Со заедничка презентација во Софија и во Скопје преку апликацијата Зум, ќе биде претставен нов клуб на бугарско-македонско пријателство, објави БТА. Презентацијата ќе се одржи истовремено од Националниот прес-клуб на БТА во Софија и од Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, а на неа ќе биде претставена и основачката повелба.

Меѓу основачите на клубот од бугарска страна се: писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени Кнев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Гардев, советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања Михаил Иванов, а од македонска страна филозофката Катерина Колозова, политикологот Љупчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Зајковски и поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски, според информациите на БТА.

Меѓу основачите се и три организации на македонските Бугари – Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС), Културно-просветното друштво „Вардар“ и Здружението на граѓани за промоција, издаваштво, иницијативи и меѓународна соработка „Дело“.