следствено и да не се оперира со атрибуциите: старобугарски јазик, писменост, книжевност, црква и сл.“? Сериозните истражувања покажуваат дека бугарската духовна, културна, писмена или книжевна традиција историски и културолошки не може да претендира дека ја наследува изворноста на Светиклиментовата охридска духовна и книжевна школа. Во глобалниот военополитички, црковен и културен контекст, Првото Бугарско Царство имало периферна улога и влијание. Притоа, сѐ до смртта на Св. Климент и Наум Охридски, во Бугарија словенскиот фактор не бил доминантен и таму во црковниот живот преовладувало византискогрчкото архијерејство, а поголем дел од писменоста се одвивал на византискогрчки јазик. Од тие причини дошло до распаѓање на бугарската држава и до маргинален развој во Преславскиот центар на словенската духовна и културна традиција, сѐ до настанувањето на т.н. Второ Бугарско Царство на почетокот од XIII век.

Статусот на македонската национална историографија и на академскиот и образовен просперитет во современите услови и потреби не треба да се трасира преку теророт од политиката, ниту пак од пренагласените јавни амбиции на несоодветно стручни поединци по социјалните мрежи, порталите и по другите јавни средства за информирање. Македонската наука и образование треба да им се остават да ги унапредуваат и да ги афирмираат научните и академските институции во државата, за што и се формирани и за што се финансирани од македонскиот буџет. Македонската историографија и македонистиката авторитетно ќе бидат заштитени, развивани и меѓународно афирмирани преку институциите, на кои нема да им се загрозува научноистражувачката автономија преку политички изнасилените притисоци и влијанија.
Во спротивно, македонското општество и држава ќе продолжат да се загрозуваат од бугарските хегемонистички притисоци и уцени, кога во центарот на интегрирана Европа неодговорни и нецивилизирани поединци ќе ни се обраќаат нам, на Македонците: „Ние Бугарите решаваме кои сте вие, зашто ние сме во ЕУ – а вие не сте“.
Досега во современите меѓународни односи се нема случено ваков антицивилизациски преседан со тенденција за негирање и асимилација на еден народ и на неговата историска и културна традиција. Токму за да не доаѓа до слични антицивилизациски преседани и се формираа меѓународните светски институции што ќе го штитат нарушувањето на рамноправниот светски поредок, а и да ја гарантираат сувереноста на народите преку универзалното право на самоопределување и самоизјаснување.
Со односот кон македонскиот национален идентитет и со „креациите“ во претпристапните критериуми за преговори со Македонија, ЕУ се најде пред сериозен цивилизациски испит.

Проф. д-р Илија Велев