„Кој е, всушност, Димитар Ковачевски?“

Зошто премиерот Димитар Ковачевски има пресериозен проблем со легитимитетот? Веднаш по локалните избори дојде до едно чудно и бизарно повлекување на дотогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, од политиката. Иако социјалдемократите се обидоа да ја завртат целата ситуација во поинаква насока, па се зборуваше за некаков врвен морален чин или за одговорност кон граѓаните и нивниот глас на локалните избори, сепак многу нешта останаа неодговорени и сè уште висат во воздухот.
Особено интересни за јавноста се одговорите на прашањето кои беа „повисоките од горе“ што го „спремаа за функција“ Зоран Заев, потоа за чудните среќавања во Грција, кога, според неговото лично признание, нелегално ја преминувал границата за да оствари политички средби, сите аспекти на „Шарената револуција“ и улогата на СДСМ во тој период, кумановските настани од 2015 година и вовлеченоста на Зоран Заев во нивното планирање, дури и последици, разнишувањето на постулатите на Охридскиот рамковен договор, тиранската платформа, улогата на странскиот фактор во неговото наметнување, СЈО и логистиката од СДСМ за неговото востоличување, функционирање и корумпирање, настаните од 27 април и последователните политички процеси, Преспанскиот договор, „осумтемина“ од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, мртвороденото „конгресно“ ВМРО-ДПМНЕ, производството на марихуана и измената на законодавството околу овој наркотик, но и претседателските избори од 2019 година и парламентарните избори од 2020 година, кои оставија премногу контроверзии и неодговорени прашања.
Многу поинтересна за јавноста е неговата сегашна улога во раководењето со СДСМ и со Владата. Распонот на одговорите тука е од „Заев целосно е повлечен“ до „Заев е газдата на ,куклениот театар’“ (јас сум застапник на вториот став). Се разбира, тој нема потреба да одговара на прашањето што мислел со „едно евро за Вицето и уште едно за црквата“, затоа што совршено ни се јасни неговите почетоци и рани трудови. Не мора да одговара ни за корупцијата околу 1ТВ, затоа што Бојан Јовановски, алијас Боки 13, ќе ни ги раскаже сите детали, особено за тоа каде и како завршила веќе неславната брендирана чанта „луј витон“.
Но со Зоран Заев ќе се занимава во иднина политичката и историската наука, секоја од свој аспект, а особено правната наука, но од применет аспект, низ судските процеси. Темата на оваа колумна е Димитар Ковачевски, петтиот лидер на СДСМ, ако земеме дека партијата е основата на 20 април 1991 година и дека нема никаков континуитет со Сојузот на комунистите на Македонија (освен имотот на некогашната единствена партија).

Проблемот со легитимитетот на Димитар Ковачевски лежи во фактот што тој за македонската јавност беше политичка непознаница сѐ до неговото миропомазание од страна на Зоран Заев. Македонската јавност не знае кој е Димитар Ковачевски, која е неговата биографија, кои се неговите вредности, ставови и принципи, како ги градел своите политички ставови, кои се неговите политички и лични херои, кои книги ги читал, кои медиуми ги следи и секој аспект на јавен интерес околу еден лидер на стожерна партија во Македонија, каква што е СДСМ.
Попусто беше целокупната фарса околу внатрепартиските избори кога тие никого не можат да убедат дека е спроведен изборен процес, а уште помалку дека неверојатни 40 илјади луѓе излегле на некакви внатрепартиски избори и го дале својот глас за човек кому сè уште во Македонија му ги учат името и презимето. Да не зборуваме за срамниот факт дека тој цели шест месеци не излезе на пратенички прашања во Собранието, а завчера наместо седница со пратенички прашања, следевме една комична и нервозна рашомонијада, каде што врв на гротеската беше обвинувањето од премиерот дека некако опозицијата е виновна за отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ и најавата дека Владата ќе отворала македонски културен клуб во Благоевград. Исто така, лидерски дуел помеѓу претседателите на двете стожерни партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не сме виделе откако Ковачевски е дојден на функцијата (или наметнат на функцијата, сеедно).
Димитар Ковачевски не може да биде ниту лидер на СДСМ, а уште помалку македонски премиер, сè додека тој не се стекне со изворен легитимитет од граѓаните, потврден на демократски избори. Тоа е суштината на неговиот проблем.
И тука не зборувам теоретски, како некаков политички филозоф од академската кула од слонова коска, туку најпрактично. Во македонската политика веќе еднаш се судривме со ваква ситуација, кога Бранко Црвенковски стана претседател на државата и се повлече од функциите премиер и лидер на СДСМ. Најпрвин за премиер беше избран Хари Костов, претставен како идеално решение за претседател на владата поради неговото искуство како успешен менаџер на Комерцијална банка. Демек, имајќи предвид дека најкрупните предизвици за Македонија се економските реформи, еден докажан стопанственик ќе ја изнесе земјата на пат кон економски раст. Тоа така може да биде само во светот на бајките, но во светот на политиката постојат поинакви правила. Со владата може да раководи само личност што има најголема политичка доверба од граѓаните и несомнен политички легитимитет. Проблемот на Хари Костов беше што повеќето министри од неговата влада имаа многу поголема политичка моќ од него, па тој не можеше да го наметне својот авторитет.

