Нема проблем без решение. Тоа е сосема јасно. За ова, не сакам да зборувам. Излез нема само од смртта. Сѐ друго се решава, вака, така или онака. Прашањето е дали сакаме да решиме некој проблем и какви резултати очекуваме од евентуалното решение? Во теоријата на менаџментот проблемите не се решаваат поради две основни причини, притоа се мисли на кои било проблеми, какви било проблеми, од лични до државни, меѓудржавни и светски. Прагмата во суштина не прави никаква разлика во формата и содржината на проблемите. Првата причина е немањето мнозинска волја за решавање на некој проблем и втората е страв од последиците што ги носи тоа решение. Во првиот случај на државно ниво, кој погрешно се смета за поважен и потешко остварлив – мнозинската волја, се создава лесно и едноставно. Особено во демократија. Го ставате проблемот на листата на изборни прашања, добивате мнозинство и готово – може да почнете да го решавате. Но вториот случај – стравот од решението, најчесто е онаа сфера во која се испреплетени политички и економски интереси, антагонизми, идеологии, неверици и на крајот сите оние особености на човечката потреба за задоволување на личните и амбициите на мали групи луѓе. И, за жал, најлошиот сојузник во решавањето на проблемите – суетите на политичарите, кои, да не се лажеме, ги поседуваат инструментите и средствата за решавање на проблемите. Општеството е драма, општествените односи се сценарио и во нив, како и во драматургијата, нема безизлезна драмска ситуација. Да не го викам повторно Аристотел на помош. Нема пак да проверуваме работи што сто пати се покажале како дадени вистини еднаш и засекогаш.
На Македонија во сферата на медиумите итно ѝ се потребни законски измени што недвосмислено, конкретно и категорично ќе го ограничуваат ударниот термин (prime time) на националните радио и телевизиски дифузери со задолжително програмирање содржини од сопствено производство, но и со нарачки од надворешни независни продуценти и продукции на играна, документарна, мозаична и содржина за деца и млади. Предлагам во телевизиското време од 18.30 до 22.30 часот, секој ден, националните телевизии да мора да програмираат најмалку сто минути телевизиско време на играни содржини произведени во Македонија и на македонски јазик. Дополнително треба да се дефинираат форматот и програмското време на содржини за деца и млади и посебни целни групи. Сето ова важи и за медиумите на албански јазик, само што, ако сме објективни, поради малиот број гледачи и огласувачи, шансите телевизија на албански јазик да живее од реклами се помали од теоретски. Ама тоа е друга тема и јас во тоа не сакам да навлегувам. Не сакам фокусот да отиде на друго место. Ако сакаме вистински промени, мора да направиме прецизна регулација на односите сопствеништво–менаџмент-новинарска соба/уредништво, кое ќе поттикне систем на професионализам и кариеризам, кои во основа се предуслов за слобода во производството на вести и информативна содржина. За да се поттикне, а потоа и да се одржи развојот, задолжителна е партиципацијата на националните телевизии во финансирањето и продукцијата на проекти финансирани од Агенцијата за филм и создавање неколку регионални фондови што ќе го поттикнат дисперзирањето на продукцијата и развој на мала, но динамична телевизиска индустрија, што е предуслов за развој на каква и да е филмска, креативна и индустрија на новите медиуми.
Дилетанти, кариеристи и неколку тесни интересни групи што ја имаат „банката“ во државната кинематографија и државната телевизија, три децении се обидуваат во мала земја како Македонија одделно да развиваат телевизиска, одделно филмска, а одделно креативна и индустрија на новите медиуми! Резултатите ги гледате сите. Нема ни едно, ни второ, а ниту трето! По примерот на скандинавските земји треба да направиме вмрежување на сродните медиуми во еден систем, кој во краток период може да се развие себеси, но и да го поттикне развојот на една голема група индустриски и уметнички гранки. Овој систем ќе го инкорпорира огромниот и неискористен потенцијал во литературата, театарот, сликарството, вајарството, графиката, музиката и звукот и општо во развојот на нови наставни предмети во средните училишта и универзитетите по применети, сценски и визуелни уметности. Ова вмрежување има потенцијал да иницира развој на техничкото занаетчиство, да поттикне создавање и одржување на неколку студија за звук, слика, специјални ефекти и технички сервис. Дисперзијата ќе ги поттикне туризмот, транспортот и угостителството. Но најважното од сѐ – ќе се создаде ново естетско обликување на етерот и јавниот простор со пристојни и достојни визуелни вредности, кои ќе бидат реална еманација на Македонија и Македонците. Дел од новите законски измени треба да ги интегрираат авторските и сродните права, за најпосле творците и уметниците да почнат да живеат од своите дела, што дополнително ќе го мотивира творештвото во сите сегменти. Паралелно треба да се направат потребните измени на Законот за телекомуникации, за најпосле кабловските оператори да почнат да им плаќаат на националните медиуми за дистрибуцијата на нивните програми. Не знам зошто треба да продолжиме да прифаќаме годишно од македонскиот телекомуникациски и медиумски пазар надвор да се одлеваат повеќе од сто милиони евра, а да не бараме дел од нив да се вратат назад и да се инвестираат во развојот на националната медиумска индустрија? По примерот на земјите што се мнозински сопственици на двете најголеми телекомуникациски компании кај нас.
