Жестоко се расправам во сон самиот со себе. Врескам, но никој не ме слуша. Ама кој сум јас па да ме слушаат. Ова се случува по секоја непроспиена ноќ во очекување на добар фудбалски дуел. Како во минатото. Демек, таму сѐ е подобро. Фудбалот и фудбалската магија ги следам одамна. Од Светското првенство во Чиле 1962, па до ова денешново – Мексико – САД – Канада. Не можам а да не кажам нешто во врска со волшебната магија на играта што го плени светот. Но се чини дека таа престана да биде само игра, а уште помалку магија. Гледам и не можам да се изначудам. Секој ден, секоја вечер, измачување. Веќе и не можеме да водиме евиденција колку играчи ја играат играта ниту колку судии судат. Или… ние сме презаситени од фудбалски настани. Да се разбереме, тоа е мое видување и моја грешка доколку не сум во право. Впрочем, демократски е да мислам и размислувам, а сето тоа да го кажам во сон. Демократски е дури и да се карам сам со себе. Чинам, мака мачат актерите на теренот, но и ние гледачите и публиката, која живее за величествениот четиригодишен фестивал. Сцените ме враќаат во времето на Римската Империја. Долу гладијатори, кои се борат за гол живот (со над 200 и кусур натпревари на годишно ниво), горе народот, кој бара да го излее својот гнев врз маките што секојдневно го дробат. Есапот ќе стаса малку подоцна. За големците, посебни ВИП-сепариња со послуга и пијачка. Така треба. Тие го заслужиле тоа бидејќи со својот изграден имиџ носат купишта пари во благајните со кои раководи којзнае кој или едикојси претставен во ликот на падроне Инфантино. ФИФА и Шакира ќе издвојат сума пари за сиромашните. Не знам колкава ќе биде наградата за умот што ќе најде лек за ракот и ќе спаси многу животи.
Се вративме на леб и игри како во стариот добар Рим. Овој пат големиот колосеум е на американска почва. Вистински визуелен спектакл. Гладијаторите се жедни и уморни пред сѐ од следење на правилата, кои постојано се менуваат. Постојано се активни луѓето од административниот апарат на ФИФА. Играта се претвори во стратегија, а стратегот е менаџер што се става пред актерите на теренот. Фудбалерот не смее, освен оној поддржан од стратегот, да прави потег повеќе. Штом ќе се довлечкаат до противничкиот шеснаесетник со игра мене – тебе, сите гледаат во него бидејќи тој е човекот на одлука. Тој е талент бидејќи го бива и мисли со својата глава. Системи, системи, а играта шаблон. Глобална кројка. Гледај една средба, како да си ги гледал сите. Личат една на друга. Светски првак едвај излегува накрај со остров од 76 луѓе (секако дека се шегувам, ама па и не е шега). Беља е што малите тимови не играат по шаблон. Тоа ги збунува фаворитите, кои се придржуваат кон упатите на стратегот. Малите мајсторски го разбиваат системот што тој го замислил. Човекот пренесува знаење на стотици семинари. На теренот, креативците се сѐ поретки и скапоцени. Некои ја ситнат и четириесеттата. Ете до каде стасавме. Денес актуелни се теретаните. Се бараат атлетската градба, широки раменици и напумпани бутки. Игра? За нас што сме виделе сѐ, ништо од сето тоа. Само измачување за систем во кој што никој никого не може да надигра. Сите некако се провлекуваат. И шампионските тимови – фаворитите и малите екипи што „штотуку заодуваат“. Важно е ФИФА да се шири. Сѐ почесто има случајни голови без изработени акции. До гол се доаѓа преку киксови на играчи или од слободни удари. Порано голманот не смееше да се допре. Сега кутриот не знае од која страна некој ќе му скокне во џигерот. Нека ми биде простено, ама јас знам само за систем со офанзивни бекови, со еден офанзивен халф и петмина напаѓачи. Крила, полутки, центарфор, а не бројки. Сето тоа се ширеше во палета, со дриблинзи и потези за помнење, ритам поткрепен со таламбаси и без пеливани (борачи). Имаше игра и играчи, а не грчко-римски стил. Голем број судии на натпревар. Тие и сами се збунети од мешаниците во шеснаесетникот и од одлуките што ги носат оти тука е ВАР-системот, кој сурово ги надгледува. Ама и тој дејствува како–кога. Човекот како да не може без сомнежи.
Во секој случај, тажно е да се следат борците што користат кечерски зафати. Сето тоа се претвори во мешаница без креативност и мајстории. Не дај боже да се најдеш неподготвен во момент кога се изведуваат слободни удари и корнери. Половина од учесниците се стркалани на тревата. Другата половина се преправа. Тоа е најинтересно. Се чини како светот да заглави на развојниот пат. Како да запре во некоја слепа улица. Ова важи и за фудбалската игра.
На последниот самит на НАТО во Анкара има најави со кои за Украина ќе бидат издвоени 150 милијарди евра или долари, сеедно, за одбрана од Русија. Што сила ќе беше оваа Русија, та против неа се накрена целиот западен свет? Или таа е испровоцирана воено да интервенира или другите, од кои повеќе од половината веќе беа под руска надлежност, замислуваат сценарија. Гневни се на минатото. Германија беше поделена, сега е цела. Пак нешто ѝ фали. Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Чехословачка, Бугарија, Романија беа во Варшавскиот воен сојуз и се колнеа во СССР. Збунет сум, навистина. Повеќе не ми е јасно кој војуваше во Втората светска војна и против кого? Каде исчезнаа Русите во овие триесет и кусур години од паѓањето на Берлинскиот ѕид? Беа домче. И… го растурија Варшавскиот воен сојуз и ги „ослободија“ земјите што поитаа под пазувите на новиот стопан. Ајде да речеме дека стана губитник во Студената војна. Сега што понатаму? Зарем и поразена е опасна? Се разбира, парите што треба да ѝ се дадат на Украина треба да донесат долгоочекуван мир, но со чиј пораз? По дефиниција на макијавелистите, оружените судири се увертира за иден мир. За каков мир ќе стане збор со толку гробови на плодната руско–украинска почва? Крвта секогаш заживува.
Некој ќе каже дека и така нема за што да се потрошат лесно заработени (печатени) пари. Мирот е светост, а војната профит. Каде е тука марифетот? Патем, луѓе што живеат и работат по европските земји кажуваат дека контејнерите се често посетувани места. Има и редови за клима-уреди. Не ќе е дека ја презеле економската логика од европските држави што не се во Европа ама „никогаш “ ќе бидат. Зарем и таму стасаа до крајот на патот наречен демократија? Мудро е да се свести секоја од страните инволвирани во конфликтот. Се чини дека Западот сѐ уште не може да го разбере менталниот урнек на источниот свет. Инаку, сигурно не би чекорел по тенкото сечило на мечот. На земјата има место за сите. Што се случи со фер конкуренцијата и чесниот натпревар во пазарната економија? Од каде потребата од нови пазарни инструменти како паралелната економија? Измислени игри на моќниците за да ги полнат контата со мангари спечалени со еден потег на средниот прст со палецот? Од фудбалот, сонот ме префрли во политиката. Потоа чудесна светлина падна врз ќор-сокакот и јас се разбудив. Кавгата со самиот себе не заврши. Бев за Бразил, Бразил ме отепа. Зошто? Едноставно, не остана ништо од магијата на самбата. Почувствував примеси на „катаначо“ или игра со прескок на средината. Те советувам помалку да тропаш, ми вели моето второ „јас“. Замолчи, човеку, и врати си се во сонот. Таму демократијата е навистина демократија.
Љубомир Јованоски

