Целосниот слом дојде кога премиерот Хари Костов не успеа да го разубеди министерот Агрон Буџаку да се откаже од штетното отуѓување на земјиште на самиот плоштад „Македонија“ во Скопје, по цена од скандалозно едно евро по квадрат и со урнебесни зделки каде што беа вклучени сликовити ликови како овчарот Иснифарис Џемаили. Хари Костов тогаш ја донесе најмудрата одлука и се повлече од премиерското место, па му се врати на банкарскиот занает.
Нешто слично му се случи и на Владо Бучковски. Тој победи во внатрепартиските битки за лидерскиот трон на СДСМ, но тој не отиде веднаш на избори за да си го потврди премиерскиот мандат и да се востоличи како лидер на СДСМ. Тоа ќе му дадеше можност да ги преустрои СДСМ по свој терк и да создаде влада со негов личен печат. Наместо тоа, целиот негов авторитет брзо се стопи во битките со веќе разбудениот ВМРО-ДПМНЕ, но и во внатрепартиските одмерувања на силите со Радмила Шекеринска и со тогашниот претседател Бранко Црвенковски.
Сега повторно минуваме низ истите премрежиња со Димитар Ковачевски. Ни тој ни неговата влада немаат никаков политички и демократски легитимитет. Доколку сака да опстане на политичката сцена и да биде многу повеќе во македонската историја од една фуснота на крајот на поглавјето за владеењето на Зоран Заев, Димитар Ковачевски треба што поскоро да излезе на избори, да претстави пратенички листи со неговиот внатрепартиски тим од СДСМ, па доколку победи на изборите, да оформи влада што лично тој сам ќе ја составува. Сè додека не излезе на избори и не го поведе СДСМ во изборна победа, сите сомнежи на јавноста за неговиот личен капацитет, политичка тежина, врски со Заев и така натаму имаат огромна тежина.

Да не зборуваме, пак, дека во меѓувреме избувна војната во Украина, светот влезе во страшна економска, енергетска и прехранбена криза, а уште не се надминати последиците од пандемијата и сите социјални, економски и политички предизвици што ги предизвика коронавирусот. Се најавува и огромен аранжман со ММФ од безмалку една милијарда евра, една десеттина од годишната македонска економија и синџир околу вратот на целиот јавен сектор и јавната потрошувачка, па редно е и граѓаните да се прашаат дали се согласуваат да се вратат во сивите и сиромашни 1990-ти.
Оттука, Димитар Ковачевски е на потег. Секој изминат ден од неговото извршување на премиерската функција, без изворен демократски мандат, е само подлабоко тонење на СДСМ и топење на неговиот личен рејтинг. Сите муабети што ги пуштаат нивните пиар-центри дека неговиот избор бил некаква длабоко обмислена стратегија се празнословие и повеќе обид да се убедат себеси дека имаат некаков план, отколку да ги убедат граѓаните. Предвремени парламентарни избори ќе ги развеат сите магли и ќе ги решат сите дилеми, а и ќе ни дадат и конечен одговор „кој е, всушност, Димитар Ковачевски“.

Автор: Ивица Боцевски