Дали ова значи дека реално на пазарот нема да може да опстанат повеќе од две национални приватни терестеријални телевизии? Да. Дали тоа е проблем? Не. Ако не е проблем за Хрватска, која има две телевизии, зошто би било за нас? Дали тоа значи технолошки проблеми? Не, значи, технолошки развој. Ќе се стандардизираат ХД-продукција и ХД-дистрибуција. Ќе се крене нивото на технолошкиот развој. Дали тоа значи дека некој ќе остане без работа? Не. Двете телевизии што би работеле ќе мора да направат дополнителни вработувања, според мерит-систем, затоа што некој ќе треба најпосле да работи и да произведува своја програма, а тоа бара образование, знаење и вештини. И да, МРТВ има акутна потреба од 500 нови вработувања. Петте приватни телевизии во овој момент имаат околу 600 вработени. Значи, нема да постојат никакви социјални тензии. Напротив, ќе се случи бран на вработувања на млади и квалификувани луѓе што ќе доаѓаат од универзитетите за медиуми и уметности, но и од техничките и факултетите за маркетинг и рекламирање. Ќе се крене интересот за студирање на катедрите за применети уметности, каде што сега едвај врзуваме семестар со семестар со по десетина студенти во група. Ќе се развијат департментите што се сервис на телевизијата и филмот. Сѐ ќе биде подобро. Ама баш сѐ.
На крајот го вклучувам „ЦРВЕНИОТ АЛАРМ“: телевизиската и филмската индустрија во Македонија имаат просечна старост на креативци и техничари од плус четириесет и пет години! Ние умираме. Ако ниту ова не може да ве освести, тогаш бадијала ги пишувам овие редови!
За да нема интерпретации дека протежирам рестрикции, забрани и ограничувања, предлагам време за приспособување, адаптација и подготовки на медиумите, дифузерите и институциите, кои ќе направат евалуација и регулација. Сметам дека период од дванаесет месеци е сосема доволно за секој што мисли дека поседувањето национални медиуми е само право и привилегија да ги измери сопствените потреби, можности и реално да се соочи со фактот дека секоја голема привилегија носи и поголеми обврски, кои, да не им цртаме, се нарекуваат општествена одговорност и јавен интерес! Не знам зошто треба да ни биде непријатно да побараме тие што од ова земја и од овој народ земаат најмногу, најмногу и да вратат?! Веројатно разбравте дека и по триесет години, време оставено на нивната свест и совест, сами и доброволно немаат намера да направат ништо, кое на крајот од сѐ, ќе им врати ним повеќе и подобро од тоа што сега го поседуваат.
П.С. Во следната колумна ќе направам шематски приказ со бројки и очекувани резултати на системот на вмрежување. И тука завршувам. По вторпат во пет години на истата тема. Ако е и од мене, доста е. Што и да се случи понатаму, барем знам дека сум кажал, прекажал, пишувал и допишувал. Имам чиста совест. Пред себеси, пред професијата, пред студентите и пред судбината. Сето ова на еден или на друг начин е кажано во различни пригоди, на различни места, на различни политички и економски центри на моќ, лево, десно и во центар. Овие промени се можни само со општ консензус. Оти, нели, кажавме дека убавина со сила не бидува.
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“
Јани Бојаџи
































