АКО ја сакаш Македонија…

Низ историјата, империите и земјите освојувачи вршат операции врз освоените народи како доктори на смртта врз живо месо, нанесуваат отворени рани и смртоносни болести врз духовниот и физичкиот статус на посебните култури. Така, со девијантно брутални судири, пристрасна поддршка на погрешното и непомирливи поделби, се зајакнува тиранијата, се уништува правдата. Сепак, остануваат водачи, учители, родители… што носат пораки како да се остане човек.
Ако можеш да сочуваш силна волја, јасен ум,
Кога неправедниот од завист под нозе те притиснува,
Ако знаеш кој си кога секој лажно важен кум
И Кума Лиса, судбина на сува гранка ти виснува;
Ако со векови не се умори, не одумре чекајќи
Правда додека ти грешеа – ни сега не паѓај
на омраза и лага, и не мрази ги лелекајќи.
Не предавај се, со докази неправда гаѓај;

Ако не отфрли идеали, но, не даваш ни да те заробат
Тие; и ако од збор никогаш до дело свое не стигнеш;
Ако извиде и светска слава, и ужаси што те дробат
А научи: тие минлив привид се, и треба да се издигнеш;
Ако истрпиш неуки, а лукави коцкари да ти местат сопки,
Да ти кршат и ’рбет и глава сметајќи те за слеп и глуп,
И гледаш: сѐ што си изградил, ти го земаат во клопки
А ти сепак се исправаш, делкаш, креваш столбови од труп;

Ако со векови си собирал сѐ благородно што си создал,
А се фалсификува по светски менувачници, и во тие игри
Губиш ти, постануваш невидлив партал, а си бил сопствен крал,
И не ти даваат ни да писнеш ни да офнеш – уста полна чигри…
Ако сепак засилиш и добро срце, мудри нерви, живи жили
Да те служат сѐ додека ѕверовите да паднат, да се повлечат
И признаат тиранија со која те ранија, те треснаа без сили,
А ти крикнеш: „Чувајте се сега“, а тие, во црно дувло клечат;

Ако успееш да се разбереш со бесни толпи, а зачуваш вредност
Или си рамо до рамо со елити лажни а важни, а не изгубиш разум;
Ако ни непријатели ни другари веќе не те газат за нивна предност,
Ако пак се кладат на тебе, но не веќе со смртни заседи по нивни друм;
И ти, оној миг, што не се простува од твоите жртви – ако го исполниш
Сал шеесет секунди потребни за доказ дека си жив на светскиот стадион,
Твој ќе остане светот и од никого не ќе треба да се плашиш, ниту засолниш,
Ти ќе си и натаму неодроден род, народен, а во меѓународен круг, мој Македон.