Мојот ум функционира чудно. Од крајно бесмислени детали гради неверојатно интересни приказни, кои некогаш знаат да станат и книжевност. Исто и со информациите. Сеедно дали се небитни или суштински, мојот ум ги прифаќа со радост и потоа со нив гради светови и авантури, но извлекува и откачени заклучоци.
На пример, одам на гласање. Мојот ум аздисува. Ме напаѓа со тешки размисли за иднината на Нордистан, ми црта скици на машини за патување низ времето напред каде што седи сексапилната иднина со високо прекрстени нозе како Шерон Стоун во „Основен инстинкт“.
Сакам да му заповедам барем за миг да замолчи, ама тој ми истура врз глава куп прашања што не заслужуваат одговори. Дали мојот глас ќе им ја упропасти иднината на нордистанците? Дали утре ќе можам да се погледнам во огледало и да си речам, ете, им ја срушив иднината со пенкало? Дали мојот глас против иднината всушност ќе биде како да сум извадил едно шрафче од нивната моќна временска машина, па таа, на пат накај запад каде што изгрева сонцето, наеднаш зарибува? Дали всушност јас ќе бидам она безобразно парче мраз што удира во нивниот брод, кој со фрлено сидро плови напред и така им ја претворам замислената иднина во „Титаник“?
Наеднаш застанав со намера да му влепам воспитна шлаканица. Умот ја извлекува раката од џеб и фрла кон мене два збора што ме удираат по нос. Тоа сосема ме збунува. Тој, умот, ја користи мојата збунетост, скока назад во времето каде што среде речница седи Шерон Стоун, па тивко, заводливо ја прашува, „Дали сакаш да одиме на романтична вечера?“. Шерон му се насмевнува, вели, „Баш се чувствував глупо како метафора за сексапилна иднина, со задоволство ќе дојдам со тебе“, па го фаќа мојот ум под рака и заминуваат. Ме оставаат сам на сред улица сосема збунет и обезумен. Се наведнав и ги зедов оние два збора со кои умот ме удри по нос. Гледам во нив… чучулиги и џунџулиња. Што, по ѓаволите, да правам со овие два збора? И зошто токму чучулиги и џунџулиња, а не, што знам, клукајдрвци и темјанушки?
Продолжив накај гласачкото место. Зошто чучулиги, побогу? Можеби затоа што чу-чу е ономатопеја за воз. Да, јас како дете уживав да се возам во нив. А џунџулиња? Хмм, никогаш не сум бил нешто посебно опседнат со цвеќиња, освен ако не станува збор за цвеќиња на злото, името на розата, дива орхидеја, скршени цвеќиња, дамата со камелии, пурпурната роза од Каиро и така натаму, ама џунџулињава… стварно не зн… џун… џун… А-ха, ми текна! Јуни… на англиски џун (june), па јас неа ја запознав тој јуни во купето на возот и… Прекрасно! Може тоа треба да го направам, откако ќе гласам, да седнам на воз и додека се возам низ сегашноста, заборавајќи на… на тоа дека во Нордистан веќе нема возови. Нема, не возат. Или можеби се обидуваат да возат, ама или не стигаат на својата цел поради нашите шини или ако стигнат, а ти си во нив, буквално си се возел кон иднината, затоа што во меѓувреме си остарел. Можеби треба да појдам во соседна Србија или Бугарија и таму, на воз и… Е не можам. Не можам никаде. Затворен сум во Нордистан поради овие што ме носат во иднината. А-ха, не ме пуштаат да мрднам затоа што не ми важи важечкиот документ, а новиот ќе го извадам…, па во исто време кога оној што тргнал со воз низ Нордистан стигне на целта, односно кога двајцата ќе сме веќе стари.
Враќајќи се во реалноста, гледам дека стојам пред училиштето каде што гласам, пушам цигара и сфаќам дека поминале десет минути, а јас веќе сум гласал. Ха, види како мојот аздисан ум знае да ми одземе парчиња од здодевното битисување испраќајќи ме на чудни патувања.
Така е и со информациите што тој ги процесира низ мене, понекогаш и против моја согласност, за јас преку нив да извлечам заклучоци за светот во кој живеам и ме опкружува. Еве ви пример! Навечер, по осумчасовна креативна работа што ме исцрпува, сакам да го исклучам умот. Да гледам филм или фудбал без умот да ми додева. Или ако не гледам филм или фудбал, само да вртам ТВ-канали, светот да се тркала пред мене, а јас да не го забележувам. Тука умот краде детали од она преку кое јас „претрчувам“ и ми ги сервира под нос.
Како пред некоја вечер. Еден ден по избори и губењето шанси на Ливерпул да се бори за титула. Го исклучувам умот и вртам канали. Безобразникот на двапати, без моја дозвола се вклучува и ме полни со информации преку кои, малку подоцна, добивам јасна слика за тоа како функционира тука и таму, односно дома и светот.
Информација број еден. Емисија „Заспиј ако можеш“. Некој од колосите на интелектуалната бижутерија напишал дека Гордана Силјановска е националсоцијалист. За оние што не знаат, националсоцијалистичка е партијата на Хитлер, што значи дека Гога е нацист. А затоа ли Гордана Силјановска некако попреку ја гледа Рашела Мизрахи? Е па, велам јас дека треба да се свртиме кон Русија, а Путин и тука да спроведе денацификација. А? Што викате? Неверојатно, нели? А бе ни избори уште не завршиле, ама интелектуалната бижутерија си почна со своите налудничави наративи со кои ќе нè засмејуваат наредните години. Мене само ме радува што се ребрендирале во Народниот фронт на Јудеја, не… во Јудејскиот народен европски фронт, не… во…
Информација број два. Геополитичка дебата на српска телевизија. Борел изјавил, парафразирам, дека Русија е обична бензинска пумпа што има нуклеарка. Јас запаѓам во восхит, па воскликнувам, а-ха, значи остарениот изветвен бордел Европа полн со стари и веќе здодевни блудни приказни, си ги исклучи нуклеарките одејќи по паметот на Грета Тумберг, па сега нема бензин за да патува низ времето и да стигне во реалноста што ја опкружува. Добро би ѝ дошла некоја обична руска бензинска пумпа. Исклучувам телевизор и вадам заклучок од двете информации. Интелектуалната бижутерија и нејзината партиска опција, навлечени на омраза кон својот народ и политичкиот противник, додека спроведуваат геноцидни наци-договори против Македонија, започнаа да халуцинираат нацисти кај своите противници, тормозејќи нè со мантрата дека ќе нè носат во иднината, среде ЕУ, која е толку сериозна и моќна што Шолц во Кина е примен од заменик-градоначалник на мал град, но и стабилна, држи до својот збор, па Макрон вчера ќе маршираше против Русија, ама денес вели дека не сака Европа да е вазал на САД или метафорично кажано, си го сечеме коренот за да тргнеме на пат кон илузија, а реално истрошена приказна, но одбиваме да застанеме на бензинска пумпа, оти горивото да ти било руско, па треба да продолжиме да се возиме на лаги и привиденија.